|
|
Лекарите - Македонци од дијаспората да се вратат во Македонија |
Лекари од Република Македонија кои повеќе од пет години континуирано работат во странство, во земјите-членки на ОЕЦД, ќе можат да склучат договор со Министерството за здравство и да работат во јавните здравствени установи во државата. За таа цел, Министерството објави оглас во медиумите и на веб-страницата. Никола Тодоров рече дека станува збор за уште една значајна новина што Министерството за Здравство ја презема и е продолжување на мерката со која досега 80 лекари од приватни здравствени установи се вратиле во јавните здравствени установи. Посочи дека ќе биде формирана Комисија составена од експерти, лекари во повеќе области што потоа ќе треба да извршат селекција на кадрите. - Покрај лекари-специјалисти со ова се опфатени и Македонци кои се на раководни позиции во болници во земјите-членки на ОЕЦД. Сега имаме што да им понудиме. Системот е слично структуриран и организиран како системот во кој работат. Имаме нова опрема и можност за многу брзо лично професионално напредување и едукација во многу современи центри во светот – истакна Тодоров. Платата на лекарите кои повеќе од пет години континуирано работат во странство, во земјите-членки на ОЕЦД, и сакаат да се вратат во Македонија и да работат во јавните здравствени установи, би била предмет на договор. Тодоров потенцира дека веројатно би била поголема нивната плата и тоа зависи од нивната дејност, стручност и од она што ќе го оцени Стручната комисија. Основната намена на огласот е тие барем една година да работат во Македонија, но ако има определени пречки, би разговарале. Тие практично не се вработуваат на истиот начин и во истата процедура како што се вработуваат лекари од Македонија. Затоа има посебен услов да имаат минимум пет години континуирано работно искуство во земја-членка на ОЕЦД. Следна процедура е склучувањето договор на Министерството со нив врз основа на кој почнуваат да работат во јавните здравствени установи – додаде Никола Тодоров Минестер за Здравство. |