|
|
МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО САМОСОЗНАНИЕ ВО ИЛИНДЕНСКИОТ ПЕРИОД (1 дел) |
Александар ДОНСКИ (Посветено на академик Блаже Ристовски) ФЕЉТОН: МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО САМОСОЗНАНИЕ ВО ИЛИНДЕНСКИОТ ПЕРИОД (1 дел) КРСТЕ МИСИРКОВ: „СО ПАРИ ЧОВЕК МОЖЕ ДА СОЗДАДЕ МАКЕДОНЦИТЕ, НЕ САМО БУГАРСКА, СРПСКА И ГРЧКА...,ТУКУ И ЦИГАНСКА НАРОДНОСТ“. Уште со доаѓањето на власт на сегашната гарнитура предвидов дека Република Македонија ќе се најде под грчко-бугарска духовна окупација во која тие ќе ни диктираат каква е нашата историја, но да бидам искрен верував дека тоа ќе биде компензирано со подобрување на материјалната состојба на жителите на нашата држава со цел полесно да се „надминат траумите“. Но, ни трага од тоа. Историјата почнаа да ни ја мануваат, а наместо благосостојба, сведоци сме на животинска алчност за крадење на највисоките структури и луѓето блиски до нив. Па да видиме до кога ова ќе трае или којзнае по кој пат ќе се повтори изреката „Каков народ, таква држава...“ А сега да се вратиме на историјата со предупредување до нашата историска Комисија која преговара со своите бугарски колеги, да ги третираат и историските факти кои ќе бидат презентирани во фељтонот што следува. Неколкумина македонски застапници на големобугарската пропаганда (кои македонската историја ја учат исклучиво од едностраните бугарски историски книги) вклучително и речиси сите бугарски историчари континуирано изјавуваат дека во периодот на Илинденското востание сите илинденци без исклучок се декларирале како „Бугари“. Но, тоа е ноторна бесмислица и голема лага. Еве зошто. Да претпоставиме дека во Илинденското востание учествувале околу 20.000 востаници и можеби уште толку нивни јатаци и поддржувачи. Тоа значи дека големобугарските пропагандисти ќе треба да докажат дека секој од тие четириесетина илјади Македонци поединечно самиот себе се декларирал како „Бугарин“. За да го докажат ова тие треба да покажат четириесетина илјади потпишани изјави, во кои ќе стои дека секој илинденец самиот се декларира како „Бугарин“, а бесмислено е и да се претпостави дека се во состојба да најдат такво нешто. Конечно, постојат многу тогашни бугарски документи, кои дури сведочат и за опасноста за бугарското дело во Македонија од страна на илинденците со македонско национално чувство. Сега да преминеме на емпириката. Како прво, точно е дека извесен број македонски револуционери биле воспитувани и изложени под силно влијание на бугарската пропаганда и Егзархијата. Тоа значи дека во Илинденското востание главно учество имале токму Македонците-егзархисти што секако претставувало голем хендикеп за општото семакедонско национално дело, во кое би биле опфатени сите етнички Македонци, без разлика на која црква и припаѓале. Познато е и со какви пропагандни средства се служела Егзархијата (како што впрочем правеле и другите антимакедонски цркви во Македонија: грчката и српската). Сите Македонци што таму посакале да си ги задоволат своите религиозни чувства биле убедувани дека се „Бугари“, во документите биле запишувани како „Бугари“, а така биле презентирани и пред пошироката странска јавност. На учениците што учеле во егзархиските училишта им била натурана бугарската историја, а историските докази за македонската национална посебност биле фалсификувани или криени. За да појасниме дека Македонците-егзархисти не биле никакви „Бугари“, ќе се послужиме со еден едноставен пример. Да земеме тројца родени браќа, етнички Македонци и да претпоставиме дека секој од нив во истиот град посетувал различна црква и различни црковни училишта - бугарско, српско и грчко. Што би се случило потоа? Едниот од нив (под влијание на српската пропаганда) во турските (но и во сите други) документи би бил заведен како „Србин“. Овој ученик, во согласност со историските сознанија што би ги добил во српското училиште, би тврдел дека Македонците се „Срби“. Соодветно би се однесувале и другите двајца браќа, кои би оделе во грчка и во бугарска црква. И тие би тврделе дека Македонците се „Грци“, т.е. „Бугари“, а како такви би биле и третирани во турските дефтери и пописи. За жал, ваква состојба имаме и денес кај денационализираните Македонци во Грција и во Бугарија (но и во Србија), кои, иако припаѓаат на еден единствен народ, за себе тврдат дека се „Грци“, „Бугари“ или „Срби“. Тоа е трагедијата на Македонскиот народ. Оваа трагедија од почетокот на 20 век, мошне пластично ја отсликал Никола Наумов, кој (иако прво им припаѓал на лозарите, а извесно време бил и под влијание на српската пропаганда) бил уредник на пробугарскиот весник „Македонски преглед“. Во 1905 година, во врска со успесите на странските пропаганди во Македонија, Наумов пред српскиот дипломатски агент во Софија Симиќ го дал следното признание: „Ние (Македонците егзархисти, з.м.) сме воспитани во бугарски училишта, задоени сме со бугарски дух и си се чувствуваме како Бугари. Јас и не умеам да се служам со друг јазик освен со бугарскиот, исто како што оние Македонци што се воспитани по српските училишта, не можат да се служат со друг јазик освен со српскиот.“ (Блаже Ристовски: Крсте П. Мисирков, 1966 г.стр. 327). Во врска со странските пропаганди во Македонија во септември 1905 година Крсте Мисирков во уводната статија на своето списание „Вардар“ депримирано забележува: „Со пари човек во Македонија може да создаде од нашите Македонци, не само бугарска, српска и грчка...,туку и циганска народност“. Поради целата оваа состојба во Македонија воопшто не треба да зачудува фактот што во дел од тогашните странски и турски извештаи за Илинденското востание нашиот народ бил нарекуван со туркскиот етноним „Бугари“ или што некои од илинденците и навистина сметале дека Македонците се „Бугари“. Но, и покрај ова, ако се анализираат ретките запишани автентични документи од илинденските револуционери од тоа време, ќе се утврди дека е далеку од вистината тврдењето оти сите дејци на ВМРО отсекогаш се чувствувале како „македонски Бугари“. Ова посебно се однесува за локалните војводи и за обичните четници. Да го спомнеме и фактот дека од голем број македонски илинденски револуционери воопшто не постојат, од нив запишани, автентични документи, па да се тврди дека сите тие се „чувствувале како Бугари“, во најмала рака е смешно. Најмалку што може да се каже за нив е дека - не знаеме како се чувствувале, бидејќи не оставиле свои автентични мемоари или какви било други записи. Во највисокиот акт на Илинденското востание, во Прогласот на Главниот штаб во Битолскиот револуционерен округ,преку кој бил објавен почетокот на востанието,воопшто не е спомнат етнонимот „Бугари“. Во врска со ова не смеат да се занемарат и позитивните дејства што тогашна Бугарија ги имала кон илинденците и кон востанието, како што се, на пример: дозволување на слободно дејствување на македонските организации на своја територија, нивно вооружување, прифаќање и помош на македонските бегалци (при што посебна грижа покажал обичниот бугарски народ, кој несебично ги примал македонските бегалци по своите куќи, за што и ние денешните генерации треба да бидеме благодарни); учество на одделни Бугари во и околу востанието,кон кои ние Македонците треба да искажуваме длабока почит (Пеју Јаворов, Тома Давидов и други) и редица други дејства. Сепак, и покрај сите овие позитивни манифестации (независно од скриените планови на бугарската влада околу судбината на Македонија), и покрај силната егзархиска пропаганда на која биле изложени Македонците егзархисти (какви што во најголема мера биле илинденците), одделни револуционери од времето околу Илинденскиот период, јасно се декларирале како Македонци (децидно потенцирајќи дека не се Бугари). (ПРОДОЛЖУВА) Крсте Мисирков (1905 год.): „Со пари човек може да создаде Македонците, не само бугарска, српска и грчка...,туку и циганска народност“. |