Среда, 24 Април 2024   
Кус историјат на македонската политичка емиграција во Западна Европа по Втората светска војна

Парцијалното решение на македонското национално прашање по Втората светска војна резултирало со голем бран незадоволства како во Народна Република Македонија (НРМ), која станала дел од новоформираната југословенска федерација, така и во остатокот на Македонија кој се наоѓал под власт на Бугарија и Грција.

Незадоволството особено било изразено во НР Македонија, затоа што природно се наметнала потребата токму новоформираната Македонска република, да ја одигра улогата на „Пиемонт“ за другите делови од Македонија.

Тоа резултирало со создавање на конспиративни групи, чија што крајна цел била создавање на независна и обединета македонска држава. Голем број од овие групи, кои го носеле предзнакот ВМРО, од тогашните власти биле разоткриени, а дел од нивните членови осудени. Дел од нив, по излегувањето од затворите но и дел од оние кои не биле осудени неможејќи да се помират со новата фактичка состојба во која се нашла Македонија започнале да ја напуштаат Југославија и да се пријавуваат како политички емигранти најмногу во Грција, а нешто помалку во Италија и Австрија. Од логорите овие емигранти биле раселувани во Западните земји – Јужна и Северна Америка, Австралија и Западна Европа. На тој начин по Втората светска војна започнала да се создава македонската политичка емиграција која била демократски ориентирана и се залагала за интегрално решавање на македонското национално прашање.

Македонската политичка емиграција во Западна Европа најмногу била сконцентрирана во Шведска, Данска, Белгија, Сојузна Република Германија, Швајцарија и Франција.

Првичното групирање на македонските политички емигранти се случува во периодот од 1956 до 1963 година и тоа под водство на емигрантот Драган Богдановски. По негова иницијатива група македонски студенти-емигранти во Париз, пролетта 1956 година ја формираат организацијата Македонски национален фронт (МНФ). Организацијата имала своја политичка платформа, во која било третирано македонското прашање како национално прашање, а не само како политичко. Крајната цел на МНФ била создавање на независна и обединета македонска држава. Додека за прашањето за политичкото уредување на идната обединета македонска држава, било одлучено народот да се изјасни на референдум.

На основачкото собрание било одлучено да се формира Централен Комитет и да почне да се издава весникот „Македонска искра“, кој требало да биде печатен орган на МНФ. За претседател на ЦК бил избран Иван Јанев, а за секретар Драган Богдановски, кој воедно требал да биде и редактор на печатениот орган на oрганизацијата, весникот „Македонска искра“.

Но, иако весникот бил подготвен за печат, поради немање финансиски средства истиот не бил отпечатен. По кратко време оваа организација згаснала, за подоцна во текот на 1959 година повторно да се реактивира, но под друго име Македонски национален комитет (МНК) во Шведска. Весниците „Македонска лоза“ и „Слободна Македонија“ станале печатен орган на oрганизацијата, кои биле исполнети исклучиво со родољубива содржина и не биле непријателски насочени кон ниту една друга народносна структура.  Политичката платформа, а со тоа и целите на МНК биле исти со оние на МНФ, односно создавање на независна и обединета македонска држава.

Организацијата добро функционирала сé додека во нејзе бил активен Драган Богдановски, односно до 1961 година. Набрзо потоа активноста на организацијата замрела.

Овие две организации се всушност првото политичко групирање на македонските политички емигранти во Западна Европа. Нивна главна карактеристика биле антијугословенството, антикомунизмот и антититоизмот. Тоа било така поради фактот што во тој период во Западна Европа владеела силна антикомунистичка пропаганда, која влијаела и врз емигрантите од Македонија, а воедно и ванчомихајловистите ја воделе својата борба против македонската самобитност на антикомунистичка основа. Секој Македонец кој не се изјаснувал за Бугарин бил оквалификуван од ванчомихајловистите како комунист и бил денунциран како таков пред власта во земјата во која живеел.

Но, воедно ова е и првиот обид на македонските политички емигранти во Западна Европа за организирано спротиставување на овие ванчомихајловисти, односно МПО, која преку своето здружение „Тодор Александров“ од Белгија делувала во Европа. Дека целта на македонските политички емигранти, особено на Богдановски, била спротиставување на ванчомихајловистичкото здружение се забележува и од фактот што во текот на 1963 година било формирано македонско културно здружение „Јане Сандански“ токму во Брисел каде делувало здржението „Тодор Александров“. Ова здружение иако, како и претходните две организации, било со краток век на постоење, сепак било од големо значење за македонските емигранти од Белгија кои се оттргнале од туѓото влијание на ванчомихајловистичкото здружение „Тодор Александров“.

Крајот на 50-тите и почетокот на 60-тите години бил забележан поголем бран на новодојдени македонски политички емигранти во Западна Европа, односно Скандинавија. Новите политички емигранти иницирале создавање на нова политичка организација која била основана на 23 јуни 1962 година и наречена „Ослободителен комитет на Македонија“ (ОКМ). Оваа организацијата пред македонското иселеништво се претставила како типична емигрантска организација со антикомунистичка определба чија што крајна цел била создавање на независна и обединета македонска држава со демократско уредување по западен тип. На основачкото собрание бил избран Централен Комитет со претседател Димко Нечевски од Копенхаген, Данска. Печатен орган на ОКМ станал весникот „Македонија“, за кој бил одговорен Миле Илиевски.

Со оваа организација започнува поорганизираното делување на македонската политичка емиграција во Западна Европа, а подоцна и на северноамериканскиот и австралискиот континент.

По само неколку години од формирањето се случиле големи поделби за превласт во самата Организација. Тоа значело и демотивирање на членството и опаѓање на нејзината активност. Се со цел враќање на единството по поделбите во текот на 1967 година бил одржан  „Уставотворниот конгрес во Кил“, на кој биле донесени: Политичка платформа, Манифест до македонскиот народ и Статут на ОКМ. Но, овој конгрес бил одржан и заради друга причина-придобивање на македонските економски емигранти кои масовно ја напуштале Југославија кон крајот на 60-тите години. Токму и тука треба да се бара промената на политичкиот курс на Организацијата, односно напуштањето на строгата антикомунистичка идеологија по која била карактеристична Организацијата. Таа промена се случила на иницијатива на Драган Богдановски.

Но, сепак поделбите и потресите со кои се соочувала Организацијата во тој период резултиралe со пасивизирање на истата. Повторното активирање на македонската политичка емиграција во Западна Европа се случува во текот на 1971 година, кога Драган Богдановски започнал да го издава новото списание „Македонска нација“, чиј што прв број излегол во јануари 1971. Првите три броја излегле како „независно списание за општествени прашања и култура“, од причини што во тој период, иако македонската политичка емиграција немала активности, сепак се чувствувала поделеноста што настанала во периодот додека постоел ОКМ.

Непосредно пред и по излегувањето на првиот број на „Македонска нација“, биле одржани повеќе средби меѓу македонските политички емигранти за нивно политичко реактивирање, односно возобновување на ОКМ. Тие средби резултирале со одржување на првиот вонреден конгрес на ОКМ на 30 мај 1971 година во Данска.

Вонредниот конгрес направил извесни дополнувања во Политичката платформа и во Уставот на ОКМ. Во платформата била изнесена крајната цел на ОКМ, а таа била создавање на самостојна обединета македонска држава. Додека целите и задачите на ОКМ меѓу емиграцијата, според платформата, биле да работи на „будење и одржување на македонскиот патриотизам“ но и да ги „обедини сите оние Македонци кои надвор од туѓина сакаат да работат и да се борат за слободна и обединета Македонија.“

На вонредниот конгрес било одлучено списанието „Македонска нација“, кое започнал да го издава Драган Богдановски, да стане официјален печатен орган на ОКМ.

За претседател на ОКМ, повторно бил избран Димко Нечевски, додека Драган Богдановски станал член на ЦК и редактор на списанието „Македонска нација“.

Драган Богдановски иако не бил избран за претседател, успеал да се наметне како клучна фигура во Организацијата. Неговото влијание растело и веќе се демонстрирало наредната година кога бил одржан вториот вонреден конгрес на ОКМ (30 април - 1 мај 1972 г.). Имено по негова иницијатива се променува името на Организацијата во Движење за обединување на Македонија (ДОМ). На конгресот била донесена и специјална декларација во која што бил нагласен обидот и желбата на Организацијата да прерасне во општонационално движење, што било една од причините за промена на името. Организацијата го задржува политичкиот курс поставен од него на „Уставотворниот конгрес“ за напуштање на тврдите антикомунистички позиции. На тој начин требало да се придобијат сите оние кои без разлика на политичката и идеолошката ориентација би работеле за главната цел на Организацијата – независна и обединета Македонија, а особено оние новодојдени Македонци, кои од 60-тите години па натаму масовно доаѓале во Западна Европа на привремена работа.

Дел од раководството на Организацијата, предводено од Димко Нечевски, не ги прифатило новите промени, па за да не настанела евентуална поделба во Организацијата на иницијатива на Драган Богдановски бил формиран нов Централен комитет на ДОМ неколку месеци по конгресот. Во новиот ЦК за прв пат биле вклучени и Македонци од Австралија и САД, а Богдановски бил избран за претседател.

Организацијата под името Движење за Обединување на Македонија дејствувала сé до есента 1973 година, кога повторно по иницијатива на Богдановски името се менува во Движење за Ослободување и Обединување на Македонија (ДООМ). За причините за промената на името Богдановски, меѓудругото, изјавил: „Уфрлувањето на второто ‘О’ во името на движењето во однос на Пиринска и Егејска Македонија има националноослободителен карактер, а во однос на Југославија има повеќе сепаратистички отколку ослободителен карактер.“ Со тоа повторно се нагласува желбата и тенденцијата на Организацијата да прерасне во националноослободително движење на Македонците во емиграцијата.

Со промената на името како и со задржување на политичкиот курс за напуштање на строгата антикомунистичка идеологија, Организацијата го докажала својот демократски капацитет за отворање на вратите и за левоориентираните струи, но кои биле со идејата за независна и обединета македонска држава. Со тоа Организацијата на пиедестал ги поставила исклучиво националните интереси, кои требало да бидат надпартиски и над секаква идеологија. Ваквата политика на Организацијата, а пред сé на нејзиниот претседател Драган Богдановски, придонела да сé создаде една идеолошки хетерогена организација и со тоа станала единствена македонска политичка емигрантска организација која успела да оствари влијание надвор од континентот каде се формирала.

Вистинското омасовување на Организацијата започнало по одржувањето на третиот конгрес на ДООМ (13-14 април 1974) попознат уште како Општ конгрес. Имено, на тој конгрес за прв пат учествувале делегати не само од Европа, туку и од прекуокеанските земји САД и Австралија. Конгресот изгласал куса Програмска декларација на целите, задачите и насоките на идната активност на ДООМ. Освен познатите фрази дека Организацијата ќе работи за „македонско национално обединување“, во Декларацијата биле изнесени и конкретни предлози за запознавање на меѓународните фактори за статусот на македонскиот народ во трите дела на Македонија.

На Конгресот бил избран нов Централен Комитет, со претседател – Драган Богдановски.

Оттогаш започнува зголемената активност на ДООМ на меѓународен план. Биле праќани меморандуми, апели и протестни писма до европските држави, со што повеќето европски држави за прв пат се запознале со постоењето на оваа Организација и нивните цели и предлози за решавање на македонското национално прашање.

Меѓутоа иако Организацијата била формирана во Западна Европа, од почетокот на 70-тите години таа масовно се раширила и на австралискиот континент, па за многу кратко време биле формирани повеќе поткомитети отколку во Западна Европа. Причината за ова можеби треба да се бара во фактот што македонските иселеници биле побројни на австралискиот континент, но поради далечината, југословенското влијание било помало отколку во западноевропските земји. Психолошкиот притисок и стравот што го чувствувале македонските иселеници во Западна Европа, пред сé оние кои се иселувале од економски причини, бил огромен, поради тоа што најголемиот дел од нив имале намера повторно да се вратат во татковината. Свое влијание за дистанцирање на економските емигранти од политичките во Западна Европа оставиле и т.н. југословенски клубови кои биле директно раководени од Сојузот на комунистите на Југославија и Социјалистичкиот сојуз, кои за разлика од другите континенти во Западна Европа биле мошне активни.

Омасовувањето и зголемената активност на Организацијата не останале незабележани од страна на македонската Служба за државна безбедност (СДБ), која постојано правела препреки и саботирања на одредени акции на Организацијата преку уфрлување на свои соработници во истата. Првиот силен удар на Организацијата‚ бил нанесен со убиството на организациониот секретар Благој Шамбевски, кое се случило во 1974. Додека вториот во 1977 година со киднапирањето на претседателот Драган Богдановски. По киднапирањето на Богдановски, кој воедно бил и моторната сила на Организацијата, се почувствувал драстичен пад во нејзините активности.

Непосредно по киднапирањето на Богдановски, бил одржан состанок на дел од раководството на Организацијата од Австралија кој бил прогласен за IV конгрес на ДООМ. На конгресот за претседател бил самопрогласен Михаил Шариновски. Тоа придонело за нови поделби во Организацијата и пасивизирање на голем дел од членството.

По консолидацијата на Организацијата, во 1984 година бил одржан V конгрес на ДООМ. На овој Конгрес името на Организацијата било променето во Народноослободителен фронт на Македонија (НОФМ). Промената на името била извршена со цел уште еднаш да се нагласи амбицијата на Организацијата да се трансформира во единствена сила што ќе ги апсорбира сите македонски опозициски структури. Тоа особено се забележува од изгласаната програмска декларација според која ширењето на Организацијата и проширувањето на соработката, не само со други македонски политички организации туку и со останати црковни, национални, културни и спортски здруженија, станало врвен приоритет. За претседател на НОФМ бил избран д-р Богољуб Андоновски.

Последниот конгрес на Организацијата бил одржан во 1989 година, меѓутоа во тие години оргазнизацијата станала само номинална, без активности и без некое посериозно членство.

И покрај промените и потресите што се случувале во Организацијата низ децениите, политичката физиономија и крајна цел останала иста. Организацијата ја поддржувала СР Македонија како држава на македонскиот народ и целокупната афирмација на македонското национално битие во неа. Меѓутоа жестоко било напаѓано републичкото раководство кое често пати било нарекувано „просрпско“, додека сојузната влада била обвинувана дека не посветувала доволно внимание за актуелизација на прашањето за македонското малцинство во соседните земји. Организацијата сметала дека СФРЈ не била во состојба да го обезбеди обединувањето на македонскиот народ. Грција и Бугарија пак, биле обвинувани за најгрубо кршење на човековите права преку процесите на асимилација, денационализација и протерување на Македонците. Крајната цел на Организацијата од почетокот на своето формирање па сé до крајот останала истата - создавање на независна и обединета македонска држава која што би била дел од едно балканско, а подоцна и европско обединување. Суштината на програмската ориентација на Организацијата лежи во „националната илинденска идеологија, која бара решение на македонското национално прашање врз ревизија на светските договори по тројната разделба на Македонија.“ Токму илинденските идеали, односно илинденските револуционерни традиции се претвориле во лајтмотив кој се провлекувал низ целиот период на постоењето на Организацијата. Фотографиите на илинденците и паролите од тој период станале неизбежен декор при секој собир или настан на Организацијата исто како и големата застапеност на текстовите посветени на Илинденскиот период во списанието „Македонска нација“, што често преминувало во митологизација на тој дел од македонската историја.

Главните активности на Организацијата биле реализирани преку редовното печатење на списанието „Македонска нација“, потоа печатење на разни летоци, меморандуми, апели и протестни писма. Односно, активноста на Организацијата била строго интелектуална, преку пишаниот збор да се привлече вниманието на европската и пошироката јавност за докрај нерешеното македонско национално прашање.

Организацијата под името Народноослободителен фронт на Македонија делувала сé до 1990 година. Имено, со пробивањето на политичкиот плурализам во Република Македонија, се создале нови услови кои подразбирале и нови начини за реализирање на целите, односно активно вклучување на македонската политичка емиграција во политичките збиднувања во Република Македонија. Токму поради тоа, понатамошното егзистирање на Организацијата станало излишно, по што пред Собранието на тогаш сеуште Социјалистичка Република Македонија била поднесена иницијатива за нејзино трансформирање во политичка партија - Народен демократски фронт на Македонија. Тоа всушност е и последната активност на Организацијата, а обидот да се трансформира во политичка партија останал неуспешен. Речиси во идентичен период, долгогодишниот лидер на Организацијата, кој речиси 11 години одлежал затвор во СР Македонија заради својата активност, Драган Богдановски ја започнал иницијативата за формирање на политичката партија Демократска партија за македонско национално единство (ДПМНЕ). Темелите на оваа партија биле удрени во емиграција и најголем дел од македонската политичка емиграција ја поддржала оваа нова политичка структура која во меѓувреме го добила конечното име ВМРО-ДПМНЕ. Не само што иницијатор за формирање на партијата бил еден од најекспонираните македонски емигранти Богдановски, а воедно и темелите на партијата биле удрени во емиграцијата, туку и првичните цели на Партијата за независна и обединета Македонија биле најблиски до целите и идеалите на македонската политичка емиграција. Тоа било и главен мотив најголем дел од старите македонски политички активисти во емиграцијата во почетокот на 90-тите години да ја поддржат оваа политичка структура, во која што виделе еден вид продолжеток на нивната борба во нови услови во својата татковина – Република Македонија.

marjan-ivanoski
Д-р Марјан Иваноски

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.