Среда, 14 Август 2024   
Историски белешки за Мијаците (2 дел)

Македонска нација

kniga-za-mijacite-nova

Истражувајќи го минатото, прилепчанецот Георги Трајчев (1869 - 1945) во својата „Книгата за Мијаците (Македонска библиотека No 12, Софија, 1941) ќе забележи интересен податок дека Мијаците се древно племе. Тој посочува дека Благоја Димитров, публицист и општественик и добар познавач на старогрчкиот јазик, вели дека „во градот Битола бил откриен гроб од римско време на кој имало натпис „Тука почива војсководец, по потекло Мијак“.

Уште во предговорот на својата книга за Мијаците, за кој веќе пишувавме, Трајчев  ќе посочи дека  „Во својот живот како егзархиски училишен инспектор во Дебарската епархија, во чиј реон припаѓа и Реканскиот, имал доволно можност да го проучи минатото...“  За да може да ја разјасни мистеријата за потеклото на таинствените и талентирани Мијаци, тој првично во својата книга се навраќа на нивната територија и нивниот начин на живот на тој дел.

Опишувајќи ја Мала Река, Трајчев вели: „Волшебна е земјата која ја населуваат Мијаците. Затворена меѓу Шар, Кораб, Бистра, Стогово, и поврзана со раскошни долини, напоени од бистрите води на река Радика и нејзините притоки – Река е рајско катче. Нејзините населби, распослани по врвовите, огранците и полите од тој Балкан, со своите солидни куќи и убави чардаци, се богати со раскази за четката на прочуените сликари и перото на надарените писатели. Во текот на 1838 година, кога патувал Гризбах за да ја проучува месната флора, набљудувајќи останал запрепастен од впечатокот кој го оставиле раскошните пејсажи кои блескаа пред неговите очи. На овие природни убавини, се должи можеби, и талентот, природната интелигенција и високи духовни квалитети на ова мијачко население“.

Всушност, како што вели авторот, „зарем не гледаме дека прочуените мајстори уметници (сликари и резбари), ненадминати досега по својата уметност, потомци на т.н. „Дебарска школа“, произлегуваат токму од тој крај (рекански) и од мијачкиот род. Чедата на мијачкото племе, одгледани, исхранети и израснати во тој волшебен земен рај, без секаква наука и школување, творат со својата четка и длето слики и резби какви ретко се сретнуваат на друго место во нашата земја. Наместо разни земјоделски култури и други градинарски производи, какви се раѓаат на други места, тука, во реканско, во недостаток од плодна земја, се раѓаат надарени луѓе: уметници (сликари и резбари), архитекти и мајстори (градежници), творци на прочуените македонски везови (Смилевска носија); сите израснати дома – воспитаници на домашната школа, не виделе изложба и музеј, ниту поука и раководство на странска рака“.

Сосема е нормално човек да се запраша кој е овој таинствен народ со толку многу надарени луѓе? Дали Мијаците се првобитни поселници во тој крај или тука се појавиле подоцна од други краеви на Македонија – ќе се запраша и Георги Трајчев, кој одговорот првично се обидува да го најде во Мала Река, која по својата местоположба е тешко достапна.

Меѓутоа, правејќи споредба со друго месно население, Трајчев пишува: „Мијаците се премногу интелигентни, а главното занимање им е сточарството (овчарството). Ако им беа корените на денешното место на живеење, тие би биле... некултурни, слабо интелигентни, дури под нивото на секоја култура“. Оттука тој претпоставува дека Мијаците се населиле од некој друг крај. Во своето истражување за потеклото на Мијаците тој го бележи тврдењето на Галичани кои говорат дека „тие се доселеници од околината на Солунско...“ и дека  „старите Мијаци првично биле населени во солунската област, во соседство со Брсјаците“. 

Мијаците во Солунско, како што го пренесува Трајчев тврдењето на Галичани, „првично биле земјоделци и сточари и биле доста имотни. А бидејќи во блиско соседство со Солун, имале близок контакт со урбаното население, тргувале таму и станале доста богати“. Причините за преселбите настанала „откако сточарството кое било подоходовно, тие го прифатиле, а го оставиле земјоделието. Така тие зиме си останувале во Солунско поле, со своите стада, а во пролет и лете се прибирале на разграноците на планината Бистра“ – ќе забележи авторот. 

Врз основа тврдењата на самите Мијаци, Трајчев го објаснува и создавањето на населените места и вели: „Првично тие живееле тука номадски, иако со себе ги воделе и своите деца со стадата. Подоцна, сепак, почнале да ја населуваат областа, притоа неправејќи избор на местото за нивното производство, бидејќи како сточари ниту саделе, ниту пак имале можност да ја обработуваат земјата. Тие гледале да има добро засолниште за стоката, да има вода, добри пасишта, дрва и заштитено место од ветровите. Сите тие услови ги имале во тој крај. Така тие стануваат од скитници постојани жители, додека само овците презимувале на друго место“.

Така, како што пишува авторот „се објаснува првичното населување на Мијаците по Реканско, а после поради размножување се создаваат една по друга нови населби“.  Меѓутоа, Трајчев сеуште го нема вистинскиот одговор од каде води потеклото на Мијаците. Оттука, за да го објасни нивното потекло се користи со дотогашните достапни историски сознанија. Користејќи се со овие податоци, кои често се пишувани во контекст на пропагандната војна за завојување на Македонија, Георги Трајчев се обидува да ја докаже посебноста на Мијаците, а на индиректен начин и на Македонците, па во тој контекст за мијачкото племе пишува:

„Ако тоа е остаток од Аспаруховите прабугари, немаше да ја има таа особеност, ако пак Самуилов потомок, ќе личеше на Брсјак, од кое племе, според нашите научници, потекнува Самоиловиот род. Брсјаци се денешните: кичевчани, прилепчани, охриѓани и други кои ја населуваат Западна Македонија, но ретка и некомпатибилна е разликата меѓу Брсјакот и Мијакот. Толку е очевидна разликата меѓу едните и другите така да е абсурд да се дозволи еднакво потекло. Има автори кои претпочитаат дека Мијаците потекнуваат од Самуиловиот род. Добро, но историјата го посочува Самуил како дел од брсјачкото племе, или од ерменското. Тогаш треба да се допушти теоријата дека или Самуил не е Брсјак, или Мијаците не се Сауилови потомци. Ако доста верно и историски е докажано дека родот на Самуил е брсјачки или ерменски, тогаш нема зошто да ги посочиме Мијаците за негови роднини. Нивното потекло треба да го бараме на друго место. Каде на друго место, сепак, рековме дека ниту еден бугарски клон, од денешното суштествено племе, нема одлики и карактерни црти на Мијаците.  Тогаш треба да се обрнеме во далечното минато, подалеку од Самуиловото време, уште при формирањето на нашата нација и државна самостојност. Познато е, дека нашите претци наишле на Балканот на многу славјански племиња на кои им го дале своето им (Бугари), а од нив го презеле јазикот, навиките и обичаите. Ете тука, јас мислам дека токму меѓу тие славјански племиња треба да се бара потеклото на нашите Мијаци, штом тој недостасува накаде меѓу племињата“.

Видливо е дека авторот, со оглед на времето кога и каде ја издава книгата (1941, Софија) го прикрива своето потекло, но недвосмислено прави јасна дистинкција меѓу дојдените Бугари и славјанските племиња кои живееле на Балканот, односно во Македонија, а со тоа и на Мијаците како дел од нив.  

Во тој контекст Трајчев продолжува да трага по потеклото на Мијаците. Бидејќи „историјата, сепак, не посочува директно такво славјанско племе – Мијаци, тој се насочува на тврдењето на мијачкото население од Галичник, кое вели дека: „Потекнува од Солунско, од околината на река Галик“, дека „таму нивните прадедовци живееле  со номадски живот, со многубројните стада овци и коњи“, како и тоа дека „пред илјада години се раселени оттука, а за време на турскиот режим слегуваа со своите стада пак накај солунскиот крај, за презимување (на кшла)“. 

Врз основа на ова тврдење Трајчев се навратува илјада години во минатото кое авторот го води до преданието во кое се говори дека Првиот Охридски архиепископ Јован бил Мијак. Според ова предание, Трајчев ќе напише: „тој како монах и пустиножител, се подвизувал во околината на Галичник. Галичани му носеле храна во пештерата, спроти секој петок. И денес, по стар обичај, даваат од секоја куќа по едно лепче (просфора)  дар за манастирот св. Јован Бигорски спроти празникот св. Патка (14 октомври ст. ст.) за спомен. Јован е избран за архиепископскиот престол во 1018 година. Значи, во таа година веќе имаме Мијаци (денешни Галичани) во овој крај – рекански. А населбата Галичник изгледа е основана во многу постаро време од 1018, кога се дарвал Јован со храна. Враќајки се така назад, доаѓаме до ерата кога прабугарите навалиле на славјанските племиња околу Солунско. На овој начин се доближуваме до веројатноста дека Галичани всушност потекнуваат од Солунско и дека се иселуваат многу време пред Самуил и Јован (1018 година)“.

Врз основа на ова предание авторот заклучува дека „денешните Мијаци треба да се остаток од некое славјанско племе, кое го населувало солунскиот крај. Меѓутоа, цитирајќи ги Антон Страшимиров и Благоја Димитров (двајцата со потекло од Македонија), се добива други димензии за древноста на Мијаците. Така, како што пишува Трајчев: „Антон Страшимиров ги нарекува Мијаците и Брсјаците за древни  колена, во својата „Книга за Бугарите“ од 1918 година стр. 52“, а „стариот наш учител Благоја Димитров, публицист и општественик и добар познавач на старогрчкиот јазик, вели дека во градот Битола бил откриен гроб од римско време на кој имало натпис „Тука почива војсководец, по потекло Мијак“.  

Појавата на името Мијак на надгробната стела уште од римско време за авторот претставува уште еден доказ дека Мијаците се древно племе.

(Продолжува)

 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.