|
|
Јас сум Македонец! |
Досега необјавено интервју со претседателот на Крушевската Република Никола Карев за грчкиот весник "Акрополис" од 8 мај 1903 година ЈАС СУМ МАКЕДОНЕЦ! С.Т.Стам * Бугарија направила лоша сметка ако мисли да нe` потчини. Нас единствено нe` интересира нашата слобода * Комитетот не е бугарски. И Грција да сакаше да ни помогне ќе ја прифатевме со цело срце - Македонец ли си? Го прашувам - Да. - И следователно Грк. - За ова не знам, ми одговори, јас сум Македонец - Директен наследник на Александар Велики? Му велам иронично - Да. - И Александар Македонски што беше, ве молам? - Не знам, но историјата вели дека бил Грк. - Тогаш и ти, како негов наследник, си Грк. - Не, ми одговори. - Значи, тогаш го прашувам пак, зошто кога веќе сте Грк сакате да се ослободите преку (со помош) на Бугарија? - Која Бугарија, мислиш на Комитетот? - Да. - Ти одговарам дека Комитетот не е бугарски и, второ, изгледа дека сме наклонети кон Бугарија затоа што само таа се покажува расположена да ни помогне. И Грција, ако го правеше истото, ќе ја прифатевме со целото наше срце. - Бугарската заштита ја гледате само површински, Бугарија не сака да ве ослободи од турското ропство, туку да ве (потчини) пороби. - Хм! Ако Бугарија мисли да нe` претвори во нејзина провинција си направила лоша пресметка. Инаку, нас не нe` интересира што мисли Бугарија, туку обрнуваме внимание само на следново: "Си ја постигнуваме ли целта"? Си ја добиваме ли нашата слобода? Не нe` интересира дали ќе нe` ослободи Грција или Бугарија. Единствено што може да добие секоја една од нив е само наша благодарност. - Добро, ако се ослободите, што сакате да бидете, автономија? - Да, како што е во Швајцарија, во која три различни племиња живеат во крајна хармонија и љубов. - Да, но, знаете дека на таков начин вршите услуга на интересите на Панславистичката Етерија, чиј огранок е и Комитетот? - Каква услуга вршиме? - Како што се изјасни погоре Македонија е грчка земја, а ако секоја грчка земја бара да биде автономна тогаш доаѓа до ослабнување на Грција, а тоа го бара Панславистичката Етерија. - Зошто го бара? - За еден ден да нe` пороби и нас и вас и затоа сака да нe најде слаби за да го постигне тоа полесно. Карев за момент изгледаше замислен. Јас побрзав да го прекинам молчењето. - Зошто не сакате да се обедините со Грција? - Затоа што ако нe` земе Мора (Грција) ќе стане една голема држава и следователно монархија. Во таков случај ќе произлезат многу зла - прво монархијата и тоа што произлегува од неа, а второ, Грција ќе нe натера да војуваме со Бугарија, нешто што (ние) не го сакаме. - Вие што сакате? Ми ја покажа капата: - Сакаме република. - Демократија и пријателство со Бугарија? - Не само со Бугарија, туку со секој што ќе ни помогне да се ослободиме. - Со Бугарија сакате да се обедините? - Не! Не! - И ова ви го проповеда (учи) Комитетот? - Да. - Тогаш овој Комитет кој толку многу се грижи за вашата независност зошто не бара заштита од Грција која има повеќе должности да ве ослободи, туку клоните кон варварите? - Да ви одговорам веднаш. Ние личиме на човек кој паднал во морето и се наоѓа во опасност, секој момент да се удави. Е, не ми велите, ве молам, овој човек за да се спаси ќе се фати ли за сe` што ќе најде во тој момент пред себе, дури и за змија? Во таква положба сме ние, дури и Турчин да ни пружи рака за спас ќе ја грабниме со благодарност. - Но, грчките првенци, свештеници и учители зошто ги убивате кога немате ништо посебно против никој? - Ова се лаги. Комитетот не убива само Грци, туку и Бугари и Срби и Турци и секого кој предава. - Ова се изговори за гревовите, уништивте многу грчки патриоти затоа што не даваа пари за вашиот Комитет. - Овие работи ги измислувате вие Грците како и другите. - Кои други? - Ете, тие во Солун, поставивте вие луѓе да го направат тоа што го направија за да го оцрните Комитетот (станува збор за Солунските атентати, б.м.). Не можев да се воздржам и страшно се насмеав што предизвика љубопитност кај сопственикот Таску Квата, кој ми се приближи. - Што ти вели? Ме праша. - Тоа и тоа. - Хм! Ама како ќе се види дека е Бугарин дебелоглавец, ако не беше Бугарин не ќе кажуваше такви зборови, особено сега кога и ѕидовите имаат уши. - Да, да ова што ви го велам јас повтори Карев - едно дрво кое ја проби земјата и изникна, зошто да не го вадат сите за да порасне? - Да. - Да, но знаете со што го вади Бугарија. Со отров на омраза кон грцизмот. - Како и да е ова вадење (полевање), нe` освежува и нe` натера да ги завртиме гранките кон онаа страна кон која, признаваме дека ништо не нe` поврзува и да бегаме од вас со кои немаме иста крв и иста историја; ова е на некој начин протест против грчкото интересирање (за нас). - Ова што го велиш е резултат на бугарското вадење, зашто Грција никогаш не престанала да ве поддржува и со писменоста и со оружје. И пак Карев не ми одговори. - И сега, по последните настани што мислите да правите? - Го прашав. (се мисли на т.н. Горноџумајско востание од есента 1902 б.м.) - Ништо друго освен да ја продолжиме борбата. - Да, но зар не знаете дека зад таа борба се крие борба подла и нечесна? - Тоа нас не нe` интересира, доволно е да си ја постигнеме нашата цел. - Значи и со убиства? - Штом се вршат за доброто на еден народ. - Имате право какви учители имавте такви лекции научивте... Карев пак не ми одговори, само стана и полека тргна кон неговата соба, додека зад него сите гости на хотелот на разни начини ги коментираа неговите зборови. |