Среда, 12 Јули 2023   
Другар на стариот уште од студентски денови беше и Мијалка Јорданов

1Decata

Извадоци од книгата на Серјожа И. Марков: ДЕЦАТА НА ПАРТИЈАТА

Атентат

Другар на стариот уште од студентски денови беше и Мијалка Јорданов. Тој беше патриот во душа. Беше еден од оние малкумина што беа во првата влада со чисто срце. Во едноумието беше и претседател на Боксерскиот сојуз на Македонија и секогаш на татко ми му праќаше карти за „Златен гонг“. Заедно одевме на турнирот. Секогаш говореа на иста френкфренција по однос на родољубието, меѓутоа не беше во групата на другари погоре споменати. Имаа меѓусебно огромен респект.

Во раните осумдесетти кога бев во средно училиште се запознав и учев во исти клас со помалиот син на Мијалка. Се зближивме многу, а голем впечаток ми остави на еден час по историја каде многу детално ја кажуваше македонската историја, пред и по илинденскиот период, дополнувана со информации кои беа пренесувани од неговите предци. Тогаш професор по историја ни беше Љубица Стаматова, исклучителен педагог. Го остави да раскажува цел школски час и го пофали. Очигледно тоа беше дел од неговото воспитување.

Во есенските денови на 1991 година стариот доби покана за отворање казино во Гевгелија. Сопствениците (инаку шведски државјани) беа клиенти на нашата адвокатска канцеларија. Ме зеде и мене со него. Веќе беше болен и јас го возев. По пат разговаравме за многу теми, од моите студии, што планирам понатаму, за партијата итн. Ја чувствував неговата лична разочараност од состојбите во партијата, државата и поради неговата лична здравствена состојба. Се трудеше тоа да не го покаже. Беше сѐ уште млад.

Имаше околу педесетина години, а поради болеста изгледаше постар. Ми беше жал. Беше многу напатен во детството. Живеел како сирак. Создаде фамилија, име, почит и кога требаше да ужива се разболе и ја губеше силата. Ми беше татко, другар, идол. Имаше разбирање за сѐ. Сите мои скршнувања во патеката на животот знаеше да ги исправи незабележливо, со разговори и совети. Беше боем, хедонист, човекољубец и многу почитуван во фелата и друштвото. Сѐ уште се мачеше со Поетот и тоа дали неговата идеја е чиста. Молчев. Јас го немав искуството да го забележам тоа. Тој го имаше, се сомневаше. Ми велеше да бидам внимателен. Да не отидам во некое друштво (мислејќи на партијата) а имаше такви, кое ќе ми ја залепи етикетата на предавник и да не се девалвирам како јас така и семејството. Лојалноста кон вистинската македонска идеја му беше пред сѐ.

Стигнавме во казиното, кое се викаше „Аполонија“, сместено во хотел „Југо“ во Гевгелија. Отворањето беше во 21 часот. Имаше многу луѓе од сите фели. Имаше директори, политичари, судии, обвинители, бизнисмени, криминалци, пропалитети, коцкари и, се разбира, лихвари. Односот на домаќините спрема сите гости беше еднаков. Првите беа декорот, а вторите нивните клиенти. Разбрав дека вечерта било официјално отворање со сите церемонии, а следниот ден отворање за грчките државјани како клиенти од кои најмногу се очекува. Казиното работеше, ама никој не играше. Сите добивме гратис жетони во износ од сто долари.

Сѐ уште бевме држава во која владееше УДБА иако владата беше веќе демократска. Дојдени сите во казино, а страв им е да играат?!? Крупиеите стоеја покрај секоја маса и нервозно ги превртуваа лево-десно коцкарските реквизити. Гостите не играа, ама пиеја. Сите пијачки беа гратис. После првите чаши алкохол дел од гостите се ослободија и почнаа да играат. Меѓу првите беше и еден млад политичар од раководството на партијата на Андон Стојанов кој беше и пратеник во собранието. Играше многу страсно. Кога го видоа другите гости се опуштија и навалија на масите. За пет минути веќе немаше место каде да се игра.

Казиното беше на приземјето од хотелот, а кај делот на шанкот имаше многу стакла, поставени кон паркингот. Однадвор не можеше да се види ништо во казиното освен шанкот, а од казиното можеше да се види цел паркинг. Околу 22 часот цело казино засветли од ротациони светла. Играчите се исплашија и се повлекоа од своите маси. Некој викна „рација“. Дел од гостите тргна кон излезот.

Стравот од полициска држава беше сѐ уште многу висок. Во тој момент еден од директорите го зеде микрофонот од бината и кажа: „Почитувани гости. Тоа не е рација и нема потреба од ништо да се плашите. Ние работиме легално, во согласност со законите на Република Македонија. Доаѓа нашиот ценет гостин, министерот на полиција, господинот Мијалка Јорданов.“ Луѓето се смирија и се вратија на своите работни позиции.

Мијалка влезе и почна да се поздравува. Доаѓаа да се поздрават сите. Дури и функционерот од кај Стојанов. Толку му се понизи, се насмеа покажувајќи ги сите заби и го испочитува што срам ме фати мене. Да не беше во казино, а очигледно игрите на хазард го привлекуваа многу, чинам ќе требаше обезбедувањето на Мијалка заедно со обезбедувањето на казиното да го одвојат од министерот. Мијалка го забележа стариот, му мавна и му покажа со раката да го почека каде што е. Имаше многу луѓе што сакаа да го поздрават и прашаат нешто. Беше љубезен со сите и беше еден од поомилените министри. До него беше неговиот личен телохранител со прекар Крокодил. Човек кој беше исклучително крупен и силен. Се говореше дека во младоста бил во француската Легија на странци и ја имаше целосната доверба на министерот.

Дојде до нас. Се гушна со татко ми и го праша: „Како си Илија? Ми кажаа не си бил добар“. На стариот ова не му дојде добро. Не сакаше да се знае дека има здравствени проблеми. Велеше сите ќе ме избришат, а го сакаше социјалниот живот.“ „Изгледаш добро. А јунаков (мислејќи на мене) како е? (не чекајќи татко ми да му одговори и да го праша за неговите) Големиот е на релација Скопје‒ Чешка, таму демек некој бизнис брка, а малиот е тука.

Сигурно се гладаат со твојов (мислејќи на неговите синови). Додека разговараа дојдоа тројца-четворица да го поздрават. Го гледа татко ми, му намигнува и му вели: „До вчера не ме забележуваа, а од кога сум министер не знам кој ме поздравува и кој сѐ не ми е роднина“.

Некако незабележливо отидоа кон едно сепаре со две фотелји во аголот на салата. Мијалка му кажа на телохранителот да ги остави сами. Јас се повлеков кон шанкот и оттаму можев да следам сѐ што се случуваше во казиното. Младиот функционер од Реформски сили беше главниот лик. Го имаше соблечено сакото, извадена вратоврската и подзасукано ракавите од кошулата. Играше рулет.

Неколку млади луѓе го советуваа и бодреа. Легнуваше цел врз масата за да стави жетони и до најоддалечените бројки. Очите му жареа како на волк кога ќе види јагне. Ги следеше последните отскокнувања на топчето со ококорени очи и подигнати раце. Кога ќе добиеше извикнуваше гласно и се прегрнуваше со неговите придружници, а кога ќе изгубеше, молк. До него играше еден лик што на секоја рака губеше. Чинам го мразеше функционерот затоа што одвај успеваше да ги постави своите жетони, а не смееше да го опомене или прекори. Младиот политичар дури и на масата за хазардна игра ја покажуваше својата ароганција.

На другите маси претежно играа коцкари. Овие од државната елита се воздржуваа и разговараа меѓу себе. Некои од нив скришум погледнуваа спрема масите и се гледаше нивната желба за игра. Сепак дигнитетот и кариерата им беа побитни. Имаше и господа кои уживаа во настанот, да се видат со познати, да се напијат пијачка и да плакнат очи во ентериерот.

Курпиеите беа дотерани, насмеани, претежно млади и убави луѓе. Келнерите и келнерките, исто така, дотерани и љубезни и цело време вртеа во просторијата со полни послужавници, нудејќи скапи пијалаци. Имаше и такви кои побараа и храна. Им донесоа сендвичи.

Блиску до мене на шанкот седнаа и две дами. Имаа јака шминка и силни парфеми. Порачаа коктели и почнаа да ги анализираат гостите. Зборуваа на некој дијалект, ама не беше гевгелиски. Се загледуваа во гостите и ги коментираа. Едната имаше чипкасти ракавици до лактите и пушеше со долг чибук, а другата, која беше исклучително со бел тен и руса долга коса, имаше мрежести чорапи и црвени, лакирани обувки со многу високи потпетици. Дамите меѓусебно се допираа нежно како да сакаа јавно да ја демонстрираат својата сензуалност. Изгледаа среќни и весели, ама уморни.

За кратко им се придружија двајца познати бизнисмени од Скопје. Мислам дека тука им беше првото запознавање, меѓутоа за кратко време почнаа да се гушкаат и покажуваат блискост како да се познаваат поодамна. Наздравуваа неколку пати и, по триесетина минути, сите четворица, во парови фатени под рака отидоа некаде.

Татко ми и Мијалка разговараа долго, чинам еден час. Се поздравија и татко ми дојде до мене на шанкот. Ми изгледаше како многу работи да му олеснале. Го прашав: „Стари, како помина?“ Ме погледна задоволно и само ми кажа: „Ќе зборуваме во кола, додека возиш.“ Порача пијачка, а јас продолжив да ги анализирам гостите. Со очите несвесно ги барав двете дами и бизнисмените. Ги немаше.

Политичарот веќе не играше. Седеше како покиснат покрај рулет масата. Очигледно ја изгуби својата заштеда, а и оние што беа крај него додека играше и го бодреа, ги немаше. Околу единаесет и триесет излеговме.

Возејќи кон Скопје татко ми почна да ми раскажува што разговарале со Мијалка. „Човекот е чесен. Нема многу информации каква политика води Кљусе со Киров. Се сомнева и тој за некои работи. Ја подготвува полицијата на најлошо сценарио, да ја одбрани државата. Бара начин да дојде до списоците со резервисти на ЈНА и територијалната одбрана. На почеток тој план го презентирал пред владата, ама наишол на голем отпор кај одредени министри и ми призна дека згрешил. Бил повикан и опоменат од Киров и Стојанов.

Сега операцијата ја работи само со своето министерство, во најголема тајност и луѓе во кои има доверба. Запознати се само двајца-тројца министри на кои им верува. Кажав дека со тоа им боде во очи на Белград и да биде внимателен. Прилично храбро и ризично. Нема многу искуство со безбедносните структури, има полицајци што покажуваат лојалност, ама секогаш играат и со другата страна и си прават отстапнина. Му реков дека ретки се луѓето кои ставаат сѐ на една карта за Македонија. Ми потврди. Го прашав за Поетот. Ми одговори дека и тој се сомневал и има оперативни информации дека е пробугарски определен, ама дека во моментот македонштината во партијата има голема сила и дека рацете да направи некое предавство му се врзани меѓутоа дека сериозно треба да се размислува за негова замена. На мислење е дека ако се создаде некоја ситуација Поетот би ја искористил да нѐ приближи кон Бугарија.

Потенцираше дека по убедување е автономист и дека Македонија ја гледа како автономна територија, ама како дел од Бугарија.“ Јас бев занемен. За многу кратко време стариот ми кажа сѐ. Разговарале многу отворено и со голема доверба. Сите нејаснотии му се расчистија со овој разговор со Мијалка. Беше човек што неизвесноста го гушеше. Ја сакаше вистината каква и да е. Велеше со вистината можеш да се справиш, а со непознатото никогаш.

Таа вечер ги доби потребните информации. Поголемиот дел од патот молчеше и размислуваше. Одвреме-навреме ќе ме прашаше дали ми се спие. Размислуваше и правеше планови како понатаму да дејствува.

Одеднаш почна гласно да размислува, сакаше да сподели со мене: „Сите ја сакаат оваа наша земја. На Европа секогаш сме ѝ биле предмет на интерес, предмет на поткусурување и задоволување на туѓи интереси, а се разбира на наша штета. Соседите секогаш нѐ гледале како нивни плен. Нѐ асимилирале, уништувале, убивале и, за жал, повторно тоа се повторува. Како што гледам јас единствени кои гледаат на нас со чистина се Американците. Немаат територијални претензии ниту да ни го сардисаат националното битие. Дали ќе биде доволна нивната поддршка? Ќе издржи ли пирејот од Петре? (во времето на едноумието главна политичка дискусија која службите ја толерираа беше кој е во право: САД или СССР?)

Татко ми секогаш беше за Американците. Ја сакаше демократијата, слободата и веруваше во неа. Детството го имаше поминато во држава на Варшавскиот пакт. Го имаше осетено гладот и диктатурата на Истокот. Ѝ веруваше на праведноста на САД, но не и на Европа. Велеше дека најголемите историски зла Македонија ги имаше од европските земји кои во сите клучни моменти за Македонија не ѝ ја даваа потребната поддршка за независност и секогаш ги поддржуваа оние кои имаа аспирации кон нашата Македонија. Длабоко во себе го имаше тој страв и во овие моменти. Не сакаше да го изусти, ама го имаше.

Мијалка после неколку месеци погина во сообраќајна несреќа. Патуваше во Белград на средба со тогашниот министер за внатрешни работи на СФРЈ. Единствен кој патуваше со него, го возеше и сведок на настанот беше Крокодил. Се шпекулираше дека е политички атентат. Официјалната истрага доведе до заклучок дека било сообраќајна несреќа предизвикана од човечки фактор.

Мијалка беше повикан на средбата, а во меѓувреме ги правеше најделикатните операции за осамостојување на Македонија и во тоа беше бескомпромисен. За тоа беа запознати солиден број на луѓе во државата со секакви убедувања и на многу политички чинители во земјата, а и во Белград тоа не им се допаѓаше.

Телохранителот по несреќата многу ослабе и почина три години подоцна, без да каже ништо во врска со настанот.

 

На прво место

News image

До 2026-та година ќе бидат завршени автопатот Кичево – Охрид и експресните патишта

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ кога ќе дојде на власт до 2026-та година ќе бидат завршени автопатот Кичево – О...

Историја

News image

Албанците од Македонија не се фински швеѓани-Драган Богдановски- 1997г.

Госпоѓа Елизабет Рен, финска државјанка од миноритетската шведска јазична група, бивша министерка за...

Иселеници

News image

АНСАМБЛОТ „ТОМОВ“ НА ОЛИМПИСКИТЕ ИГРИ ВО ЛЕИК ПЛЕСИД (14)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ТОМОВ“  НА СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

News image

ПРОФ. Д-Р МОТОКИ НОМАЧИ ОД ЈАПОНИЈА – ПОЧИТУВАЧ НА ЈАЗИКОТ НА МАКЕДОНЦИТЕ ОД ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА

Професорот  Мотоки Номачи е истражувач на словенската лингвистика, на социолингвистиката и на...

Фељтон

News image

ДВЕ ДЕЦЕНИИ ОД ОСНОВАЊЕТО НА ФОНДАЦИЈАТА „АТАНАС БЛИЗНАКОВ“ (20)

ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ НА АТАНАС БЛИЗНАЈОВ ВО МОНОГРАФИИТЕ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.