|
|
Бенито Мусолини бара автономија на Македонија во 1928 година |
Македонска нација Бенито Амилкаре Андреа Мусолини (1883-1945), познат како "Дуче" (водач), управува со Италија како диктатор од 1922 до 1943 година. Во овој период создава фашистичката држава со силата на државен терор и пропаганда. Искористувајќи ја својата харизматичност, воспоставува апсолутна контрола врз медиумите и преку заплашување на политичките противници, тој го уништува постојното демократско државно управување. Неговото влегување во Втората светска војна на страната на Нацистичка Германија ја прави Италија мета за напади на Сојузниците и станува причина за поразот и за неговата смрт. По континуираниот неуспех на италијанските либерални влади, на 28 октомври 1922, италијанските фашисти извршиле „Марш на Рим“ и од кралот Виторио Емануеле III побарале да му дозволи на Мусолини да формира влада. Кралот морал да се согласи и Фашистичката партија дошла на власт. Во следните две децении настапил црн период за Италија. Мусолини владеел неограничено, печатот бил замолчен, граѓанските слободи одземени, а била формирана и тајна полиција. Од следбеници Мусолини бил наречен „Ил Дуче“ (Duce; Водач). Мусолини бил неосновано агресивен и храбар што го одвело во неколку војни. Тој својот поглед го свртел и кон Југославија, каде македонското прашање сеуште го бранува Балканот. Имено, по Првата светска војна дел од тогашните партии, Демократската и Радикалната партија лицемерно изјавуваат дека се согласуваат да и се даде автономија на Македонија. Дури Демократската партија стапила во врска со македонските емигрантски кругови за враќање на Македонците од Бугарија, потоа за назначување во државните служби на интелектуалците кои би се вратиле , како и за толерирање на „месниот дијалект“ во јавна употреба. Меѓутоа под Обзнаната, Македонија се соочува со масовен државвно-полициски терор кој се зголемува со навлегувањето на македонските чети предводени од Александров и Протогеров од Бугарија. Дејствувањето на македонските чети кое има силен одек во европската јавност, ќе го искористи Мусолини да побара автономија за Македонија за да изврши пробив на Балканот. Ваквото барање силно ќе одекне во Европа и ќе го разбранува Кралството Југославија, која ќе излезе со свој коментар во Белградска „Политика“ на 29 јануари 1928 година. Авторот на текст „Автономија на Македонија“, потпишан како X.Y.Z., во својот осврт на барањето на Мусолини, користејќи ги анализите на герменски весник, ќе напише: „Мусолини почна преку своите листови енергична борба со цел создавање автономна Македонија. Тој тврди дека неговото чуство за справедливост и великодушност го тераат да го подигне својот глас во корист на еден угнетен народ. По него, злочините кои ги изведува македонската организација по нашите јужни краишта се израз на незадоволството на тамошното население. Органот на неговиот брат смета дека интервенцијата на Европа е неопходна што побргу, бидејки инаку, престојат озбилни заплети. Интересно е ова завземање на римскиот диктатор за остварување на идеалите на онаа маса која се собира околу полковникот Протогеров. Водачот на фашистите, кој со помош на толпа од педесет илјади луѓе ја зеде власта во Италија, зборува за ослободување на Македонија. Во својата сопствена татковина тој воведе најстрашен терор за кој образованиот свет воопшто знае. Илјадници најдобри италијански синови бараат спас во странство од гонење, које на италијанскиот народ го вршат развратните црни кошули. По разни оддалечени и подивени краеви на Италија се наоѓаат интернирани илјадници други лиѓе чија единствена вина е што отворено и воодушевено не се изјаснија за фашистичкиот режим. Потпирајќи се на една платеничка милиција составена од отпадници од општеството, Мусолини држи во страв народ од четириесет милиони души. Тој го уништи парламентот, го зароби дворот, ги забрани сите новини кои не се чисто фашистички и сега прави се што сака по Италија. Тој во еден забележителн говор изјави дека не им признава на малцинствата никакви права. Безобзирно атакуваше на сите културни и општествени институции на словенечкото и германското население. Меѓутоа, не само што секое право на народните малцинства по фашистичката програма се исклучени, Мусолини објави преку своите органи дека и поголемиот дел од народот треба да се покори на една одбрана група луѓе, кои го сочинуваат фашистичкиот главен одбор. По објавените правила на таа организација на црните кошули, тој одбор го поставува лично тој, Мусолини. Така во рацете на тој целосно амбициозен и малко уравнотежен човек е судбината на цела една голема држава. И тој човек за кој сите поими за правото и правдината заврзани на врвот на фашистичките карабини, се буни против нашето управување во Јужна Србија (Македонија – н.з). На основа на возвишениот идеал за слободата и еднаквоста бара тој безобзирен диктатор посебен режим во Македонија. Значајно е да за таквиот особен режим пишува и еден многи познат германски весник, меѓутоа со цел да ја докаже неговата неможност. „Германски општ весник“ му посвети еден ред статии на нашите односи со Бугарија. Во тие статии на многу места се критикува нашата управа во Јужна Србија (Македонија – н.з) и таа се обвинува за вознемирување на таа страна. Меѓутоа секоја идеја за создавање некаква автономна македонска покраина ја фрла во редот на илузии, кои би можеле да бидат опасни по мирот во Европа. Тој лист расправа најпрво во однос на бугарската влада према македонскиот комитет. Многу лесно е можно вели тој, дека самите Бугари многу би сакале својата надворешна меѓународна акција да ја ослободат најпосле од притисок која над неа ја врши македонската организација. Но, тоа засега останува само пуста желба, бидејќи таа организација представува држава во држава. Полицијата, војската, судството, финансиите, се проткаени со нејзиниот дух бидејќи Македонците не се само помногубројни туку и по интелигенција многу појаки од правите Бугари. Стремежот на таа се менуваше, што секако стои во врска со намалувањето на нејзината моќ во самата Македонија. Прво таа бараше Македонија да се спои со Бугарија, потоа да биде независна и најпосле да и се признае автономија во границите на Југославија. Спојување на таа покраина со Бугарија било би можно се разбира само после една војна, бидејќи неможе да се помисли дека Југославија без отпор би прифатила цепење на тој голем дел од својата територија. Природно е, да таква војна, при денешното расположение и распоредот на силите во Европа, не би можела да се ограничи само на Балканот. Според тоа, такво решение на таканареченото македонско прашање, го исклучува германскиот весник од своето разгледување. Тој застанува на две други решенија, но за кои изразито зборува дека се само теоретски возможни. Независноста на Македонија, по мислење на германскиот весник, не би било никакво решение за македонското прашање. Многу е сомнително дека една таква покраина би можела долго да ја одржи таа своја независност. Таа би била опкружена со земји, кои имаат големи интереси во тој дел на Балканот. Покрај тоа, таа би станала бојно поле за борба на извесни Сили, кои се обидуваат на таа страна да најдат потпора за понатамошно навлегување.Завземањето на Мусулини за Македонија не му се чини на писателот на статијата така великодушно. Нему му изгледа дека римскиот диктатор, во поддржувањето на тоа движење, има главно во вид освојување на позиции во борбата против Југославија. Особено многу малку е веројатно дека таа независна Македонија би останала и би сакала да остане одвоена од Бугарија. Природно е дека обединувањето би се извело во моментот кога би дошле и би ја зеле власта оние елементи кои денес во Софија и од Софија го водат главниот збор. Во суштина какви се односите денес таму, тоа попрво Македонците би ја присвоиле Бугарија, отколку Бугарите Македонија. Најпосле треба да се води сметка и за тоа, дека веднаш по создавањето на независна Македонија би исчезнало она единство кое сега постои во македонските редови. Меѓу нив би се развиле сите притаени несогласувања и би дале се разбира повод за да околните влади се вмешаат во работите на таа нова држава. Ни малку подобро не стојат работите ни со автономијата на Македонија во рамките на Југославија. Секако дека меѓу партиите во Кралството се појавуваат струи кои тежнеат кон извесна децентрализација на целокупното управување. И авторот на статијата во тој германскиот весник мисли дека таква децентрализација најпосле мора да се спроведе во интерес на правилно и брзо спроведување на државните работи. Меѓутоа и доколку некогаш се спроведе, таа децентрализација нема да биди некаква автономија на сите покраини кои денес влегуваат во состав на Југославија. Во основа на новиот начин на управување ќе биде идејата да на тие поедини покраини им се овозможи постепено прилагодување на извршеното единство. Никој во Белград секако не мисли да децентрализацијата ја изврши на тој начин што на Македонците би им се дозволило да од Бугарија навалат во Јужна Србија (Македонија – н.з). Меѓутоа така и само така таа автономија ја замислуваат водачите кои Софија управуваат со македонското движење. Тие би сакале ним да им се признае исклучиво правото да и во училиште и во црква, да и во судот и во полиција тие поставуваат свои луѓе. Природно е да таков начин на управување во таа покраина би довело во суштина до нејзино отцепување. Таа автономија наскоро би завршила со претворање на Македонија или во бугарска провинција или во поле на судири на странски интереси. Во секој случај, размислувањата кои преовладуваат во политичките кругови во Југославија за децентрализација не можат да се поклопат со стремежот кои го имаат македонските водачи. Авторот на статијата во германскиот весник не се впуштил во расправа за прашањето дали Македонија по своето население повеќе српска или повеќе бугарска. Тој вели дека тоа е тешко да се утврди, бидејќи за тоа не постојат објективни знаци. Субјективно, пак самото македонско население тешко се определува, бидејќи станало недоверливо кон секого кој за тоа кај него се распрашува. Поради тоа тој мисли, дека треба да се биде внимателен кога се во прашања на извештаи на оние писатели кои тврдат дека и на лице место, во масата на народот, дошле до убедување за правото расположение на Македонците. Мекедонците, кои од Софија го водат револуционерното движење, се сметаат во Бугарија за Бугари. Веројатно е, вели авторот, дека самите Бугари на тие луѓе би гледале како на „Бугари од Македонија“, дека тие не успеале во кралството наметнат со својата енергија и со своите граѓански доблести. Во секој случај, вели германскиот автор, по мислење на Македонците населението во Јужна Србија е бугарско. Ако тоа и покрај се во самата Македонија се нарекува чисто македонско тоа е чисто од тактички причини. Симпатиите кои авторот ги има кон македонското движење излегуваат на многу места во неговите статии. И тие симпатии секако се причина да тој и нашата управа во тој крај ја осудува повеќе отколку што заслужува. Меѓутоа, сето тоа не му смета за основа на своите забележувања да ја земе состојбата која постои и да смета дека секој говор за автономија на Македонија денес е залуден. Македонија денес е составен дел на нашето Кралство, а тоа постојано го превидуваат оние кои прават програма за нејзината иднина. Таа влезе во нашиот состав после очајна борба, која првично тамошното население самстојно ја водело за да ја одржи своата народност под турска управа. Па потоа за нас, таа и со меѓународни договори загарантирана после три очајни војни во кои паднаа стотина илјади наши синови. Чудно изгледа дека после сето тоа во бугарските и италијанските весници сеушта тако лекоумно се обидува да се постави прашањето за нејзиниот понатамошен опстанок. Многу скоро, даде Љапчев едно интервју во кое вели дека несреќа за Балкан и за мир во Европа што не е почитуван и не се одржа Сан Стефанскиот договор. На Љапчев изглада дека не му паѓа дури и на ум дека тој договор беше една незнатна епизода во развојот на Балканскиот Полуостров, а дека потоа дојдоа меѓународни договори со многу пошироко и подлабоко значење. Бугарската и италијанската јавност се бунат против енергичниот говор на нашиот министер за надворешни работи на Собирот на демократската партија. Тие во тој говор бараат по секоја цена да најдат некакви закани упати час на Софија и час на Рим и го зметаат како израз на некакви наши завојувачки цели. Всушност тој говор е само опомена за сите оние кои мислат дека е доволно да се извршат неколку атентати по Јужна Србија па се поништат правата кои нашиот народ ги има на таа покраина. Тие атентати треба да ги остранат одредбите од Сан Стефанскиот договор, наспротив решениата кои се донесени во Букурешт и Версај. Владата на Бугарија официјално ги осуди сите тие атентати, но нејзината внатрешна состојба не дозволува таа осуда и да ја изврши. И италијанската јавност облеена наеднаш со несовладливи симпатии према депресивното население во средиштето на Балканскиот Полуостров, ги потикнува софиските властодршци дека не ја исполнуваат дадената реч. Говорот на Маринкович е само нов израз на нашата решеност да го браниме воспоставениот ред и за таа решеност секако ќе мора да поведат сметка и во Софија и во Рим. Место да господата во Италија и во Бугарија водат грижа за состојбата која владее во Јужна Србија (Македонија – н.з) би било подобро да се осврнат на одекот кој во светот предизвикјува нивното насилие.“ Бенито Мусолини започна неколку војни кој ги загуби. Во Етиопија 1935, во Албанија 1939 и во Грција 1941. Во 1940 се приклучил на Оската на Хитлер, а потоа учествуваше во окупацијата на Југославија. Меѓутоа, наместо да се бори за создавање на автономна Македонија, во договор со Германија, Македонија повторно е поделана. Влегувањето на Италија во сојуз со Хитлер бил потег од корист за Сојузниците, бидејќи италијанските трупи не биле воопшто обучени, а војниците дезертирале и не сакале да ги ризикуваат своите животи за кауза што не е нивна. По италијанските порази на сите фронтови и англо-американското слетување на Сицилија во 1943, повеќе соработници на Мусолини се свртиле против него на состанокот на Големиот фашистички совет на 25 јули 1943. Кралот го повикал Мусолини во својата палата каде што му ги одзел овластувањата. При напуштање на палатата, Мусолини бил уапсен и испратен во Гран Сасо во целосна изолација. На 27 април 1945, крај езерото Комо, во обид за бегство кон Швајцарија, Мусолини и неговата љубовница Кларета Петрачи биле фатени од страна на италијанските партизани. Ден потоа, на 28 април, тие биле стрелани заедно со уште 16 други министри и официјални лица на фашистичкиот режим. |