|
|
Молба од група бегалци од пијанечко до Н. де Ринг, да посредува да се вратат во Македонија (1879 година) |
“Екселенцио, Потпишаниве од името на илјада бегалски семејства од областа Пијанечко со оваа молба доаѓаме да Ви го изнесеме следново: Како последица од клањата, убиствата и силувањата што ги вршеа Турците пред повеќе од една година во нашиот крај Пијанец, клања кои не ги поштедија ни невините сосема мали деца, ние се најдовме принудени да ги напуштиме нашите имоти и нашата мила татковина и да дојдеме да скитаме овде голи, сиромашни и изгладнети. Макар што бугарската влада се до денес ни помагаше и ни ја даваше нашата живеачка, ние гледаме дека таа не ќе може да продолжи и во иднина да ни ја дава оваа милост, поради тоа што нашата положба од ден на ден станува се полоша и понеподнослива. Нејзе треба да и се стори крај, а само Вие со посредништво на вашата влада можете да го сторите тоа. Повеќето од нашите бегалски семејства по покана од турската влада тргнаа да се вратат во своите домови, но по нивното пристигнување неколкумина од нив биле врзани и однесени во Скопје, каде што гнијат во затворот. Тоа се: Иван Јанев и неговиот син Стефан од Царево Село, Борис Мицев и неговиот син од Истевник. Пред едно десетина дена други од нив беа на немилосрден начин заклани, тоа се: Иван Велков, калуѓерски слуга од Царево Село и воденичарот Мито од селото Коселица. Како последица од едно вакво предавничко држење на турската влада, која од една страна ги повикува бегалците да се вратат, а од друга безмилосрдно ги изложува на убиства и затвори, се наоѓаме во една голема збрканост и безнадежност. Поради ова, Ве молиме да се смилувате на нас сиромашните бегалци и да дејствувате таму каде што ќе сметате за добро за да се стави крај на нашата несносна положба, а бидете уверени дека вашето име меѓу нас ќе остави неизбришлив спомен. Убедени дека Вашето човекољубиво срце ќе биде трогнато од гласот на сиромашните бегалци.
Ќустендил, 11. IX. (стар стил) 1879 година (Следуваат десет потписи)” Француски документи за историјата на македонскиот народ, серија VI, т.I, Архив на Македонија, Скопје, 1969, стр. 152-153; |