|
|
Ние не можеме да бараме од другите нешто што самите не можеме да го исполниме за другите |
Во Корча, Албанија, на прес-конференција генералниот секретар на Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски регираше на изјавите на поранешниот министер за надворешни работи на Република Албанија, Алдо Бумчи кој реагираше на изјавата на премиерот Рама при неговата средба со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, оценувајќи ја како опасна и штетна за добрососедството. Во реакција стои: Партијата Македонска алијанса за европска интеграција, со реакција го искажува своето незадоволство кон некоректниот став на поранешниот министер за надворешни работи на Република Албанија во врска со мошне коректната изјава на Премиерот на Република Албанија, Еди Рама која се однесува на грижата за правата на малцинствата во Република Албанија. Почитуван Г-дине Бумчи, Како поранешен министер за надворешни работи на Република Албанија се чини дека не ја научивте лекцијата за европско однесување кога е во прашање примената на меѓународните конвенции. Ве потсетуваме дека Албанија не може да стане полноправен член на големата европска заедница со идеи својствени на 19 век. Доколку се точни наводите во вашата изјава, тогаш бараме од Вас, како искусен политичар, да и` објасните на албанската јавност, зошто ЕУ, уште кога во 2010 година на Албанија му постави услов исполнување на 12-те препораки за добивање на кандидатскиот статус, инсистира на исполнување на 11-та препорака што е поврзана со доследна примена на меѓународните стандарти за почитување на човековите права и правата на малцинствата. Ве потсетуваме дека оваа препорака Ви беше доставена Вам, во време на Вашата Влада. Г-дин Бумчи, Правата на малцинствата се универзални и не зависат од бројот на населението на малцинствата. Еден од главните условите на предизборниот договор помеѓу партијата Македонска алијанса за европска интеграција и Демократската партија, беше обврската на Демократската партија дека дека ќе ги подобреше правата на македонската заедница во Албанија. Г-динот Еди Рама, како нов премиер има доблест да се фати во костец со решавање на сите вакви и слични проблеми, бидејќи има визија за тоа како треба да се развива нашата држава. Ние сме лојални државјани на Република Албанија со целосно почитување на Уставот и законите на државата и во оваа пригода сакаме да знаете дека Г-динот Рама ја има нашата целосна поддршка не само за ова, туку и за сите негови напори што ќе ја носат земјата напред во големото европско семејство. Г-дине Бумчи, време е да ја научите лекцијата дека народот е тој што ја дава и зема власта. Ние како претставници на македонската заедница во Албанија поддржуваме потпишување на меѓусебен договор меѓу Република Албанија и Република Македонија за заемна заштита на македонската заедница во Албанија и на албанската заедница во Македонија. Партијата Македонска алијанса за европска интеграција го повикува Г-дин Еди Рама, албанската влада, Парламентот и други креатори и надлежни во областа на малцинствата да направат реалност, политики во корист на малцинствата, што ќе овозможи целосна имплементација на 11-та препорака на Европската унија и ќе гарантира повисоко ниво на третманот на малцинствата во Албанија - изјави Васил Стерјовски. Демократската партија на Албанија, преку нејзиниот пратеник Алдо Бумчи, реагираше на изјавата на премиерот Рама при неговата средба со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, оценувајќи ја како опасна и штетна за добрососедството. - Прво, Рама не го спомна на специфичен начин Охридскиот договор, кој стави крај на конфликтот во Македонија. Тоа е најважен документ, основа врз која треба да се развиваат меѓуетничките односи. Охридскиот договор секогаш бил клучен збор на сите албански дипломати, вклучен е во секој извештај на Европската унија и е услов за напредокот на Македонија кон Европа. -Второ, во изјавата без преседан, Рама стави знак на равенство меѓу македонското малцинство во Албанија и Албанците во Македонија. Во прв ред, ова е дипломатско дивеење. Не може да се постави знак на равенство меѓу македонското малцинство тука и Албанците во Македонија, кои сочинуваат над 25 отсто од населението. Второ, Рама изјави дека ние немаме право да бараме права за Албанците во Македонија се` додека не ги исполниме правата на македонското малцинство тука. Рама треба да им објасни на Албанците каква е таа нова политика што тој се стреми да ја следи, која ги уништува темелите на кои е заснована нашата надворешна политика - изјави пратеникот Алдо Бумчи од Демократската партија на поранешниот премиер Сали Бериша. - Ние бевме и остануваме загрижени за имплементацијата на механизмите договорени со меѓународните партнери за добар соживот на Македонците и Албанците во Македонија. Исто така, и претседателот ја изрази неговата загриженост и побара да се покаже поголемо внимание за македонското малцинство во Албанија. Јас оваа порака ја примив не само како обврска на Владата да се грижи за сите малцинства, туку и поради фактот дека: ние не можеме да бараме од другите нешто што самите не можеме да го исполниме за другите - рече албанскиот премиер Еди Рама. Васил Стерјовски - Генерален секретар на МАЕИ |