Среда, 27 Март 2024   
ОД ДНЕВНИКОТ НА ДРАГАН БОГДАНОВСКИ – „Тие сакаа да бидам осуден и моето осудување да дејствува заплашувачки во однос на другите македонски патриоти, “ (24)

1fon6

После девет месеци интензивно сослушување, иследниците престанаа да доаѓаат во тајниот затвор во планината Караџица за да го испрашуват Драган Богдановски Тој останал сам со милиционерите.

Поради самотијата и неизвесноста што ќе биде со него, тој на 4 јуни 1978 година започна штрајк со глад. Пред тоа на милиционерите им предаде писмо за иследниците во кое напишал дека ваквата состојба е неиздржлива и дека ќе штрајкува со глад се додека не биде изведен пред суд или пак не биде ликвидиран. Штрајкот со глад ќе ги натера властите да ја започнат судската  постапка, по која Богдановски ќе биде осуден на 13 години затвор, од кои ќе издржи 11 години во злогласниот затвор во Идризово. За тоа што се случувало во овој период Богдановски во својот дневник пишува:

„На десеттиот ден од моето штрајкување го слушнав звукот на хеликоптерот што долета. Неколку минути подоцна во мојата келија влегоа удбашките иследници Анче Гогов и Никола Илиевски. Со нив беше и удбашкиот лекар. Лекарот ме прегледа, а удбашките иследници ми рекоа дека ако не престанам со штрајкот дека ќе бидам хранет на вештачки начин со црево. Им одговорив дека нема да престанам да гладувам ако моето барање не биде исполнето и дека тие не можат постојано да ме хранат вештачки. Првите три дена ми пикаа црево во грлото и со инка ми сипаа во цревото некаква растворена бела каша, а потоа почнаа да ми удираат и инекции со растворен шеќер (гликоза). Мојот штрајк траеше вкупно 22 дена. На 22 ден дојде во мојата келија еден цивил кој ми се престави дека се вика Јован Трпеноски, дека тој е окружен јавен обвинител и дека дошол да ми каже дека нема смисла со штрајкот со гладот што го правам зашто јас ќе бидам изведен пред редовен суд. Тој ќе бил мојот јавен обвинител, но на него му требало најмалку време од шест месеци додека ги простудира сите доказни материјали што ќе ги добие од Службата за државна безбедност. Ако треба ние ќе те храниме со инекции до судењето, нема да оставиме да умреш – рече Трпеновски – затоа престани со глад!

- Зар ви треба цели шест месеци да ги простудирате доказните материјали – му реков на окружниот јавен обвинител.

- Таа работа јас сакам совесно да си ја извршам, и те уверувам дека процесот ќе се одвива по сите правила на правосудството на една правна држава.

Бидејќи бев беспомошен пред судската бирократија, штрајкот со глад го прекинав.

Дури по доаѓањето во мојата втора емиграција во јуни месецот 1989 година разбрав зошто било одолговлечувано моето судење. Додека јас гниев во бетонскиот затвор на планината Караџица Службата за државна безбедност ја држела македонската емиграција на Запад во заблуда дека јас сеуште се наоѓам по западноевропските земји. За да го растури ДООМ, СДБ од мое име напишала некоја прокламација со која божем не сум го признавал Четвртиот конгрес на ДООМ одржан во Германија во јули месецот 1977 година, особено дека не сум го признавал раководството на ДООМ што било избрано на тој конгрес. Летки пишувани од УДБА од мое име биле распространувани во Австралија и Западна Германија. Досега открив дека од три поштенски боксови “од Фрибург, Швајцарија, од Штутгарт, Западна Германија и од Париз Франција“ УДБА кореспондирала со некои Македонци во емиграција во мое име. За оваа гнасна удбашка махинација разбрав дури кога дојдов повторно во емиграција. Но махинацијата не можела да трае вечно, луѓето почнале да се сомневаат дека јас сум или убиен или одвлечен во Југославија, поради кое и удбашите мораа да го подготват моето судење.

На 10 декември 1978 година со хеликоптер бев префрлен во Скопје до факултетот за државна безбедност а потоа со кола бев одвезен во скопскиот истражен затвор во населбата Шуто Оризари... Затворот е граден веднаш по скопскиот земјотрес и е еднокатна бетонска зграда во форма кирилската буква “П“ и однадвор изгледа како некоја фабрика. Во двата крака од зградата се наоѓаат ќелии самици и поголеми соби за затвореници, а во средишниот дел на зградата се наоѓа управата на затворот и канцелариите на истражните судии. Затворот околу наоколу е заграден со ѕид висок 4 метри. На секој агол, како и на средината меѓу агловите, на ѕидовите се издигаат кулите-стражарници на кои седат стражарите со митралези.

Во западниот крак од затворот, во ќелијата број 3 јас бев сместен. Иако бев во еден регуларен истражен затвор за мене беше воведен специјален режим. Во мојата ќелија деноноќно седеа по два милиционери од специјалниот републички баталјон на полицијата за борба против тероризам, со обичните затворски стражари немав никаков контакт. Како и на планината, милиционерите во мојата ќелија се сменуваа секој три часа. Кога ме водеа во канцеларијата на истражниот судија или на получасовната дневна шетање во дворот сите ќелии на затворот беа затворени, не смееше да ме види ниту еден затвореник. Се до судењето моето престојување во истражниот затвор се држеше како голема државна тајна.

...Сега кога бев во истражниот затвор стражата од двата милиционери во ќелијата можеше да се објасни само од стравот на удбашите да не се обесам. Тие сакаа да бидам осуден и моето осудување да дејствува заплашувачки во однос на другите македонски патриоти, непријатели на србоманскиот скопски режим и на државата Југославија. За разлика од затворот на планината Караџица сега на спиењето не бев врзуван со синџири...

Утредента по моето префрлување во истражниот затвор вечерта околу 6 часот милиционерите ме одведоа во административниот дел од зградата и ме пуштија да влезам во една канцеларија, после кое тие останаа надвор до вратата да чекаат. Во канцеларијата крај писачка маса седеше еден човек на шеесет и неколку години, со бела коврџава коса на главата, бела како млеко. ...Човекот ми се претстави дека се вика Герасим Атанасовски, дека е магистер по право и адвокат по професија и дека е одреден за да ми биде службен бранител на судењето.

- Секоја ви чест на вас како адвокат – реков – но на мене не ми треба адвокат. Сам ќе се бранам пред судот.

- Вие пак се бранете пред судот – рече адвокатот – но нашиот закон не дозволува еден обвинет човек да излезе пред суд без адвокат. Таа формалност мора да се исполни, инаку судењето нема да може да се одржи. Тоа јасно е формулирано во законот на судската постапка.

- Јас знам дека внапред сум осуден од службата за државна безбедност и дека моето изведување пред судот само ќе значи едно формално задоволување на правните норми, изигрување на правна држава, која Југославија никогаш не била и никогаш нема да биде – реков. Во тоталитарната титовистичка Југославија судот е слугинка на режимот односно на полицијата. Политичките затвореници ги осудува Службата за државна безбедност а не некаков независен суд. Судот на Југославија не е независен, мене ќе ми суди режимот т.е. полицијата а не некој независен суд.

- Ваквото Ваше мнение за југословенското правосудство ќе го кажете ли и пред судот? – ме праша адвокатот Атанасовски.

- Ќе го кажам зошто не? – реков – Ќе му кажам на судот на мојот процес јас ќе гледам како на една судска комедија а на судискиот состав како глумци кои глумат законитост.

Адвокатот се насмеа и заврте со главата, небаре сакаше да ја потврди вистиноста на моето мнение за југословенското правосудство.

- Сепак, јас би ви препорачал да молчите колку што можете повеќе и да не налевате масло во огнот на кој горите, зашто можете да изгорите повеќе одошто е предвидено.

- Значи вие знаете што е предвидено за мене, каква казна однапред ми е одредена од полицијата? – му реков на адвокатот.

- Тоа јас не го реков, но ве предупредив дека во ваша полза ќе биде да не ги предизвикувате судиите – ми одговори адвокатот.

- Јас и на удбашите во полициската истрага им реков дека мојата лична судбина воопшто не ме интересира, - се ми е едно каква казна ќе ми изрече судот. Личноста на Драган Богдановски не е важна, судот ќе ја осуди идејата и идеалот на македонскиот народ за обединување и за независна македонска држава. Од непријателите на таа света идеја јас не очекувам никаква милост.

- И нема да ја имаат – рече адвокатот – Јас те уверувам дека јавниот обвинител нема да бара смртна казна, но за делото кое одговараш сметај на 15 години робија. Ова ти го кажувам зашто од твојата душевна состојба заклучувам дека една таква казна нема да те натера да се откажеш од твојата решеност до смрт да останеш за делото на Македонија.“

.......

Судскиот процес против Драган Богдановски беше организиран зад затворени врати, на кој процес е осуден на 13 години затвор, од кои издржува 11 години во злогласниот затвор во Идризово.

По излегувањето од затвор извесно време живее во Скопје, а штом добива патна исправа заминува во Шведска, каде ја подготвува програмата за формирање на национална политичка партија во Македонија која политичка програма бива отпечатена во весникот “Млад Борец”. Таа партија Драган Богдановски ја именува “Демократска Партија за Македонско Национално Единство” ДПМНЕ која подоцна се регистрира како ВМРО-ДПМНЕ

На првиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ одржан во Прилеп на 6ти и 7ми април 1991 година, Драган Богдановски е избран за почесен претседател на партијата, а од 1991 до 1993 година е претседател на Задграничниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Европа.

Умира на 31.05.1998 година во воз, во местото Федериција Данска, на пат од Шведска за Германија. Погребан е во присуство на фамилијата и најблиските и до крај верни пријатели и соработници во Куманово на 01.08.1998 година.

(крај)

Подготвил: Т.К.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.