|
|
Борење со мечка |
Австралиско македонскиот театар од Сиднеј на турнеја во Република Македонија со драмата „БОРЕЊЕ СО МЕЧКА“
Деновиве Австралиско македонскиот театар од Сиднеј ја објави овогодишната програма за своите театарски претстави и најновите проекти преку кои ќе се промовира македонската култура во Австралија. Исто така Театарот одлучи со познатата драма „Борење со мечка“ која минатата година во Австралија беше прикажана на македонски и англиски јазик во јуни да гостува во Република Македонија. Се планира истата да ја претстави пред пошироката публика во градовите: Скопје на 4-ти јуни, Велес на 6-ти, Штип на 7-ми, Струмица на 9-ти, Прилеп на 11-ти, Битола на 13-ти и Охрид на 14-ти јуни. Во Прилеп ќе земе учество на 49-тиот Драмски фестивал „Војдан Чернодрински“. Автор на драмата „Борење со мечка“ е Душан Ристевски, а се прикажува во режија на Стефо Нанцу и истата е најгледана македонска драма во Австралија. Ова е втора турнеја на овој реномиран Театар во Македонија. Во 2011 година Театарот забележа огромен успех при нивното гостување во Македонија каде посетија осум градови со драмата „Мр Балкан“. Досега овој Театар за само неколку години од своето постоење ги има прикажано драмите: „Страв и срам“, „Мр Балкан“, „Стари и весели“, „Раскол“, „Остави ја свеќата да гори“, „Борење со мечка“. Иван Трпоски |