|
|
МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО САМОСОЗНАНИЕ ВО ИЛИНДЕНСКИОТ ПЕРИОД (2). |
Александар ДОНСКИ (Посветено на академик Блаже Ристовски) ФЕЉТОН: МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО САМОСОЗНАНИЕ БУГАРСКИТЕ ВЕСНИЦИ ВО 1905 ГОДИНА ЈА НАПАЃАЛЕ МАКЕДОНСКАТА НАЦИОНАЛНА ДЕЈНОСТ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ! Македонското национално чувство околу Илинденскиот период најдобро ќе биде да го илустрираме со цитати дадени од извесен број револуционери, дејци на Организацијата. Легендата на македонската револуционерна борба Гоце Делчев изјавил: „Оној што сака да работи за присоединување на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да биде добар Бугарин, добар Грк, или добар Србин, но не и добар Македонец“. Оваа, како и другите изјави на Гоце Делчев не останале незабележани од тогашната бугарска јавност. Поради ваквите свои ставови тој бил напаѓан во Бугарија. Дури некои тогашни бугарски весници и цели две години по смртта на Делчев се уште го напаѓале неговиот лик и неговата македонската национална дејност. Како пример за ова ќе цитираме извадок од статијата објавена во софискиот весник „Реформи“, а пренесена и во в. „Свободно слово“ од 1905 година: „Делчев навистина почна да се замислува дека е вистински господар на македонското дело и дека неговата волја треба да биде врховна волја. И подоцна почнаа да течат од неговата уста познатите фрази, како онаа:”Додека моето рамо ја носи пушката, ниту еден бугарски офицер не смее да стапне во Македонија! Границата е плот од штикови, чии острици се насочени кон градите на офицерите.”Неговите богато плаќани агитатори и писатели трубат по весниците дека кон границата трчаат густите редови на огорчената македонска народна моќ и дека престолнината наскоро ќе се претвори во касапница...“ Ова преставува неспорен доказ за крајно негативното расположение на тогашниот бугарски печат кон апостолот на македонското ослободително дело Гоце Делчев. Дури подоцна, откако го сфатија неговиот углед меѓу Македонците, Бугарите почнаа да се напрегаат да докажат дека тој бил „Бугарин“. Инаку, овие тогашни бугарски напади против Гоце Делчев денес се кријат од пошироката јавност во Бугарија. Понатаму, Гоцевиот весник „Дело“ уште во 1902 година неретко излегувал со статии против сите пропаганди во Македонија (вклучувајќи ја и бугарската), која посебно се одвивала преку Егзархијата. За идеологот на револуционерната борба и еден од водачите на Илинденското востание Даме Груев познато е дека бил еден од главните учесници во ученичкиот бунт во Бугарската гимназија во Солун, кога учениците барале воведување на македонскиот јазик во гимназијата наместо бугарскиот. Поради ова и Даме бил исклучен од гимназијата, а подоцна активно учествува во движењето на лозарите. Значи, воопшто не е точно дека Даме Груев за време на целиот свој живот се декларирал како „Бугарин“, како што тврди бугарската историографија. Тој извесно време дури бил под влијание и на српската пропаганда и како таков добил стипендија за да учи во Белград. Секако во тоа време тој себеси се декларирал како „Србин“, штом отишол да се школува во Белград (во тамошната документација бил запишан како: Дамјан Грујиќ). Даме Груев дури испратил и писмо до Милојко Веселиновиќ, кој тогаш бил еден од најекстремните застапници на големосрпската пропаганда во Македонија, во кое го известил дека е многу задоволен оти бил примен во Белград и дека е готов да биде (цитат):”од користи отаџбини”. Во едно друго писмо, упатено до друштвото “Свети Сава” на 25.09.1889 (во кое барал да биде запишан на Правниот факултет во Белград), Груев напишал дека во име на нивните идеи е готов да се бори со бугарската и со грчката пропаганда во Македонија. (Споменици друштва “Светога Саве” 1886-1936, стр. 302 -303. Преземено од: Блаже Ристовски: Портрети и процеси 1, Скопје, 1989, стр. 547). Меѓутоа, подоцна Груев избегал од Србија, не сакајќи да го прифати српството, кое им било натурано на Македонците. Секако дека главна цел на Груев му била по секоја цена да стигне до диплома, па затоа и пишувал вакви писма. Подоцна Груев слично постапувал и со Бугарите, кога требало да се добие нешто од нив, што е сосема разбирливо ако се земаат предвид околностите од тие времиња. Ова тој подоцна јавно ќе го признае, кога рекол: „Ние македонските револуционери им дадовме изјава на Бугарите, само за да ги придобиеме, дека сме готови да водиме сметка за нивните придобивки во Македонија и да им го зачуваме во тој поглед статус-квото...“(Подетално кај: Блаже Ристовски: Портрети и процеси 1, Скопје, 1989, стр. 548). Преку лозарите сосема јасно доаѓа до израз неговата македонска национална определба. За разочараноста од својот престој во Србија, Груев пишува: „Ни ветија стипендии и ни дадоа. Тогаш јас со уште неколкумина Македонци отидовме во Белград. Тука ни станаа јасни српските намери и напори да ни ја вметнат српската идеја и да ни го наложат српскиот јазик, што уште повеќе не раздразнуваше...“ Значи, и овде тој јасно го употребува етнонимот Македонци. Подоцна за создавањето на Револуционерната организација тој пишува дека со своите истомисленици ја проучувале, како бугарската, така и српската ослободителна борба против Турците. Интересна е изјавата на Даме Груев за неделивоста на Македонија (која и денес е ставана под прашање од страна на некои кругови). Оваа изјава Даме Груев ја дал во октомври 1903 година: „Македонија е една целина и таа не може да се дели. Централниот македонско-одрински комитет со сила и убиства ќе го спречи секој таков обид. И кој ќе почне да работи во тој правец, тој е осуден на смрт од Централниот комитет“. (Блаже Ристовски: Крсте П. Мисирков... 776-777). Гоце Делчев (1872 – 1903): Во пошироката јавност во Бугарија денес се криедека своевремено бугарските весници ја напаѓале неговата македонска национална дејност |