|
|
Во 1912 г. Турците бараат Македонија да стане кнежество со Солун како престолница |
„Македонија да стане кнежество со Солун како престолница, под суверенство на султанот, меѓутоа кнезот би го бирале сојузничките држави, а султанот би го потврдувал. Кнезот треба да биди од протестанска вера од некоја неутрална држава.“ – е предлог на турската делегација на Лондонската мировна конференција во декември 1912 година. Во текот на Првата балканска војна (8 октомври 1912 – 30 мај 1913), по неуспешниот напад на Чаталџа, Бугарија го прифатила османлиското барање за примирје кон крајот на октомври. Прифаќајќи го предлогот на големите сили за посредување, по повеќедневни преговори, на 20 ноември кај Чаталџа бил склучен договор за задржување на освоените позиции и запирање на воените дејства меѓу Бугарија, Србија и Црна Гора, од една страна и Османлиската империја од друга страна, Единствено договорот не бил потпишан од Грција, која сепак зела учество на Лондонската мировна конференција која започнала на 3 декември 1912 година Во текот на преговорите, османлиската влада им понудила на Бугарија, Србија, Цена Гора и Грција, Македонија и Албанија да добијат автономија под суверенитет на Турција, но планот бил отфрлен од сојузниците. Имено според пишувањето на белградска „Политика“ (17.12.1912), повикувајќи се на информациите од бирото на Ројтерс од 15, 16 и 17 декември, турската делегација на мировните преговори во Лондон ги поднела следните предлози:
Ваквиот турски предлог ќе ги збуни делегатите на сојузничките сили на Србија, Бугарија, Црна Гора и Грција, поради што конференцијата ја прекинала седницата за да им овозможи на балканските делегати да се договорат за предлогот на Турција. По продолжувањето на седницата, сојузниците повикувајќи се на состојбите на теренот не сакале да дебатираат за предлогот на Турција и бараат од неа нови предлози. Врз основа на информацијата на Ројтерс од 16 декември, белградскиот весник за ставовите на делегациите балканските сојузници ќе напише: „Откако седницата повторно беше отворена, започна општа дебата. Шефовите на балканските делегации истакнаа, еден по друг, дека турските предлози во основа се разликуваат од сојузничките услови, бидејќи турските предлози не водат сметка за ситуацијата која настана по војната, ниту водат сметка за територијалните барања на сојузниците. Повеќе делегати изјавија дека турските предлози ниту можат да се примат, ниту за нив може да се дебатира, а турската делегација се моли да поднесе нови предлози во кои ќе води сметка за основните услови на сојузниците. Турските делегати трудејќи се да го оправдаат своето гледиште изјавиле дека за одбивањето на против предлозите ќе ја известат својата влада и дека својот одговор ќе достават во понеделник. Запрашаните турски делегати дали поднесените против предлози се последен збор на Турција, не дадоа одговор. Исто така, Турците се известени дека дебатата за реформи во Македонија сега не возможна, со оглед на сегашната фаза на преговорите... Ројтеровото биро дознава дека, балканските кругови не се надевале на таквите турски предлози кои не можат да се прифатат... Според држењето на балканските делегати се очекува нивен ултиматум, доколку Турците не попуштат, бидејќи нивната стрпливост е веќе исцрпена.“ Според информациите кои пристигнале од Лондон, со предлогот на Турција не биле задоволни ни Албанците. Имено, кандидатура на отоманскиот принц не би била пријатна за арбанашките првенци, кои имаат желба на чело на Албанија да биде поставен Европеец со европски советници. Сето ова укажува дека, Турција со цел да го задржи Одринско, Македонија ја користила како монета за поткусурување. Тоа може да се види и од информацијата на Ројтер за Лондонската конференција од 17 декември, дадена во продолжение, во кој се вели: „Ројтеров биро дознава од турски делегати на конференцијата за мир, дека турските предлози поднесени пред два дена на конференцијата, не се последен збор на Турција, но тие држат дека и тие како и балканските сојузници дека имале право да поднесат свои услови кои подоцна можат да се изменат. Меѓутоа Турците истакнуваат дека направиле голема концесија со остапувањето на Солун. Турците апсолутно остануваат на својот став дека Одрин мора да остана на Турција, а најкатегорично демантираат дека цариградската воена партија потпомогната од владата го одбила остапувањето на Одрин. Таква поддршка не е потребна, бидејќи ниту една влада не смее да помисли да го напушти тој најважен вилает за сигурноста на Цариград. Турците наведуваат дека Европа нема интерес Тирција да излезе од Европа. Односно велат, дека егејските острови не можат да остапат бидејќи му припаѓаат на Анадолија а не на Турција и Европа.Изгледа дека турските делегати неодамна истакнаа дека ќе поднесат нови услови на денешната седница. Се очекува дека условите ќе бидат такви за да послужат како основ за преговори“. Сепак, Албанија на 28 декември 1912 е призната за независна држава, а предлогот за независност на Македонија не е прифатен. Србија и Грција уште пред војната тајно се договориле дека нема да дозволат создавање на самостојна Македонија, ниту постоење на бугарско-албанска граница меѓу државните граници на Србија и Грција. И Бугарија го обила турскиот предлог за создавање на автономна Македонија. |