Среда, 30 Март 2022   
130 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА АКАДЕМИК СИНИША СТАНКОВИЌ – ОСНОВОПОЛОЖНИКОТ НА ХИДРОБИОЛОШКИОТ ЗАВОД ВО ОХРИД

1asta1

Академикот Синиша Станковиќ е роден на 26 март 1892 година во Заечар, Србија. Меѓутоа, неговиот дедо по потекло бил од Македонија, од селото Пожаране, Гостиварско. Честопати пред научните работници на Хидробиолошкиот завод, професорот го потенцирал своето потекло, а тоа особено било изразено во последните години од животот. Во една пригода пред научниците од Заводот рекол дека има причини зошто го сака Охридското Езеро, Охрид и Македонија, бидејќи и во него тече македонска крв, а потоа ја раскажал историјата на своето потекло.

Имено, заради незгодите што ги имал со турските власти, неговиот дедо уште во раната младост заминал од родното Пожаране. Патот го одвел во Заечар, каде што работел како фурнаџија, а истиот занает му го пренел на Ѓорѓи, таткото на Синиша. Во тоа време од фурнаџискиот занает многу добро се живеело, затоа таткото бил релативно добро ситуиран и бил во можност да го испрати својот син да учи средно училиште во Заечар.

Синиша со успех го завршил основното и средното образование во родното место, но уште како дете имал афинитет и голема љубов кон музиката и кон фолклорот. Како гимназијалец свирел на флејта, а од неа не се одделил ниту како студент, а и подоцна. Заедно со професорите од Универзитетот свиреле во оркестарот и тоа најголем број концерти на Коларчевиот универзитет и пред студентите.

Многу ја сакал народната музика, а особено македонскиот мелос и често сам или пред студентите пеел македонски песни, а најчесто од сите македонски песни ја пеел песната „Билјана платно белеше на Охридските Извори“.

Животниот и развојниот пат на научникот од светски глас, етнолог, еколог, револуционер, општественик, академикот проф. д-р Синиша Станковиќ е тесно поврзан со изучувањето на Охридското Езеро, со Охрид, Македонија, биолошкиот подем и со афирмацијата на научната мисла во македонското општество. Неговото име е мошне тесно поврзано со постоењето и со конституирањето на поранешна Југославија. тој бил вљубеник во Охридското Езеро, „македонското море“, како што го нарекуваше, вљубеникот и заштитник на мајката природа. Беше основач на Хидробиолошкиот завод во Охрид и на лимнолошките истражувања во Македонија.

Академик проф. д-р Синиша Станковиќ е великан во лимнологијата и во научната мисла воопшто. Неговата научна и политичка активност биле единствен израз на неговата личност. Тој бил прогресивно ориентиран професор; еден од оние универзитетски професори кои му дале непроценлива помош и поддршка на напредното студентско движење во поранешна Југославија, особено на Белградскиот универзитет. Бил познат биолог во целиот свет и научник од светски глас.

Во текот на Првата светска војна, во српската војска во чиј состав биле приклучени голем број Македонци, кога се воделе историските битки на Кајмакчалан и на таканаречениот Солунскиот фронт, професорот Станковиќ вршел хумана дејност. Имено, во текот на 1915 година бил назначен за професор по билогија на Велешката гимназија, во градот кој во тоа време претставувал вистински крстопат на војните, на политичките и на економските збиднувања, во времето на распарчувањето на Македонија. Всушност, тоа била повторна средба со Македонија, зошто Станковиќ уште во текот на студирањето, заедно со студентскиот хор од Белград, го посетил Скопје каде што настапил со својата флејта и ги покажал своите високи музички квалитети.

Во текот на 1916 година, со реорганизација на српската војска, бил упатен во Франција, во градот Гренобл, каде се запишал на факултет и ги продолжил студиите по биологија. Бидејќи добро го познавал францускиот јазик, без проблем и веднаш се вклучил и се адаптирал на новата средина. По две години, во 1918 година, со успех ги завршил своите студии по природни науки на Универзитетот во Гренобл. Неговата научна и интелектуална способност била крунисана во 1921 година, со одбраната на докторската дисертација, што ја одбрани на француски јазик. Инаку, треба да се истакне дека професорот Станковиќ, покрај францускиот јазик што му беше „втор“ мајчин јазик, зборувал и се служел со англиски,  германски и со руски јазик, како во науката, исто така и во обичниот живот.

Како доктор на науки се вратил во Белград во 1921 година, каде што бил избран за асистент по биолошки науки на Белградскиот универзитет, по две години за вонреден професор, а во 1934 година за редовен професор на Универзитетот и бил еден од најценетите педагози, водејќи настава по повеќе зоолошки дисциплини во периодот од четириесет години, па сè до 1962 година кога бил пензиониран.

Според податоците од академик Синиша Станковиќ, тој за првпат дошол во Охрид во 1922 година како доцент на Белградскиот универзитет. Откако го видел Охридското Езеро станал вљубеник до крајот на својот живот и остана ненадминат познавач на езерскиот жив свет. Меѓутоа, за важноста на Охридското Езеро знаел уште како студент, од проучувањата на голем број светски научници кои имале извршено обемни хидролошки, флористичко - фаунистички, лимнолошки и други проучувања на Охридското Езеро и на неговата околина.

Било докажано и заклучено дека Охридското Езеро е многу старо, а е старо најмалку два милиони години и богато со особен растителен и животински свет кој живее само во Охридското Езеро или во еден тесен регион околу него. Извесен број растенија и животни се сосем идентични или блиски на некои фосилни остатоци на Балканскиот Полуостров и на Средна Европа.

1asta12
Во Хидробиолошкиот завод во Охрид

Професорот Синиша Станковиќ ги започнал своите истражувања од физичко-хемиските карактеристики на водата и на биоценотичкиот состав на одделните живи  единки до обемните флористички и фаунистички испитувања. За обработка на тие материјали, тој ангажирал голем број надворешни соработници од земјата и од светот, кои дадоа драгоцен придонес за откривањето на карактерот на Охридското Езеро и на големиот број ендемични видови,  потфамилии и фамилии од  флората и од фауната што го населуваат Охридското Езеро и околните води.

Сумирајќи ги резултатите од истражувањата, како и од поранешните географско -геолошки изучувања, во своето значајно дело „Фауната на Охридското Езеро и неговиот жив свет“, објавено на германски јазик, професорот Синиша Станковиќ направи крупни генерализации за потеклото и за фауната на Охридското Езеро и неговото биогеографско значење. Инаку, со монографијата за Охридското Езеро тој стекна светска слава и постојано место во историјата и науката.

Хидробиолошкиот завод е еден од првите четири научни институции во Македонија, а истовремено и е една од првите установи од таков вид на Балканскиот Полуостров. Тој е формиран во 1934 година, а од 1951 година, дотогашната Хидробиолошка станица прерасна во Завод, а денес Институте, продолжувајќи ја својата научна дејност како важна институција во Македонија. И авторот на овие редови помина пет години во Хиробиолошкиот завод како преведувач на научните трудови и каде го напиша првото негово дело „Англиско-македонски лимнолошки рексикон “.

Инаку, основач на Заводот и најзаслужен за афирмацијата на Охридското Езеро во земјата и во светот беше, секако,  професорот д-р Синиша Станковиќ. Уште со неговото прво доаѓање во Охрид и со почнувањето на пионерските испитувања на Езерото и на неговиот жив свет, тој се носел со идејата за отворање лимнолошка станица на брегот на Охридското Езеро. Така, во 1935 година, на истекот на Билјанините Извори, во непосредна близина на Охрид, изградена е денешната стара зграда на Заводот, подоцна поврзана со каналот, кој води од Заводот до Езерото. Во исто време, почнало да се гради и мрестилиштето за оплодување, развиток и за вештачко одгледување на млади рипчиња на охридската пастрмка.

Во 1960 година излезе од печат капиталното дело на професорот Станковиќ „Балканското Охридско Езеро и неговиот жив свет“ на англиски јазик, во издание на В. Јанак од Хаг. Тоа е врвно достигнување на неговите истражувања, кои во текот на повеќе децении ги вршел самостојно или со своите соработници. Монографијата е високо оценета од научните кругови во светот и претставува можност за што подетално запознавање на научните достигнувања. Така, тој трајно се врзал за Охридското Езеро. И на оние кои во иднина ќе го проучуваат или ќе пишуваат за Езерото, за неговите убавини, таа имаше огромно значење и послужи како голем патоказ за идната научна работа.

Академикот, професорот д-р Синиша Станковиќ, ја напушти неговата „рамка на животот“ на 24 февруари 1974 година, но неговите ученици, градот Охрид и Македонија му остануваат трајно благодарни што токму тој, со своите истражувања, го направи Охридското Езеро познато во целиот свет. Затоа Македонија и македонскиот народ, заедно со научниот свет од Македонија и од Балканот му благодарат за величината во лимнологијата и во научната мисла на човекот од светската научна елита - академик Синиша Станковиќ.

1slave 3 Пишува: СЛАВЕ КАТИН 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.