|
|
Од патувањата по светот – Израел (2) |
(ДЕЛ ОД КНИГАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“) ВО ГРАДОТ НА МЛАДОСТА – ТЕЛ АВИВПатувањето во Светата земја - Израел во вистинската смисла на зборот за нас претставуваше ретко доживување. Во литературата што ја прочитавме стои дека Израел за Евреите е Ветената земја од Господа на Аврама и на неговите следбеници. Таа е наследство во кое децата на Израел биле водени од Мојсие по егзодусот од Египет и соединети во моќта на еврејската нација (Хибру), под водството на царот Давид и неговиот син Соломон. Таа е лулка на три големи монотеистички религии: еврејската, христијанската и муслиманската. Но, најважно за христијанскиот свет е тоа што Израел е родната земја на Исус Христос и Светиот град каде што тој бил распнат на крст, потоа погребан и по три дена воскреснал. Според библиските преданија од Стариот завет, првите доселувања на Евреите во Ветената земја - Канаан почнале околу 2.000 години пред Исус Христос. Тие биле номадски сточари од Месопотамија, од Долен Еуфрат и од други места. Нив ги донел патријархот Аврам. Меѓутоа, масовното доселување на Евреите на овие простори почнало со напуштањето на Египет во 1580 година пред Христа под водство на Мојсеј, кој на Синајскиот Рид им ги дал Десетте Божји заповеди. Еврејскиот народ постои уште од номадскиот период преку создавањето на првата држава на Евреите од 1030 до 930 година пред Христа, па преку нејзиното распаѓање, покорувањето на Евреите и нивната емиграција, до создавањето на еврејската држава која се реализира дури по Втората светска војна, на 14 мај 1948 година. Денес Израел доживува своевидна револуција во својот развој. Во тоа се уверивме кога го видовме облагородувањето на пустинските предели, изградбата на иригациони системи за наводнување, развојот на земјоделството, на машинската и на другите индустрии. Исто така, таа има сличен подем во современата трансформација на градските урбани средини кои претставуваат интересна симбиоза со богатата историска ризница и библиските преданија. За одбележување е особено тоа што веќе е во тек зелената револуција за освојување на нови пустински предели и нивно претворање во непрегледни зелени оази. Оттука и не случајно се вели дека оваа земја е вистинско чудо. Заслужува да се спомене дека како посебна содржина на живеење во Галилеја се и многубројните колективни населби со општествена, приватна и колективна сопственост. Најзастапени од нив се таканаречените кибуци, во кои се применува колективната организација на трудот, а и колективната сопственост. Денес во Израел има повеќе од 300 кибуци кои почнале да се формираат пред Првата светска војна, со првите доселувања на голем број Евреи, особено од Русија. Тие се карактеризираат со заедничка сопственост над земјиштето и над средствата за производство и со распределба според потребите на членовите на семејството и можностите на кибуцот. Дел од нив се формирани и под влијание на разни политички и верски организации. Местото каде ја допревме Светата земја - Израел беше најголемиот и најзначајниот, како за цивилен така и за воен транспорт, аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив. Тој е најголемиот град во Израел, кој во последно време, од причини што во централното подрачје живеат претежно млади брачни парови, а повозрасните се селат во предградието, е наречен град на младоста. Според податоците што ги добивме од домаќините, само во градското подрачје на Тел Авив живеат околу 1.000.000 жители, а заедно со предградијата, тој има повеќе од 1.500.000. Тел Авив е подигнат на просторот до стариот град Јафа. За него се вели дека е град на амбасади, конзули, на разни други дипломатски претставништва и канцеларии, на бизнис центри, на научни институции и на голем број луксузни хотели изградени по должината на Средоземното Море и на многу други важни установи. Се досетиле умните Евреи да направат камени брани во морето кои придонесуваат да се таложи ситен кристален и убав песок на брегот, каде е изградена патека за џогерите и огромни плажи за туристите. Сето тоа наликува на плажата Копакабана во Рио де Жанеиро. Тел Авив не е граден по некој одреден урбанистички план, затоа во него се среќаваат различни архитектонски стилови. Особено брзо се градени станбените згради за новодојденците, по 1948 година. Денес, куќите се претежно од три до пет ката, а се чини дека кулата „Шалом“ е највисока меѓу градбите и стрчи во просторот. Исто така, Тел Авив е голем културен и спортски центар. Во него со успех работи еден од најпознатите светски симфониски оркестри, Израелската филхармонија, како и познатиот театар Хабиман. Меѓутоа, Музејот за еврејската дијаспора има посебно место во севкупното национално и културно живеење, не само на Тел Авив, туку воопшто за Евреите во Израел и ширум светот.
|