|
|
Од патувањата по светот – Израел (1) |
(ДЕЛ ОД КНИГАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“) ВО ВЕТЕНАТА БИБЛИСКА ЗЕМЈАДа се посети Светата земја значи да се доживее нешто што останува трајно во сеќавањата на посетителот, нешто недоживеано, и библиски и свето и човечко; нешто ново што е карактеристично само за Израел, за еврејскиот народ и за арапскиот свет, а најмногу за христијаните. Тоа го потврдивме при нашата посета на оваа по многу нешта единствена и карактеристична земја, каде се доживува едно неописиво чувство на чудна мешавина на старото и на новото, на историјата, на Библијата... Таму се чувствува духот на историјата; таму човек се запознава со библиските преданија, со сѐ она што е поврзано со трите вери на човекот: јудејската, христијанската и муслиман-ската. Таа е земјата каде се обединија еврејските племиња - Израелците и Јудејците во едно царство на чело со водачот на Јудејците, царот Давид. Тој успеал да ги разбие Филистејците, а Ерусалим – Светиот град да го прогласи за престолнина на државата. Во Ерусалим, царот Соломон, синот и наследникот на Давид го изградил прочуениот Храм посветен на еврејскиот Бог Јехова, храм од кој денес е останат само Ѕидот на плачот, симболот на секојдневната средба на Евреите од целиот свет со својата судбина. Ерусалим е местото од каде што сѐ почнало и каде сѐ ќе заврши на судниот ден. Израел за христијаните е Света земја и местото каде се родил Исус Христос - синот Божји, кој дошол меѓу луѓето, ги подучувал да се здобијат со добродетелство, да му служат на доброто, а да го избегнуваат злото. Ерусалим е местото каде Исус Христос бил осуден на смрт со распнување на крст, за потоа да воскресне. Таму, во Ерусалим се наоѓа Куполата на карпата и џамијата Ал-Акса, чие име значи „најдалечниот пат“ за што муслиманите веруваат дека по Мека и Медина, Ерусалим е третиот град по значење во исламот, од каде пророкот Мухамед го примил Куранот. Посетата на Израел, а со тоа и на најголем број свети места, ја остваривме заедно со поранешниот министерот за иселеништво на Република Македонија, м-р Мартин Тренески и нашите сопруги. Посетивме бројни свети места, значајни културно-историски и други споменици кои оставија длабоки траги кај нас како посетители. А желбата на секој дојденец, верник, намерник или случаен патник е повторно да ја посети Ветената земја за поубаво да се доживее и да се почувствува сѐ она што го оставила историјата на човекот. А, таму во Израел има што да се види, да се научи, да се доживее, да се прошират видиците, сознанијата, духот и духовното живеење. Таму човек се чувствува повозвишен и позначаен како човечко битие. Таму луѓето зборуваат различни јазици: од еврејски и англиски до руски, шпански и македонски, но нивните срца и чувства се едни исти – израелски. Таму се отвораат сите сетила и секој кој ќе дојде во Израел, се труди што повеќе да види, да научи, да почувствува, да запамети како сознание, да го доживее сѐ она што се случувало со векови пред и по христијанството, како и во сегашноста во третиот милениум. Од литературата бевме информирани дека според библиските преданија Израел, значи човек кој се бори со Бога. Тоа е име што му го дал ангелот на Јаков, непосредно пред состанувањето со брат му Исав, на крајот од тешката ноќна борба со непознатото битие. Неговите дванаесет синови се зачетници на дванаесетте племиња израелски; а изразот „синови израелски“ ги означува сите Евреи. Првиот израелски цар бил Саул. По него дошол далеку помоќниот Давид, кого го наследил син му Соломон. По неговата смрт царството се распаднало на два дела, Јужно Царство – Јудеја и Северно Царство – Израел. Израел било поголемото и помоќното царство составено од десет племиња со двојно поголемо население од Јудиното Царство и имало три пати повеќе земја и обработлива почва. Земјата се збогатила преку трговија зашто низ неа минувале значајни трговски патишта. Таквата состојба траела околу 200 години, сѐ до освојувањето на Асирците во 721 година пред Исус Христос, кога племињата биле раселени низ Сирија и Северното Царство. Ова Израелско Царство никогаш повеќе не се обновило под истото име сѐ до 1948 година, кога се појавила втората, денешната држава Израел. Инаку, Израел или на еврејски Мединат Исраел, е еврејска држава во Палестина, во Ветената земја на Евреите, во која дошле после ропството во Египет и долгото лутање по пустината. Името, пак, Палестина, на еврејски Ерез Исраел (потекнува од Филистејците, најголемите непријатели на Евреите), го добила своето име од Римјаните. Сите настани во Светото писмо (Библијата) се случувале токму во Палестина, која секогаш е третирана како родна земја на Евреите. Зборот Евреин, на еврејски Иврим има неколку значења. Едно од значењата е: дојденци, оние кои дошле од друга земја, име со кое другите народи ги нарекуваат Израелците. Аврам се нарекувал Евреин, а Мојсеј добил заповед на фараонот да му предаде порака од „еврејскиот Бог“. Во Новиот завет, во делата апостолски со името Евреи се нарекувале палестинските христијани, кои зборувале еврејски или арамејски. Не постои израз „еврејски“ или „еврејски јазик“ како ознака на древниот јазик на Евреите во Стариот завет. Таму древниот еврејски јазик се нарекувал канански или јудејски јазик.
|