|
|
Монографија за Љубојно и Преспа |
На 20-ти октомври 2013 година во Македонската православна црква „Св. Климент Охридски“ во Торонто се одржа промоција на монографијата „Илинден во Љубојно и Преспа“, чиj автор е публицистот Славе Николовски - Катин од Македонија, a кoавтор е радио новинарот Бошко Рајчовски - Пелистерски од Детроит, САД. Делото е издание на книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје и Македонското друштво „Љубојно“ од Детроит. Ова значајно дело беше промовирано во рамките на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“ кое е во состав на црквата „Св. Климент Охридски“ од Торонто. Во присуство на голем број иселеници промоцијата ја отвори Маја Доневска – Иванова, претседател на Друштвото „Браќа Миладиновци“, а за монографијата зборуваше cвештеникот на цpквата Проф. Илија Донев. Во своето излагање, меѓу другото, тој рече дека монографијата е сведок на судбини на Љубојно, на Преспа, на Македонија. Во делото е изразена силната љубов кон родната земја, особено на оние кои го напуштиле родното дедовско огниште, но се поврзани по семејна или друга врска со тој убав, борбен, патриотски и значаен дел на етничка Македонија. Монографијата претставува значаен прилог и придонес на публицистичкото творештво. Таа е огледало и свидетелство на убавиот збор и откривање на судбината на печалбарскиот крај Преспа. Монографијата е документ за голем број луѓе, настани, појави, интелектуалци или вљубеници во дедовскиот крај, во Преспа. Всушност, тоа е дело особено за настаните во овој крај кои се одржаа по повод „40-те Љубански илинденски иселенички средби“ и „Фолк – фест Преспа 2013“ кои се одржаа токму на ден Илинден во Љубојно. Исто така, во оваа монографија се презентирани преспани кои живеат насекаде по светот, како и голем број факсимили од различни текстови и фотографии кои ја збогатуваат содржината на делото. Монографијата „Илинден во Љубојно и Преспа“, на Славе Катин и на Бошко Пелистерски со сета скромност е огледало за начинот на комуницирањето, особено на иселениците во дијаспората, а преку нив и за нивниот живот и дело што ќе останат вечни и поттик за идните генерации да не ги забораваат трагите на вистината за Љубојно, за Преспа, за Македонија. Алексо Лозановски- Торонто |