|
|
Пир Епирски (318 п.н.е. - 272 п.н.е.) |
Бил крал на Молосијците (од 297 п.н.е.), Епир (306 п.н.е. - 301 п.н.е., 297 п.н.е. - 272 п.н.е.) и Македонија (288 п.н.е. - 284 п.н.е., 273 п.н.е. - 272 п.н.е.), и еден од најсилните противници на Римска Република. Дел од неговите битки, иако успешни, резултираат со големи загуби во редовите на неговата војска, што е и непосреден повод за создавањето на изразот Пирова победа. Пир бил син на Еакид Епирски и Фитија, и втор братучед на Александар Македонски. Како принц на една од државите-наследнички на Александар, детството и младоста му поминале бурно. Имал само две години кога татко му бил симнат од престолот и семејството пребегало кај Главкиј, кралот на Тавлантите, еден од најголемите илирски родови. Подоцна Епирот го повикал, но повторно бил симнат на 17 годишна возраст, кога го напуштил кралството за да присуствува на свадбата на синот на Главкиј во Илирија. Во војните на дијадосите Пир се борел заедно со неговиот зет Деметриј I Опсадникот на губитничката страна во важната битка кај Ипс (301 п.н.е.). Подоцна земен е за заложник од Птоломеј I Сотир според мировниот договор помеѓу Птоломеј I и Деметриј I Опсадникот. Пир се оженил со паштерката (посинета ќерка) на Птоломеј I, Антигона, и во 297 п.н.е., со негова помош, Пир си го повратил кралството. Потоа завојувал со неговиот некогашен сојузник Деметриј I Опсадникот. До 286 п.н.е. го тргнал својот зет и завладеал со Македонија. Пир бил истеран од Македонија од страна на Лизимах, негов некогашен сојузник, во 284 п.н.е. Во 281 п.н.е. грчкиот град Тарент во јужна Италија, ги влошил односите со Рим, па така требал да се соочи со напад и сигурен пораз. Рим веќе бил голема сила, и римјаните биле решени да ги покорат сите грчки градови во Голема Грција. Тарентинците побарале од Пир да ги води против римјаните. Пир бил инструиран да прифати во светилиштето во Делфи. Меѓутоа неговите намери не биле несебични. Тука тој увидел прилика да си создаде свое царство во Италија. Се осојузил со Птоломеј Керавн, крал на Македонија и негов најсилен сосед, па пристигнал во Италија во 280 п.н.е. Во Италија влегол со војска од 3.000 коњаници, 2.000 стрелци, 500 прачкаџии, 20.000 пешадијци и 19 бојни слонови со цел да ги покори римјаните.
Заради надмоќта на неговата коњица и слонови ги победил римјаните, под водство на конзулот Публиј Валериј Левин, во битката кај Хераклеја во 280 п.н.е. Хероним Кардиски вели дека римјаните загубиле околу 7.000, додека Пир загубил 3.000 војници, меѓу кои многу од најдобрите. Дионисиј пак, вели дека загинале 15.000 римјани и 13.000 Пирови војници. На Пир му се придружиле неколку родови Лукани, Брутии, Месапијци, и грчките колонии Кротон и Локри. Пир им понудил примирје на римјаните, но тие го одбиле. Зимата ја провел во Кампанија. Во 279 п.н.е., Пир навлегол во Апулија, и двете војски се сретнале во битката кај Аскул, каде Пир победил, но по многу висока цена. Римскиот војсководец бил конзулот Публиј Декиј Мус, и неговата силна војска, иако поразена, нанела огромни штети на Пировата војска, па така ја загарантирала безбедноста на самиот град. Оваа битка ги наговестила подоцнежните победи над Рим над побројни и подобро вооружени земји-наследнички и дала повод за изразот „Пирова победа“, со значење на победа по катастрофална цена. На крајот римјаните изгубиле 6.000 души, а Пир само 3.500, но иако разбиена, неговата војска била опасен противник. Во 278 п.н.е. Пир истовремено добил две понуди. Грчките градови во Сицилија му побарале да дојде и да ги истера картагинците, една од двете најголеми сили на западното Средоземје. Едновремено, македонците, чиј крал Керавн бил убиен во инвазијата на Галите, побарале од Пир да дојде на престолот на Македонија. Пир решил дека Сицилија била поповолна опција, па затоа ја преместил својата војска таму. Пир бил прогласен за крал на Сицилија, па наскоро веќе правел планови како син му Хелен би ја наследил Сицилија, а другиот син Александар би ја добил Италија. Во 277 п.н.е. Пир го зазел Ерикс, најсилната картагинска тврдина во Сицилија. Во 276 п.н.е. Пир влегол во преговори со Картагина. Иако картагинците сакале да се спогодат со Пир, да му дадат пари и да пратат бродови по примирјето, тој барал Картагина да ја напушти сета Сицилија и да повлече граница во Либиското Море. Во меѓувреме почнал да се однесува деспотски кон населението во Сицилија, па набргу бил замразен. Иако ги победил картагинците во друга битка, бил приморан да ја напушти Сицилија и да се врати во Италија. Додека Пир водел поход против картагинците, римјаните си ги повратиле силите со регрутирање. Кога Пир се вратил од Сицилија, увидел дека е соочен со огромна, многу посилна војска. По нерешената битка кај Беневент во 275 п.н.е. Пир решил да ги заврши походите во Италија и да се врати во Епир, со што ги изгубил италијанските територии. Иако неговиот поход на запад причинил големи штети за војската и ризницата, Пир повторно завојувал. Овој пат го нападнал Антигон II Гонат и извојувал лесна победа, па ја зазел македонската престолнина. Во 272, Клеоним, спартанец со кралска крв, кој бил омразен меѓу спартанците, побарал од Пир да ја нападне Спарта и да го постави него на власт. Пир се согласил со овој план, со намера да го заземе Пелопонез, но неговиот напад на Спарта се соочил со неочекувано силен отпор. Веднаш потоа му се дала прилика да се вмеша во граѓанските немири во Аргос. Со војската влегол во градот крадешкум, но се нашол во збркана битка по тесните градски улици. За време на бркотницата некоја старица, качена на покрив, му фрлила ќерамида врз глава, што го зашеметило, давајќи му прилика на непријателски војник да го убие (некои извори велат дека бил отруен од некој слуга). Додека бил жив и немирен водач, и не секогаш мудар крал, Пир се сметал за еден од најголемите војсководци на своето време, за кого Ханибал сметал дека е втор најдобар во светот, по Александар Македонски. Пир бил познат и по својата добротворност. Какао генерал, неговите најголеми политички слабости биле неможноста да одржи силна ризница дома (многу од неговите војници биле скапи платеници). Неговото име е овековечено во изразот „Пирова победа“, што се однесува на биката кај Аскул. Како одговор на честитките за оваа победа, се вели дека Пир рекол: „Уште една ваква победа и пропаднав“! Пир напишал Мемоари и неколку книги за војувањето. Овие денес не се зачувани, но се знае дека извршиле влијание врз Ханибал, а за нив пофално се изразил и Цицерон. |