|
|
Од патувањата низ Бугарија (1) |
ДЕЛ ОД КНИГАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА” ОД СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО БУГАРИЈА Во историјата за Пиринска Македонија се вели дека таа е дел од етничката територија на Македонија, кој дел по Букурешкиот „мировен” договор во 1913 година припаднал на Бугарија. Во антиката Пиринска Македонија најпрвин била дел од Панонија и Тракија, а подоцна станала дел од Царството Античка Македонија. Во римскиот период Пиринска Македонија доживува своевиден процут, за што сведочат повеќето археолошки ископини на антички градови во близината на денешните градови Благоевград, Сандански, село Рупите и др. Во средновековниот период Пиринска Македонија била под власта на царот Самуил, Византија и балканските феудалци. Со доаѓањето на Турците, Пиринска Македонија бележи одредена стагнација, но сепак не го напушта својот непокорлив македонски дух. За време на Руско - турската војна во 1877-78 година, северниот дел на Пиринска Македонија ќе потпадне под руската окупациска зона, но по Берлинскиот конгрес ќе ѝ биде вратен на Турција. На подрачјето на Пиринска Македонија е кренато Кресненското (Македонското) востание против османлиската власт во 1878/79 година со центар во Кресна, кое имало силен македонски национален карактер и цел да создаде независна автономна македонска држава. Кон крајот на XIX век на територијата на Пирин со својата чета ќе царува големиот македонски револуционер и великан Јане Сандански, кој бил близок соработник на Гоце Делчев и најголем борец против врховизмот. Тој е познат под прекарот „Пирински цар” кој ќе го изврши познатото грабнување на протестантската мисионерка Мис Стоун. По Втората Светска Војна во времето на владеењето на Георги Димитров, Македонците од Пиринска Македонија ќе добијат целосна културна автономија која требала преку законска рамка да прерасне во територијална и Пиринска Македонија да се обедини кон тогашната НР Македонија како кон матична држава во рамките на Балканската федерација. Македонците во Бугарија, или како Пиринци или бугарски Македонци, се староседелско население кое, главно, живее во Пиринска Македонија, во југозападниот дел на денешната Република Бугарија. Во определени периоди постоело и иселување од политички и економски причини, од другите делови на македонската регија. Иселувањето се одвивало во неколку поголемибранови: средниот век, во ренесансата, по ослободувањето на Бугарија од турската власт, по Илинденското востание, по Балканските војни и Првата Светска Војна. Македонската емиграција од сите делови на етничка Македонија во Бугарија е најголема македонска емиграција во светот, со огромен интелектуален потенцијал и големо културно наследство. Невозможно е да се каже колкав е точниот број на етничките Македонци во Бугарија, особено поради фактот што различни извори даваат спротивставени податоци. Сепак, сите се согласуваат дека голем број (над два милиона, вклучувајќи и од мешани бракови) од граѓаните на Република Бугарија се потомци на доселеници од Македонија, кои како емигранти или бегалци својот дом го нашле во Бугарија. Според пописот на населението во декември 1946 година, во Народна Република Бугарија од вкупно 252.908 жители во Пиринска Македонија 160.541 лице, односно 70% се изјасниле како етнички Македонци. Изнесените факти ја потврдуваат вистината за Македонците во Бугарија, кои Бугарија вешто се обидува да ги изманипулира. За жал, и за голем демократски срам, според пописот на населението во Република Бугарија од 2011 година таму живеат само 1.654 Македонци, од нив: 561 се населени во Благоевградска област, а 1.163 се со мајчин македонски јазик, додека 1.091 се државјани на Република Македонија кои живеат во Бугарија. Исто така, во 1947 година биле создадени печатени медиуми, „Пирински весник” и Печатницата „Македонска книга”. Тие биле дел од остварените ветувања за правата на Македонците во Бугарија, кои би го зајакнале македонскиот јазик и култура. Медиумите биле укинати и затворени во 1958 година, поради политички причини и менување на власта. Меѓутоа, во 1990 година, бил создаден нов весник за македонското малцинство во Бугарија, со име „Народна волја”. Весникот се уредува и печати во Горна Џумаја. Исто така, во Благоевград е формирана Обединетата македонска организација „Илинден” - Пирин е партија за економски развој и интеграција на населението во Република Бугарија. Таа е демократска партија која ги штити правата на малцинствата и се залага за децентрализација на земјата. Тоа е единствената политичка партија која се бори за правата на македонското малцинство во Бугарија. Партијата работи главно во југозападниот регион на земјата, исто така познат како Пиринска Македонија. Таа беше регистрирана како политичка партија во 1999 година и учествуваше во општинските избори. Меѓутоа, на 29 февруари 2000 година, Уставниот суд во Бугарија прогласи дека таа е неуставна, повредувајќи го правото на слобода на здружување и правото на слобода од дискриминација. |