|
|
Волинска средба во Грингила, Австралија |
На 2-ри ноември 2013 год. во просториите од ФК „Грингилски Лавови“ во Грингила, недалеку од градот Волонгонг, Волинци се сретнаа по 16-ти пат, за со полни чаши и убава македонска музика да се видат, помуабетат и провеселат. На присутните во име на одборот, топло добредојде им посака г-динот Иван Трпоски, а за досегашните и идни планови им се обрати еден од иницијаторите на Волинските средби г-динот Тоде Николоски. Приходите од досегашните средби биле исклучиво наменети за хуманитарни цели – обнова и изградба на нивното родно село Волино, Охридско. Радува фактот што средбите овој пат ги продолжија млади активисти, а тоа го потврди и глетката дека на оваа средба тие беа и најбројни. Месната Заедница од село Волино на истакнати активисти од дијаспората за нивната помош им има доделено заслужни признанија. Такви признанија добиле Крсте Илинкоски, Габриела Трајаноска, Роберт Николоски и Иван Трпоски. Во новиот одбор покрај Крсте, Габриела и Роберт членуваат уште Јасмина Велјаноска и Сузана Јакимоска. Се надеваме дека овие средби ќе продолжат да се одржуваат и во наредните години во оваа прекуокеанска земја каде се доселени скоро половина од жителите на Волино, а кои ќе допринесат за зачувување на македонските културно-забавни традиции во оваа втора нивна татковина.
Волинци на Волинска средба во Грингила (Волонгонг), Австралија на 2.11.2013 год. |