|
|
Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец |
„Преспа во пламен и чад"
Пред извесно време можевме на македонската телевизија да го видиме телефонскиот повик од грчкиот премиер Алексис Ципрас до неговиот македонски колега Зоран Заев. Ципрас го започнува разговорот со зборовите: Zaev my friend, do you know the Prespas region history? (Заев, пријателу, дали ти е позната историјата на преспанската област?) Заев, изгледа збунет од прашањето или не знаејќи што да одговори, само нешто промрмори и го сврте разговорот на друга страна, а ние, гледачите, ја изгубивме можноста да разбереме што Ципрас сакаше да раскаже за историјата на Преспа. Можеби ќе научевме, како што ми довери еден мој грчки познаник дека нивниот наставник по географија ги учел: ако цела Преспа би била грчка, тогаш Преспанското Езеро ќе беше најголемото езеро во Грција. Додека ние денес во Република Македонија знаеме барем нешто за историјата на делот од Преспа што е во рамките на Република Македонија, историјата на деловите од Преспа што потпаднаа под Грција и Албанија, малку ни е позната. Гледајќи го преносот од потпишувањето на преспанскиот договор и инсертот од телефонскиот повик на Ципрас, се сетив на делото на Коста Мундушев „Преспа во пламен и чад”, Ресен 1988 година. Мундушев, самиот од село Роби, денес Лемос, во неговата книга ни ја опишува историјата на Мала Преспа, особено за време на Втората светска војна 1940 – 45 година и Граѓанската војна во Грција 1946 – 49 година. Тој претежно се задржува околу селата Роби, Герман (Агиос Германос), Медово (Милионас), Нивици (Псарадес), Граждено (Врондеро) и други. Овде ќе наведам семо неколку исечоци од делото на Коста Мундушев: На 17 јануари 1944 седум младинци од Леринско кои беа на 17- 20 годишна возраст, со намера да се придружат на македонските партизани се наоѓале на месноста помеѓу Медово и Роби. Тука тие биле заробени од бугарската војска и однесени на Маркова Нога. На Маркова Нога сите седум беа убиени со копачи и ножеви. Покасно општинското собрание на Ресен, во чест на овие момчиња во непосредна близина на грчката граница подигна спомен-плоча и засади седум борови. На 13 ноември 1946 година грчките монархисти на смрт осудија 13 млади луѓе од Герман. Тоа беа: Методија Торков, Стојан Јанков, Герман Боглев, Васил Белев, Фоте Мечкаров, Стојан Љангов, Вангел Четелев, Јоше Јованов, Андреја Иванов, Лазор Русев, Вангел Нушев, Герман Бабинкостев и Герман Младенов. Казната е извршена на 28 октомври 1948 година. Монархистите ноже ги земаа 13-те момчиња од затворот од Лерин и ги товарија на камион. Кога ги носеа по главната улица во Лерин тие на глас ја пееја песната „Во борба, во борба македонски народе”. Кога момчињата ги построија во ораницата до ископаниот гроб, тие пак пееја револуционарни песни и викаа „Гинеме за слободата на Македонија”. На 15 август 1948 година во Лерин беше убиен Лазо Ангеловски од Граждено, село под Нивици, Мала Преспа. Лазо беше организатор и предавач на курсот за македонски учители, летото 1947 година во Герман. Во местото Шупурка на преминот од Бела Вода за Буф во септември 1947 година беше фатен од монархистите и осуден на смрт, поради организирањето на македонските училишта во селата во Мала Преспа. На ден 15 август 1948 монархистите го врзаа Лазо Ангеловски со јаже за еден коњ и го влечкаа по улиците во Лерин. Со тоа тие сакаа да ја прикажат омразата кон еден македонски просветител. На 12 февруари 1949 година единиците на ДАГ извршија напад на Лерин со цел да го заземат. Во редовите на ДАГ беше и 18-годишната партизанка Германија Пајкова од Герман. Во борбите беше ранета и заробена од монархистите. Тие по улиците на Лерин ја носеа со влечкање за да ја гледаат граѓаните. А улиците беа исшарани со крв. Германија Пајкова беше свирепо убиена. На 13 август 1949 година дојде наредба од ДАГ селаните од Роби, Герман, Медово и други да ги напуштат своите огништа затоа што војната беше изгубена и монархистите се наоѓаа во близина. Селаните бараа да се повлечат преку Маркова Нога и да влезат во Југославија, пат кој беше побезбеден, долг само неколку километри и низ шума. Водството на ДАГ нареди повлекувањето да биде преку Нивици, Псарадес, кон Албанија и македонското село Зрноско. На 14 август 1949 година колоната од бегалци на отворениот простор под Нивици беше нападната од монархистичките авиони. На припекот од сонцето колоната остана цел ден, авионите летаа од два правци: од Костур и од Лерин. Истовремено владеачката елита на Народна Република Македонија и покрај тоа што го слушаа бомбардирањето уживаа во гозбите во новоизградениот хотел Југославија во Отешево (забелешка на авторот). На 15 август 1949 година во близината на Роби монархистите ги погребаа неколку стотината жртви од бомбардирањето кај Нивици во масовна гробница. Коста Мундушев со својата сопруга Дора и ќерката Васа која беше само неколку дена стара, беа едни од тие што го преживеаа бегството преку Нивици и потоа заминаа за Полска. Носталгијата за родното место го натера Коста во 1956 да се врати во Република Македонија и да се насели во Битола. Но своето родно село Роби, Коста Мундушев немаше право да го посети. Тој не беше Грк по род. Можеби и тој, како и мојот комшија во Битола, чичко Методија, кој беше исто од Роби, се качуваше на планината од југословенската страна од границата со Грција само да може да го наѕирне родното Роби. Дали беше оваа историја на Преспа која Алексис Ципрас сакаше да му ја пренесе на Зоран Заев? Или можеби тој има друга историја за Преспа која не ни е позната? Но, ако случајно Ципрас ги прочита овие редови, ние се разбира сме подготврни да ја слушнеме и неговата историја за Преспа. Ако премиерот Зоран Заев, барем донекаде знаеше за каде е тргнат и донекаде ја знаеше историјата на Преспа, дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, тој со себе требаше да понесе еден венец. Венецот требаше Заев, кога делегациите запловија со бродовите на гозбата во Отешево, да го положи во водите на езерото во чест на цивилите што почиваат во масовната гробница кај Роби. Тој требаше да ја крене главата спрема планината и да испрати еден тивок поздрав до седумтте младинци, до седумте борови кај Маркова Нога. Во едно телевизиски интервју Зоран Заев изјави дека со договорот од Нивици ситуцијата на Македонците во Грција значително ќе се подобри. Ако случајно тој ги прочита овие редови е добредојден да објасни каде е запишано во договорот од Нивици дека Република Грција се обврзува да го признае македонското малцинство во Грција и да работи на подобрување на ситуцијата на Македонците во Грција? Премиерот Зоран Заев е добредојден да објасни каде во договорот е зацртано дека Република Македонија има право да работи на заштитување на македонското малцинство во Грција? Нешто што изгледа е договорено во Нивици е ревизија на историјата и издавање на нови учебници по историја во Република Македонија. Тоа што нас нѐ интересира е дали во таа историја ќе се спомене стрелањето на тринаесетте младинци и дали ќе се подигне спомен-плоча во нивна чест во оранцита кај стрелиштето во Лерин? Делото на Коста Мундушев „Преспа во пламен и чад” е едно големо сведоштво за еден дел од македонската историја. Низ целата негова книга се чувствува болката што ја носи за изгубените соселани и изгубениот роден крај. Во неговата песна „Преспа во пламен”, Коста на поетски начин ги опишува болките што ги носи во себе. Еве овде само два стиха од песната: О! Патнику! Јован Христовски |