|
|
ПОЧИНА ЏАН (ВАНЕ) КУЗЕВ ОД ТОРОНТО КОЈ БЕШЕ ПОЗНАТ И ПРИЗНАТ БИЗНИСМЕН И ГОЛЕМ ХУМАНИСТ И ДОНАТОР |
Џан (Ване) Кузев беше роден на 05 февруари 1933 година во селото Мрежичко, Кавадаречко. Тој беше познат и признат канадски бизнисмен од македонско потекло, кој во подолг период негуваше и продлабочуваше деловни врски со бројни претпријатија во Македонија. Исто така, тој беше голем хуманист и донатор, особено на македонските православни цркви во Канада. Бизнисменот Ване Кузев беше роден во селото Мрежичко, Кавадаречко, од каде што потекнува и неговиот татко Стојан, додека мајка му Кита била од Воденско, во Беломорска Македонија. Тој одраснал во Горна Бошава, Кавадаречко, каде што и го завршил осумгодишното училиште. По војната се запишал во Медицинското училиште во Битола, за потоа да се префрли во Шумарското училиште во Скопје. По завршувањето на Шумарското училиште, се здобил со знаење од дрводелството и шумарството. Работел како магационер во Кавадарци и како столар во Ѓорче Петров. Иселеничката приказна на Јован Кузев започнала во 1966 година, кога заедно со својот животен сопатник Дана, која потекнува од преспанското печалбарско село Подмочани, заминува за Франција, од каде што по две години стасува на канадската почва и се населува во бисерот на Канада – Торонто. Во новата средина работел на разни места и со разни занимања, но најмногу како дрводелец, а Дана како шивачка. Од 1972 година, Јован (Ване) и Дана го отовориле дуќанот за стакло под име „Кавадар јунајтед глас инкорпорејшн”, кој подоцна прераснува во фабрика за стакло и алуминиумски производи, за кои имаат добиено бројни пофалби и признанија. Таа канадско-македонска фабрика, како често ја нарекуваа имаше значајни зделки и соработки со бројни фирми во Македонија, особено со поранешна тогашна „Алумина” од Скопје. Џан Кузев беше бизнисменот кој успеа прв да го донесе и регуларно да се продава македонското вино во државните дуќани за алкохол во Канада. Но, се чини, најважно од сè беше тоа што Џан беше честит граѓанин, пријатен соговорник, гостопримлив, имаше македонски и канадски манири и навики во бизнисот, а беше вљубеник и поддржувач на сè што е македонско. Ваквиот патриотки однос на брачната двојка Кузеви се покажа и докажа во текот на нивниот бизнис во работните простории до самата фабрика на авенијата „Мидланд”. Тоа беше место на средби и разделби и свратилиште на бројни посетители од стариот крај и од македонската колонија во Торонто, најголемата и најзначајна метропола на провинцијата Онтарио. Затоа, голем број дојденци и случајни намерници од сите делови на Македонија кога пристигнуваа во Торонто, задолжително ја посетуваа фирмата „Јунајтед глас”, чии сопственици беа Џон (Ване) и Дана Кузеви. Потоа нивната македонска куќа во Скарборо стана дом на пензионери и место за средби и другарувања. Покрај бизнисот Џан Кузев беше дарител на поголеми парични и материјални средства за македонските православни цркви, организации, радио и телевизиски часови, како и весници што се печатат на македонски јазик во Торонто. Тој беше активен во општественото живеење на македонската колонијаво Торонто, а беше член и во управите на МПЦ „Свети Илија” во Мисисага и на „Свети Климент Охридски” во Торонто, каде беше и претседател на црковната управа. Како пензионер беше активен член и посетител и на македонските православни цркви „Свети Димитрија” во Маркам и на „Света Недела” во Аиџекс. Фирмата „Кавадар импорт”, чиј сопственик беше Џан Кузев, имаше ексклузивно право да увезува македонски вина и алкохолни пијалоци во Канада. Тој беше единствениот кој успеа „Кратошија” и други вина да станат дел од големото семејство вина во Канада. Од почетокот на формирањето на фирмата, Џан беше претседател на таа увозна корпорација која, поради воените состојби на бившите југословенски простори, имаше застој во увозот на македонското вино подолг период. Меѓутоа, со осамостојувањето на Република Македонија, тој канал меѓу Кавадарци и Торонто се отвори и во специјализираните канадски дуќани за алкохолни пијалоци повторно пристигнаа поголеми количини македонски вина Во врска со купувањето на македонските вина и жестоките пијалоци, Џан ја посетил Република Македонија многу пати, при што склучувал нови договори. Така, тој ги посетуваше винарските визби во Кавадарци, Неготино, Охрид, Демир Капија, Ѓевгелија и во други градови, бидејќи беше заинтересиран за пласман на поголем број македонски вина и алкохолни пијалоци во Канада, каде што државата строго ги контролира и е многу тешко да се пробијат туѓи вина и алкохолни пијалоци на богатите трпези во Канада. Џан (Ване) Кузев почина на 22 мај 2022 година во Торонто, каде и му е неговото вечно почивалиште. Погребните православни церемонии беа извршени во соборниот храм на Македонската православна црква “Свети Климент Охридски“ во Торонто, каде му беше оддадена голема почит на познатиот Македонец и голем хуманист и донатор во Македонската заедница во Канада, Џан (Ване) Кузев. Пишува: СЛАВЕ КАТИН |