|
|
Промовирана книгата „Од архивите на Македонското литературно друштво Григор Прличев од Сиднеј“ од авторот Иван Трпоски |
Во Македонската академија на науките и уметностите промовирана книгата „Од архивите на Македонското литературно друштво Григор Прличев од Сиднеј“ од авторот Иван Трпоски Творечките 45 лета на македонските ентузијасти Во хрониката на позначајните настани од културата во главниот град, деновиве во Скопје беше одржана промоција на книгата „Од архивите на Македонското литературно друштво Григор Прличев од Сиднеј“, дело на познатиот автор и активист Иван Трпоски, што се одржа во Македонската академија на науките и уметностите. Книгата која беше претставена, е извонреден документариум, хроника и убаво обликуван приказ и доказ на издавачкиот опус и на севкупната активност во 45-те години постоење и дејност, на една од најпознатите македонски писателски асоцијации на петтиот континент. Тој е групен портрет на 350 творци, почнувајќи од упорниот и неуморен претседател Душан Ристевски, и сите заедно, кои во изминатиот речиси половина век направија толку многу, а толку далеку од родната земја. Преку, творештвото на мајчиниот македонски јазик,и низата други активности, тие го афирмираат и негуваат и македонското име и македонскиот етникум во Сиднеј, Нов Јужен Велс и пошироко. На промоцијата се обрати и претседателот на МАНУ академик Љупчо Коцарев, кој истакна дека оваа книга сведочи и за непокорот,и за спротивставувањето на разнебитувањето на Македонија. Со порака : да продолжи успешната мисија во јакнењето на тој непокор и одржувањето на нераскинливата врска со татковината. Претставувајќи ја книгата, проф. д-р Елка Јачева Улчар потенцираше дека пред 45 години група ентузијасти во туѓа земја, далеку од дома, се здружиле, се обединиле и го формирале ова Литературно друштво, па нивната голема мисија продолжува и во времето идно. Авторот Иван Трпоски, чии роднокрајни корени се охридски,и кој е добитник на повеќе награди и признанија, направил дело за почит и респект. Фиданка Танаскова |