|
|
Драмата „Борење со мечка“ ќе се употребува за усовршување на здравствени работници |
Уште еден успех на Австралиско-македонскиот театар од СиднејМинатиот четврток, 14 август, во просториите на Сиднејската болница, се промовира ДВД за едукација на здравствените работници и македонската заедница. Промоцијата ја направи проф. David Currow, генералниот директор на Институтот за рак на НЈВ (Cancer Institute NSW), а поздравен говор за значењето на овој проект даде Mr Gerry Marr, генерален директор на регионалната служба за здравје во Сиднеј. Во почетокот Др Astrid Perry, директор на Службата за мултикултурно здравје, даде опсежен извештај за работата и улогата на македонскиот театар што ја одигра во припремање на пакетот за едукација во кој е вклучен прирачник како и ДВД од драмата „Борење со мечка“ од Душан Ристевски која беше снимена во скратена форма на англиски и македонски јазик. Покрај оваа драма во ова ДВД се застапени драми од арапската и грчката заедница во која се обработува темата од канцерозното заболување. Како што се изнесе во излагањето, овој едукативен пакет ќе биде дистрибутиран низ цела Австралија, првенствено во универзитетите и колеџите во локалните библиотеки и до здравствените и општествените работници кои работаат со етничките заедници. Авторот Душан Ристевски даде збор за тоа како дојде до креирање на драмата која ја работеше во консултација со македонската заедница и причината за обработување на темата која е поврзана со здравјето на мажите. Како што се забележа во македонската медија, оваа драмска продукција секаде каде што е прикажана прави сензација, како во Австралија така и во Македонија. Темата е интересна, текстот феноменален (авторот преку комични ситуации покрај солзите сака да не насмее – а животот е таков), изведбата крајно професионална, режијата на високо ниво. Театарот најави турнеја на 30 и 31 август за Мелбурн и Џилонг и истата вреди да се види. Честито до сите во Македонскиот театар кои успеваат да ја промовираат македонската култура и нација во австралиските установи и општество. Убаво е да забележиме дека во полната театарска сала меѓу присутните имаше и завидна бројка на македонски посетители, кои беа препознатливи по нивното ракоплескање, по прикажаните инцерти од македонската драма и нејзиниот автор. Иван Трпоски
|