|
|
Каков национален совет ќе изберат македонците во Србија? |
Изборите за сите национални совети на малцинствата во Србија, ќе се одржат на 26.10.2014 година. Организацијата и реализацијата на изборите е во надлежност на Републичката изборна комисија. Вкупно 24 малцинства ќе избираат нови раководства на своите национални совети. Единствено Турците и Русите, не се пријавија да формираат свој национален совет, а Горанците се изјаснија дека не се малцинство во Србија. Само четири малцинства советите ќе ги бираат по пат на електорски избори, Македонците, Хрватите, Пољаците и Црногорците, а сите други, советите ќе ги бираат на непосредни избори. Која е разликата помеѓу непосредните и електорските избори? Непосредни избори ќе одржат оние малцинства кои што, до денот на заклучувањето на Посебните Бирачки Списоци- ПБС, имаа запишано повеќе од 40% припадници од своето малцинство во ПБС, според резултатите од последниот попис во 2011 година. На непосредните избори, ќе можат да излезат на гласање и да гласаат со заокружување на една од понудените листи, само оние припадници кои се запишани во ПБС на тоа малцинство. На електорските избори, националните совети на хрватското, полското, црногорското и македонското национално малцинство, своите совети ќе ги избираат од кандидираните електори. За нас Македонците, за кандидатура на еден електор, беа потребни минимум 45 потписи поддршка заверени во суд, општина од лица кои се запишани во ПБС. Веќе се знае, дека ние го исполнивме основниот услов од минимум 45 електори за одржување на нашето изборно електорско собрание. Дали и ние можевме да имаме непосредни избори? Секако дека можевме, но сега е тоа што е. За кандидатурата на нашите електори, околу 4.200 Македонци, запишани во ПБС дадоа потписи на поддршка. Ова значи дека само 50% од запишаните во ПБС 8.250, или околу 18% од сите Македонци во Србија според последниот попис, на некој начин „гласаа“ и дадоа легалитет и легитимитет за изборот на новите 23 члена на нашиот совет. Некому му беше во интерес, да одиме на електорски избори. Зошто? Па затоа што полесно е да се „контролираат“ електорите, да не речам полесно може да се „преговара и избира“ со одреден број на електори, отколку со сите запишани Македонци во ПБС, колку и да се. Веќе е јасно, дека следниот состав на советот и ние ќе го бираме на непосредни избори. Каков национален совет ќе избереме? Според законот, нашиот совет брои 23 члена, од кои 8 мора да се жени. Од кандидираните електори, со гласање за една или повеќе изборни листи, ќе треба да се изберат тие 23 члена. Кои се тие 23 Македонци, кои ќе влезат во советот, кои ќе одлучуваат за остварувањето на правата на Македонците од законот за Национални совети /образование, култура, известување, заштита на јазикот и писмото/? Според кои критериуми од кандидираните електори, треба да се бираат новите членови на новиот состав на советот? Како да се направат изборните листи во однос на бројот на кандидирани електори од одредени градови, региони? Многу прашања и обврски за сите нас, посебно за носителите на листите. Гласањето е тајно. Вкупниот број на добиени гласови за секоја листа, се дели со броевите од 1 до 23, и според тоа се делат и освоените мандати. Најдоцна после 20 дена од изборите, на конститутивната седница, тие 23 члена меѓусебно ќе гласаат, исто тајно, и ќе треба да го изберат претседателот на советот, а на предлог на претседателот на советот, потоа се бира претседателот и членовите на Извршниот одбор на советот. Останатите органи на советот се бираат подоцна. Претседателите и членовите на четирите задолжителни одбори според законот /образование, култура, известување, заштита на јазикот и писмото/ и сите други членови на останатите одбори не мора да се членови на советот. Изборни листи? Одредувањето на повеќе листи е во согласност со законот за Национални совети. Скоро кај сите совети ќе има по две и повеќе листи. Досега, кај Буњевците има пријавено 10 листи, кај Унгарците 2, Словаците 4 и така со ред. Нормално е и ние Македонците да имаме повеќе листи. Деновиве, веднаш, по завршувањето на пријавувањето на електорските пријави, почнаа да ми се јавуваат „претставници“ од „другата“ листа. Првото прашање што им беше, колку електори имам на „мојата“ листа? Па почнаа да ми кажуваат кој за кого ќе гласал, зошто така ќе гласал, кој што ќе добиел во идниот совет... И тогаш, и сега им одговарам, ние Македонците, ќе имаме доволен број кандидирани електори за избор на советот, и дека сите електори се „наши“, без оглед кој како бил предложен, кандидиран и избран. Нема „мои“ и „нивни“ електори. Нема поголеми и помали Македонци. Нема поголеми и помали патриоти. Доста ни се делбите. Не знам како да ги сфатам изјавите на поединци, од некои градови-окрузи, дека тие „располагаат“ со мандатите на електорите, дека тие одредуваат кој електор како ќе гласа, и дека ќе треба со нив да разговарам при составувањето на листата. Без оглед кој електор како е предложен, дали од здружение, група граѓани, самостојно, или го предложила ДПМ /Демократската партија на Македонците/, право да располага со својот глас е на електорот. Истото важи и за подоцна, избраните членови на советот да гласаат по своја волја, определба. Не се ова партиски избори, па да му се одземе мандатот на електорот или членот на советот ако не гласа „како ќе му нареди“ некој од страна. Сите што добиле решение дека се електори заслужуваат да бидат членови на советот. Сите членови на советот можат да се кандидираат за претседател на советот и сите органи во советот. На сите нас основен мотив треба да ни биде при составувањето на листите да се предложат и изберат најдобрите. А како тоа ќе го оствариме, зависи од носителите на листите како ќе ги состават листите, како ќе гласаат електорите, дали секој од електорите ќе гласа за „својата“ листа или ќе гласа за програмите и идеите на листите, зависи и од тоа кои и колку електори од двете листи ќе влезат во тие 23 члена. Во составувањето на листите, не смееме да ги повториме грешките од изборот на претходниот состав на советот, кога поединици исто така „располагаа“ со гласовите на електорите и кога заради бројот на гласови од нивниот регион-округ, „се изборија“ да имаат и по 2 члена во советот, да бидат избрани и за претседатели на некои одбори и слично. Во органите на советот треба да ги избереме најдобрите, оние кои знаат, можат и сакаат да работат. Оние кои се докажале во досегашната работа. Оние кои уживаат углед во своите средини, во своите здруженија. Секако дека сето ова е поврзано со сфаќањето што значи да се биде член на советот, или да се биде избран во органите на советот. Кои се правата, обврските, привелегиите, да се работи во здруженијата, сојузот и сега во советот? Се надевам дека тоа го знаат сите наши електори, дека ова наше залагање за избор на најдобите, ќе го сфатат и прифатат сите електори и врз основа на тоа ќе гласаат. Барем за толку, сите меѓусебно се знаеме, кои сме и какви сме како активисти во нашите здруженија и сега како електори, и кои здруженија како работат. Кои здруженија постојат само на хартија и досега немаат никакви проекти, и не добиле ниту динар ни од локалната самоуправа каде делуваат, ниту од министерствата од Србија и Македонија, па ниту од советот. Нашата листа одамна ги објави условите, критериумите за кандидирање на електори, за избор на членовите на советот, програмата за работа на советот. Во законот пишува дека членовите на советот повторно можат да се кандидираат. Во статутот на советот нема ограничувања кои лица колку пати да се кандидираат за членови на советот. Но постојат некои други норми, закони и прописи па и морални норми. Од кандидираните електори, 18 се претседатели на здруженија-асоцијаци. Од новите електори, 12 беа членови и во претходниот состав на НС, /2010-2014/, а шестмина од тие 12, беа членови и во првиот состав на НС, /2004-2010/ и сега повторно се кандидираат да бидат членови на советот. Во Стратегијата ставивме одредби дека не треба да има преклопување на функциите, исти лица да се во органите во советот, сојузот, партијата, здруженијата. Како тоа ќе го почитуваме? Како тоа да им се објасни, на оние 6 кандидирани електори кои досега беа во органите на советот на разни должности во два мандати на советот, од 2004 до 2014 година, а едновремено беа и претседатели на здруженија и сега повторно бараат да се на листа и да се изберат во советот? Што ни порачуваат тие лица? Дека ќе пропадне советот и здруженијата без нив? Некој ќе рече, треба континуитет во работата. Да, се согласувам. Континуитетот е се` она што сме го направиле досега и што ќе оставиме за после нас. Континуитет на советот и здруженијата се досегашните резултати и остварувањето на правата на Македонците според законите на Србија, а не поединци и нивните желби и лични интереси. И една листа да имавме, како и кои 23 лица да ги одредиме, кога имаме повеќе од 23 града каде имаме здруженија, кога имаме преку 30 разноразни здруженија и асоцијации, кога имаме поединци кои мислат дека се` ќе пропадне ако тие, и после 10 години, повторно не бидат во органите на советот. Како да ги сфатиме „мотивите“ и желбите на поединци, по секоја цена и понатаму да бидат членови на советот? Каде ни се младите од нашите здруженија, каде се младите кои завршија факултети во Македонија, колку електори имаме од Форумот на млади? За што се загрижени овие електори? Можам да ја разберам единствено „загриженоста“ на досегашниот претседател на советот, кој во претходните 4 години беше на платен список на советот. Оправдана е неговата загриженост, затоа што, ако не биде повторно избран за претседател на советот, сега на 41-годишна возраст, ќе треба да си бара ново вработување. Дали на претходното работно место со средна школска подготовка, или на некое ново работно место како „дипломиран менаџер во медиумите“, со факултетска диплома со која се стекна во периодот од 2004 до 2010 година? Нашата листа, во својата програма предвидува дека претседателот на советот, не мора да биде постојано платено лице, на кое тоа ќе му биде професија, занимање, вработување. Така беше досега кај повеќето национални совети. Доволно е само секретарот и книговодителот да бидат постојано вработени. Не ни требаат премногу вработени. Со подобра организациска поставеност и поефикасна работа можеме да постигнеме и повеќе во остварувањето на своите права. Да оставиме повеќе средства за финансирање или суфинансирање на програмите и проектите од областа на образованието, културата, известувањето, службената употреба на јазикот, она за што државата првенствено издвојува средства. Секако дека ова не важи за вработувањата за институциите кои ги формира советот, каде вработувањата одат преку конкурс. Улогата на партиите во изборот на советот Во составувањето на националните совети на малцинствата, секако дека свое влијание имаат и политичките малцински партии но и сите други партии во Србија. Тоа го покажува и досегашната кампања кај некои национални совети и меѓусебните препукувања дека одредени национални совети биле продолжена рака на некои политички партии. Јасно е дека националните совети треба да бидат аполитички институции, кои ќе ги застапуваат интересите на сите припадници на таа заедница, без оглед на политичката припадност. Треба да се истакне позитивниот став на ДПМ – Демократската партија на македонците околу изборот на нашиот национален совет, и разликата на оваа партија по прашањето на изборот на советот во однос на ставот во 2010 година. На заедничата свечена седница на советот, за Илинден, на 2 август 2014 година, во Јабука, претседателот на партијата отворено и јасно го искажа својот став дека оваа партија ќе даде свој придонес да избереме совет. Добро е што досега партијата не се „определи“ ниту за една листа. Можеби затоа што во кандидираните електори има претставници од „двете струи“, кои го поддржуваат сегашното и претходното раководство на партијата. Јасни се и моите определби, како носител на листа, во однос на партиските определби и партиските влијанија во изборот на нашиот совет и односот кон ДПМ. Членовите на нашите здруженија како и идните членови на советот, можат да се или не, членови на некоја политичка партија, и на изборите да гласаат за која партија сакаат. Но на нашата листа нема места за лица кои се членови, активисти и функционери на други политички партии, лица кои биле на изборни листи на други партии, освен во ДПМ. Не сакам да ни се случи она што беше за парламентарните и локалните избори во 2012 година. Тогаш, сегашниот претседател на советот беше на 107 место на листата на Демократска странка, и во името на националниот совет и сојузот, се издаде соопштение Македонците во Србија да гласаат за листата на „Демократската странка на Борис Тадиќ“, а претседателот на ДПМ беше на листата на СНС - Српска напредна страна, стана и беше пратеник во собранието на Србија од 2012 до изборите во 2014 година. Слични примери и за локалните избори./ Што понатаму до денот на гласањето? Формирањето на повеќе листи е дополнителен мотив и гаранција, изборите да успеат и да ги избереме најдобрите. Сите ние сме одговорни да избереме што подобар состав на советот, во согласност со законот. А подоцна да ги избереме и сите други органи на советот, посебно претседателите и членовите на четирите одбори, за кои државата одвојува средства за остварување на малцинските права. Јас како носител на една листа, ќе се обидам да разговарам со сите електори, без оглед како се предложени, кандидирани и избрани, да им ја изнесам нашата програма, да ги повикам да гласаат за нашата листа. До 26.10.2014 година, до денот на гласањето, имаме уште време, да се консултираме, да поразговараме, да предложиме, да ги ставиме на повисоките места на листите оние на кои ќе им се гарантира сигурен избор за член на советот. Дали и колку ќе успееме да ги избереме „најдобрите“, ќе покажат изборите. Да се избориме за промени, нови лица, нови идеи. Од нас зависи. Нека победат идеите, нека победи онаа листа која ќе добие најмногу гласови. Се работи за нас Македонците. Затоа, гласајте ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ПРЕД СЕ`. |