|
|
Дописка за положбата на македонските патриоти во Горна Џумаја" во 1935 г. |
Тихомир Каранфилов Политичкиот тероризам во Бугарија, кој владееше во триесетите години на минатиот век и ја влошуваше внатрешната положба на земјата, беше една од причините за сменување на владата на Народниот блок со воен удар од офицерите припадници на групата „Звено", на чело со генералот Дамјан Велчев. Новата влада на претседателот Кимон Георгиев, која беше образувана по превратот од 19 мај 1934 година, меѓу првите мерки го презеде растурањето на македонските организации, за што пристапи кон апсење на нејзините раководители и функционери и кон забранување на нејзините печатени органи и. изданија. Истовремено владата, за разбивање на таа „држава во држава", го расформира Петричкиот округ и го приклучи кон Пловдивската област, со што беше премавната административната посебност на Пиринска Македонија. Во април 1934 година, македонскиот народ од Коминтерната доби авторитетна потврда, за постоење на Македонците како припадници на одделна јужнославјанска нација. Во тоа време, како обид да се изнесе теоретска аргументација на тезата за постоење на одделна македонска нација се појави една значајна публикација на Македонскиот народен сојуз во Америка, чие раководство го сочинуваа приврзаници на ВМРО (Обединета). Во статијата „Зошто ние Македонците сме одделна нација?", објавена во споменатата публикација, се даде категоричен одговор со тврдењето дека ние, Македонците „не сме ниту Срби, ниту Грци, ниту пак Бугари, а сме одделна македонска нација, која се бори за своето национално ослободување и одделување во своја македонска држава". Врз основа на ваквите ставови, раководството на ВМРО (Об.) во Бугарија го напдна расформирањето на Петричкиот административен округ и механичкото приклучување на неговата територија кон Софиската и Пловдивската област, гледајќи во тоа смислено разбивање на компакгноста на Пиринска Македонија како покраина. Бидејќи, платформата на ВМРО (Об) од 1934 година имаше правилни позиции по македонското национално прашање, тоа доведе до ширење на нејзините редовите со нови припадници и симпатизери. Особено придонесе за опфаќање на поширок круг млади луѓе во редовите на организацијата. Едноставно интелектуалната младина од Пиринска Македонија и од македонската емиграција во Бугарија ги прифаќаше лозунгите и методите на ВМРО (Об.). Влегувајќи и работејќи во Македонскиот народен студентски сојуз, кој се наоѓаше под влијание на ВМРО (Об.), таа младина се вовлекуваше во акции и борби против фашизмот и за национални права, за демократија и прогрес. Меѓутоа, ставот на звенарската влада на К. Георгиев во однос за признавање на Македонците и нивните национални права и белези не се разликувале многу од тие на другите поранешни бугарски влади. Тие во ВМРО (об.) гледаа пречка за спроведување на нивната денационализаторска политика и завојувачките планови. Поради тоа, во април 1934 година во Горна Џумаја (денешен Благоевград) и други места во Пиринска Македонија профашистичката влада во Бугарија, која дојде на власт со државниот удар од 19 мај 1934 година, изврши многубројни апсења на прогресивни младинци, членови на ВМРО (Об). Поради својата македонска револуционерна дејност уапсените биле подложени на жестока тортура, а голем дел од нив беа осудени на долги временски казни. Во дописката за состојбите во Горна Џумаја во периодот април-мај 1935 година, С. Џумајски го наведува следното: „Од извесно време нашето граѓанство повторно се наоѓа во тревога поради хајката што ја презеде бугарската фашистичка власт против будните македонски младинци, ученици и возрасни. Во почетокот без секаков повод уапсија над 50 ученици. Тие беа подложени на чудовишни инквизиции во полицијата, а потоа и во касарната. Бидејќи не можела да ги добие потребните изјави, а и под притисокот на растечкото негодување кај граѓанството, полицијата ги ослободи повеќето а задржа само 19 души. Последниве во овој момент се наоѓаат во затворот со нарушено здравје, многу од нив плукаат крв - ова го констатирал месниот воен лекар Јуруков. Најмногу се тепани во касарната и лично од замразениот од сите поручник Ѓумџиев... ... На протестите од блиските на уапсените кај обласниот обвинител, последниот одговара дека тој не знае за никакви апсења (?!). Скоро во исто време со апсењето на учениците беа уапсени и многу возрасни граѓани - работници и занаетчии, обвинети како членови на ВМРО (Об.). Инквизициите врз нив биле уште поголеми. Изнесувајќи го горново, ние на драскачите од бугарскиот фашистички печат, кои се помачија да ја фалсифицираат вистината со тоа што и двата процеса ги оквалификуваа како „комунистичка конспирација", им го праќаме нашиот презир, бидејќи процесите се против активностите на ВМРО (Об.) и македонската прогресивна младина. Се разбира, целта на оваа фалсификација не е да ги компромитира македонските националреволуционери како комунисти, бидејќи власта знае подобро од секој друг дека кај македонските трудбеници комунистите имаат најголеми симпатии. Меѓутоа, целта на бугарската фашистичка власт е друга. Со третирањето на македонските апсења под општиот назив „комунистичка конспирација", таа сака да го скрие постоењето на национално-револуционерната борба и во овој дел на Македонија којшто се наоѓа под чизмата на бугарскиот империјализам. Со таа тактика таа сака да го скрие она што не може со ништо да се скрие, а имено дека и во овој дел на Македонијапостои жесток фашистички терор, национално потисништво и жестока колонијална експлоатација, дека и овде македонското население организирано и предводено од вистинската македонска национал-револуционерна организација - ВМРО (Об) води решителна револуционерна борба за своето ослободување од колонијалното ропство на бугарскиот империјализам, за своето национално самоопределување и одделување од бугарската држава, за национално ослободување и обединување на трите дела на Македонија во независна народнореволуционерна република. Маневарот на бугарската фашистичка власт меѓутоа нема да успее. И покрај жестокиот терор и многуте жртви што ги даде до сега, ВМРО (Об) нема да запре ниту за момент со борбите за организирање и спроведување на македонската национално-ослободителна револуција.“ (С. Џумајски, Македонско дело, Х/197/198, (април-мај 1935 год.). Сепак, во 1936 година, на ВМРО (Об.) и беше нанесен најтежок удар по извршената провала, кога околу 60 највидни раководни функционери и активисти на Организацијата беа разоткриени и изведени пред суд. На судскиот процес на оваа група, обвинетите отворено изјавуваа дека по национална припадност се Македонци и дека се борат за извојување суверенитет и државно конституирање на македонската нација. Големиот судски процес во 1936 година заврши со изрекнување на бројни тешки осуди и казни на обвинетите. Во отсуство беа осудени и главните раководигели на ВМРО (Об.), членовите на нејзиниот Централен комитет во странство - Димитар Влахов, Владимир Поптомов и Методи Шаторов. Наскоро потоа престана организираната илегална дејност на ВМРО (Об.) во Пиринска Македонија и Бугарија, како и во другите делови на Македонија под грчка и југословенска власт, што беше условено и од менувањето на тактиката на најпрогресивните сили во периодот на разраснувањето на борбата против агресивниот фашизам и империјалистичките потпалувачи на светската војна. (извор: Историја на македонскиот народ, Скопје, 1988, стр. 292 – 295; Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том втори, Скопје, 1981, стр. 48-51)
|