|
|
Дипломатски обид na Цариград да се придобие Апостол војвода (2. дел) |
Падот на македонскиот „Порт Артур“ во Ениџевардарското ЕзероПреставник на Султанот го покани Апостол војвода да го посети Цариград како негов гостин, бидејќи Неговото Височество препознл во Апостол човек со неверојатни воени и административни способности, но и како лидер на народот. На Апостол војвода му било ветено дека за време на посетата на Цариград, аскерот ќе биде повлечен од реонот на Апостол и војводата ќе може да комуницира со своите подвојводи секој ден преку специјални курири. Апостол ќе биде примен и угостен во палатата со царски почести. Македонскиот револуционер и историчар Христо Силјанов, во своето дело „Ослободителните борби на Македонија“, повикувајќи на пишувањето на Сониксен и на други извори, за обидот да го придобие Апостол војвода да се откаже од револуционерно дело пишува: „Во комитаџијската дејност на Апостол војвода има и еден епизода, кеде тој е представен во улогата на ... дипломат. Неговата слава, широко распространета, во тоа време беше веќе стигната до царската палата. Вообразеноста на султанот беше поразена од неверојатните гласини околу овој прославен комита кого власта го прогласуваше за убиен, а тој воскреснуваше. Опколен во мочуриштата, се јавуваше од планините, неранлив од топовете и оклопните чамци, се подигруваше на најнавредлив начин со царскиот аскер. Писмата пак, кои после секоја своја поважна акција и при секоја поголема неправда спрема населението Апостол ги испраќаше до бегове, кајмакамите и валиите, и содржината која му се предаваше на Илдуз, ја предизвикаа љубопитноста на Падишахот, и Хамид посака да го види со свои очи тој страшен рушител на државата, а, ако е можно, и да го смири. Султанот (впрочем, како и многу други недоволно информирани странци) си го претставуваше Апостол не како еден меѓу десетиците околиски војводи на Револуционерниот комитет, туку за нешто многу повисоко: главата едвај не на сите чети и врховен водач на бунтувниот (македонски – н.з.) народ. Толку многу султански непријатели беа скротени и припитомени преку заводливоста на златото и почестите, - зошто да не се направи обид и со "царот на мочуриштата?" Се заврте главата на војводата. Апостол се почуствувал поласкан, но исто така и збунет. Да го откаже тоа веднаш - тоа не му се гледаше политички. Да се согласи, но - не му ли се подготвува стапица? И што ќе каже Организацијата? Во сериозни моменти, во отсуство на возможност да се обрати за мислење или совет до околискиот комитет или до Солун, Апостол имаше за правило да се советува со своите десетари. Така тој постапи и сега. Десетарите се договорија дека средбата е пожелна за војводата и ја дадоа својата согласност. Нивната согласност, сепак, не го смири. За среќа, токму во тоа време беше му дошол повторно на гости американецот. Апостол му се довери: - Ти зборувам за еден важен големец од Стамбул, братучед на султанскииот престолонаследник ... од султанска фамилија ... вистинска крв. Јас добив негово писмо преку еден од месните бегови. Еве ја содржината: "Во името на Неговото Височество, Падишахот, сакам да разговарам со вас. Јас сум спремен да се сретнеме каде што сакате, во планините или во мочуриштата." Размисли за тоа! Европејците ме нарекуваат разбојник, но еден член на царското семејство сака да има средба со мене. Тој има доверба во мене и не се плаши за својот живот. Што мислиш за тоа, а? Тој не ме смета за разбојник. - "И што му одговори?" - Го прашав кога станав. - "Не сум му одговорил - и што да му одговорам?" Тој сака да ме поткупи ... како што еднаш се обидоа да ме поткупат преку мојата сопруга. Што ќе помислат другарите од другите области? . Ова ќе го наруши угледот на моето име. Американскиот дописник согледувајќи дека Апостол се двоуми изнесе неколку аргументи за да го растера колебањето на војводата: "Апостоле" - реков свечено, "ние треба да го видиме овој човек на Султанот. Моето присуство на состанокот ќе го заштити твоето име. Треба да се сретнеме со него ... Нека дојде ... Ако ништо друго не излезе, тој ќе ми даде материјал за кореспонденција. Размисли - ако напишам дека се сретна со еден делегат на султанот во твојата тврдина, со тоа ќе му дадам најдобар доказ на светот, кој сте вие и какви се четите во Македонија. Апостол се согласи, а неговиот секретар Владо напиша писмо на турски до бегот и истот ден се доби одговор: "До војводата Апостол, глава на четите. Јас ќе пристигнам утре. Со големо задоволство ќе разговорам со Вас и со Вашите другари. Шеик Ахмед Кемал Бег ". Следното утро, двајца четници отидоа со чамец до брегот за да го преземат егзотичниот гостин. Сега Апостол сериозно се загрижи: да не заминаа двете момчиња право во устата на волкот? Војводата и Американецот поминаа вознемирувачки часови. На крај, стражарот даде добар знак. Потоа чамецот се приближи до пристаништето на „Корчуфка“. Во предниот дел на чамецот имаше еден млад човек со остра црвеникава брада, облечен во ловџиски костум и ловечка пушка на колената. Едно ловџиско куче стоеше покрај него. "Сите ние останавме назад – раскажува Синиксен, - и Апостол, со достоинство, за кое не се сомневав досега, излезе напред и свечено се поздрави со него, а потоа Владо, помошникот на Апостол, и јас бевме преставени и на ист начин се поздравивме. Ние отидовме во големата колиба, и четниците, по турски обичај, го поздравија посетителот. Ние седнавме на церемонијалниот килим (черга); еден четник веднаш му донесе кафе на гостинот, а шеикот ни даде на сите нас слатки". На инсистиеање на Војводата, Американецот остана да присуствува на разговорот. Владо го преведуваше разговорот збор по збор, и Сониксен ги пишуваше во својот дневник. "Ако се суди по неговите зборови", пишува авторот на „Исповедта на еден македонски четник, "Кемал бег не беше реакционер, иако носеше султанско полномоштво. Уште тогаш, јас се сомневав дека тој е младотурчин. "Зошто сте зграпчиле оружје?" – тврдеше тој дека вооружените револуции се безначајни, бескорисни. Следете ги чекорите на Младотурците; прифатете ги нештата такви како што се, но агитирајте. Придружете им се кон нив и направете од прогресивното движење една здрава сила. . . Мнозинството, Турци и Христијани, се прогресивни луѓе, кои држат за мирољубиви средства. Вие разрушувате, уништувате... Зошто не создадете? И така, ние зборувавме до доцна вечерта... Бегот преспа во Корчуфка, наметнат со гуната на војводата. Утрото, по кафето, Турчинот ја објасни целта на својата посета: Тој го покани Апостол да го посети Цариград, како гостин на султанот, за еден месец. Неговото Височество го препознава Апостол како човек со неверојатни воени и административни способности и лидер на народот. Неговото Височество сака да ги проучи детално желбите на луѓето, но директно од неговиот водач. За време на посетата на Цариград, аскерот ќе биде повлечен од реонот на Апостол и војводата ќе може да комуницира со своите подвојводи секој ден преку специјални курири. Апостол ќе биде примен и угостен во палатата со царски почести. Не веруваа дека шеикот беше изненаден кога Апостол, откако го ислуша молчеливо целиот предлог, решително го отфрли. Претставникот побара од војвода да го потврди неговото одбивање во писмена форма. Неговата желба беше исполнета. Владо напишал писмо до султанот во смисла дека пратеникот ја исполнил својата мисија. Во тоа писмо се додава: "Ако сите службеници беа како шеикот Кемал, ќе имаше многу малку недоразбирања меѓу луѓето и нивниот господар". Неуспехот на пратеникот немаше штетен ефект врз доброто расположение и апетитот на гостинот и домаќинот за време на прошталниот ручек, толку повеќе што готвачите на Апостол ги направиле сите напори за да гозбата биде достојна за висикиот гостин. Не недостасуваа, како што е ред и фотографии. Шеикот беше многу среќен кога Американецот му го покажа својот "кодак", и покажа желба да биде снимен заедно со војводата. Неговата желба беше исполнета. Сониксен ги фотографира, седнати еден до друг. Во моментот на разделбата Апостол му се обрати на пратеникот: - "Слушај сега, јас да ти кажам нешто, кое ти го премолча. Штом ќе излезеш на суво, можеби уште утре, ние тука ќе бидеме нападнати од пешадијата и артилеријата. Дали е тоа така? Турчинот не се збуни на ова прашање. Со "хумористична насмевка" која не слезе од неговите усни, тој одговори: - "Секогаш тоа мора да го очекувате штом сте се посветиле на таков занает.“ Силјанов во своето дело ги пренесува и спомените на членови на четата на Апостол - Ст. Тр. Хаџиев, Васил Стојанов и други, кои гордо раскажуваат за посетата на султанскиот пратеник и за одговорите на својот војвода. Меѓудругото и спомените на Хаџиев кој го сведува целиот разговор кон следните реплики меѓу бегот и војводата: "Султанот ти дава 20.000 лири, под услов да го напуштиш револуционерниот живот и да живееш мирно во Европа. - Наместо лири, нека султанот даде слобода на народот и тогаш не само јас, туку и сите нелегални четници ќе го напуштиме илегалниот револуционерен живот. - Против кого се борите? - Против лошото турско управување. "Зошто тогаш ги убивате луѓето?" "Ние не убиваме невини луѓе. Ние ги казнуваме со смрт само виновниците пред нашето ослободително движење, без разлика од која народност и вера се тие. "Но, зарем не мислите вие дека владата може да испрати многу војници против вас и тогаш што ќе направите?" - Ќе се бориме до последната шанса.“ Неуспехот на царскиот пратеник го засегна премногу лошо самољубието на Падишахот. Началникот на солунскиот корпус доби строги наредби да се справи по секоја цена со непомирливиот водач Апостол војвода и неговите луѓе. Сепак, колку лесно беше да се издадат такви команди, толку беше тешко да се спроведат. На воената команда во Солун му беа потребни цели шест месеци, за да го подготви својот поход и да скрши отпорот на неколку десетици четници кои го сочинуваа "постојаниот гарнизон" на Револуционерната организација во Ениџевардарското езеро. Борбите во текот на овие шест месеци го состави епилогот на Ениџевардарската епопеја. (продолжува) Подготвил Т. Каранфилов |