|
|
Негушко востание |
Негушкото востание (февруари – април 1822 година) е месно востание во околината на Негуш, под влијание на Грчкото востание. Во него, зеле учество локалните Македонци потпомогнати од месните Власи и Грци во април 1822 година, против турската власт. На чело на востанието биле Логотет Зафиракис, Анастас Караташо Постариот, Ангел Гацо, Дијамандис и др. Зафиракис бил политички, а Караташо постариот воен водач. Востанието започнало со напад на османлискиот гарнизон во Негуш, кој бил уништен, а градот бил ослободен. Востаниците формирале и Воен штаб. Заземањето на Негуш придонесло на востаниците да им се придружи населението од Држилово, Лозица, Граматиково, Катраница и други населени места. Востанието се ширело и кон Воден и Костур, зафатило и многу села по реката Бистрица. Бројот на востаниците се зголемувал. Османлиските власти стравувале од напад врз Солун. Против востаниците била испратена редовна војска под команда на Лабуд-паша. Востанието било задушено, а дел од востаниците успеале да избегаат на југ и да им се придружат на грчките востаници. Изложеноста на населението на Негуш и околните 130 села на чести напади и грабежи од страна на многубројните aрамиски банди, како од нападите на солунските Турци, така и од долгогодишните напади на разбојничките банди на Али-паша Јанински, била главната причина поради која Негушаните одлучиле да подигнат востание. Поттикнати од почетниот успех на грчкото востание (1821), Македонците кои живееле во Негуш и околните села, измешани со Власи и Грци, на 3 март 1822 кренале востание. Востанието избувнало во западниот дел на Солунското поле во градот Негуш и во околните воденски села. Македонците од овие краишта помогнати од своите сожители Власи и Грци востанието го кренале под раководство на Атанас - Каратасе (Македонец, познат и како Караташо или Каратошо) и Ангел Гачо (Влав), а учество зеле и ајдутските војводи Зафиракис Логотет и Дијамандис. Востанието почнало да се шири со голема брзина на исток од градот Негуш и ги зафатило сите села до утоката на реката Бистрица. Според податоците на англискиот конзул, бројот на востаниците се качил на 2000 (речиси сите Македонци), а постоела голема опасност тие да го нападнат и градот Солун, своевиден центар на османлиската власт на Балканот. Меѓутоа востаниците своите напади ги насочиле врз турските чифлици на крупните земјопоседници и на полските кули. Востаниците запалиле околу 134 турски чифлизи и помали села, потоа го зазеле градот Негуш, го заробиле турскиот кајмакам во него и ги убиле малубројните Турци во околните места. Османлиската власт брзо реагирала. Против востаниците била испратена голема војска која го опколила Негуш. Опсадата траела од 24-ти март до 20-ти април, кога градот бил освоен. Востанието било брзо задушено од страна на турските власти со оглед на тоа дека востанието било просторно многу оддалечено и отсечено од центарот на Грчкото востание кое се одвивало во истото време, аскерот многу лесно ја опколил слободната територија од сите страни. Со бројност од 15000 војници, Турците успеале да го скршат отпорот на востаниците и да го вратат назад градот Негуш. Поради турските жестокости врз месното население настанало општо бегање и раселување на луѓето од овие краишта. Околу 30 млади негушанки и невести со деца за да не паднат во рацете на османлиите се фрлиле во водите на реката Арапица. Самите водачи на востанието, Атанас Караташо и Ангел Гачо, со дел од востаниците се префрлиле во Грција и таму зеле активно учество во Грчкото востание, кое било во тек. Причините за пропаѓањето на Негушкото востание главно лежат во фактот што востанието имало локален карактер. Востаниците не успеале да ги прошират воените дејствија надвор од Негуш; во Македонија тогаш имало концентрирано голема османлиска воена сила, особено во Битола и Солун, која можела да угуши секаква востаничка акција. И покрај неуспехот, Негушкото востание зазема важно место во историјата на македонскиот народ. Од ова востание се стекнале драгоцени револуционерни искуства, кои подоцна биле користени во последователните востанија. Балканската историографија за Негушкото востание
Извори Историја на македонскиот народ, книга втора, издава нип Нова Македонија - заедница за издавачка дејност, книги, периодика и публицистика - Скопје, Скопје, 1969 година Stefov, Risto. "Wake of the 19th Century Balkans and the Negush Uprising" История на България. Българско възраждане XVIII - средата на XIX век“. Институт по история на БАН. Т.6, стр.196. |