|
|
Средба во литературното друштво „Григор Прличев“ во Сиднеј со поетесата Марина Мијаковска |
На 26 јули на посета во Литературното друштво дојде поетесата Марина Мијалковска од Македонија. Иако е на кратка посета во Сиднеј кај свои роднини, пројави желба да се сретне со нашите членови и ја посети библиотеката „Григор Прличев“ за која слушала дури во Македонија и секако да подари книги од својата најнова збирка „Куфери“. Иако средбата беше мошне кратка се воспостави контакт за подолгорочна соработка во полето на литературата. Инаку Марина е во процес на докторирање на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и се занимава со пишување на поезија, есеи, раскази и книжевни критики. Читајќи ја книгата „Куфери“, која рецензентот Д-р Звонко Танески ја нарече номадска, е нејзина втора книга поезија, увидов дека Марина е поетеса за која доправа ќе се чита и слуша. Таа е поетеса од најмладата генерација на поети од Македонија кои обработуваат универзални теми со кои сите млади денес се соочуваат без разлика каде живеат. Таа во својот „куфер“ го носи најнеопходниот багаж (љубовта) без која не може да се започне ништо во животот. Со оставањето на нејзините „Куфери“ во библиотеката ни остави дел од нејзиниот багаж кој ќе го читаме, проучуваме и подолго време ќе се сеќаваме на средбата со номадката Марина. Душан Ристевски Фото: Пред ликот на Григор Прличев - со почит (Марина Мијаковска со Душан Ристевски) |