|
|
Неканонското укинување на Охридската архиепископија од страна на турскиот султан |
МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ Неканонското укинување на Охридската архиепископија од страна на турскиот султан Цариградската патријаршија лукаво ја искористила немаштијата и немоќта на Македонската православна црква и настојувала пред Високата Порта да докаже дека единствено таа може да ги врати долговите на Охридската архиепископија, доколку оваа биде укината и приклучена кон неа. Дури успеала да постави и свој човек, Ананиј, на чело на Македонската православна црква. Но, македонските епископи, со цел да ја сочуваат автокефалноста на Архиепископијата, не го прифатиле Ананиј и на негово место, на својот редовен архијерејски собор за архиепископ го избрале Пелагонискиот митрополит Арсениј, Македонец, што ќе биде и последен македонски архиепископ до укинувањето на Архиепископијата со султанското иреде. Тогашниот цариградски патријарх Самоил решил да ì зададе конечен удар на Македонската православна црква, односно Охридската архиепископија. Ја убедил турската власт дека македонските архиереи се непријатели на турската империја и побарал власта во Цариград да го повика Арсениј во врска со долговите на Архиепископијата. Таму Арсениј, под притисок на турската власт, дал писмена оставка на 17 мај 1767 година. Со неговата оставка е укината Охридската архиепископија - Македонската православна црква. Патријархот Самоил со помош на влијателни Грци и Турци издејствувал султанско иреде, со кое била укината Македонската православна црква, а нејзините епархии се присоединиле кон Цариградската патријаршија. Султанското иреде забранувало да се примат какви и да е жалби против укинувањето на Архиепископијата, а со тоа биле оневозможени протестите од секој вид. На крајот демонската лукавост и алчност на Грците победила, со што на православието воопшто му бил нанесен тежок пораз, со несогледливи последици во вековите што претстојат. Длабокото и сестрано христијанизирање на македонскиот народ и неговото духовно и културно издигнување преку апостолската дејност на славната и древна Охридска архиепископија, заснована врз мисионерското дело на светиот наш духовен отец и учител Климент Охридски, родила многубројни благородни плодови. Светите евангелски вистини ги просветувале и осветувале нашите далечни дедовци и прадедовци, ги облагородиле нивните души и срца, а истовремено вдахновувале многубројни и благоверни творци за создавање духовни и уметнички вредности ширум нашата света татковина Македонија. Како резултат на тоа постојат и многуте наши цркви во градовите и селата и безбројните манастири и манастирски цркви, изградени на најживописни места, покрај бреговите на нашите езера и реки, во нашите планини и рамнини. Православниот Македонец бил градител на великолепни цркви и манстирски конаци, кои денес, по осамостојувањето на Македонија повторно се полнат со благочестиви монаси и монахини, кои целосно му го посветуваат својот живот на својот Спасител и Господ Исус Христос. Тие и тогаш, но и сега се нашите учители на вера и родољубие. Тие ја пазеле и запазиле светата порака на основоположникот на Светата Македонска православна црква, ги запазиле светите евангелски вистини и основните христијански принципи, за доследен и доблестен христијански живот. Затоа е толку и силна љубовта на народот кон црквите и манастирите, кон свештенството и монаштвото. Затоа тој и денес ги чува и обновува старите и гради нови светилишта, особено во текот на овој наш слободен и преродбенски период. |