Среда, 04 Септември 2024   
Историски белешки за Мијаците (5 дел)

Македонска нација

alt

Георги Трајчев (1869 - 1945) во продолжение на својата и „Книгата за Мијаците“ (Македонска библиотека No 12, Софија, 1941), се обидува да го лоцира манастирот „Св. Богородица“,  во кој Јован Дебарски бил игумен, пред да биде назначен за Охридски архиепископ (1018 – 1037). Во недостаток на пишани извори, тој за оваа цел, меѓу другото се користи и со живиот материјал кој ги има собрано како училишен инспектор во Дебарската епархија.

Во времето кога Трајчев ја пишува „Книгата за Мијаците“, изминати се цели 920 години откако Јован Дебарски бил назначен за Охридски архиепископ во 1018 година. Во отсуство на пишани извори, во текот на многуте години се изгубиле и спомените за манастирот Св. Богородица, местото каде се подвизувал Јован. Оттука, Трајчев својата потрага за лоцирање на манастирот ја започнува од старите цркви со името на Св. Богородица во Реканско. А такви, како што пишува Трајчев: „има на две места: во село Скудриње и Ростуше. И двете села се по течението на реката Радика, во близина на историскиот манастир Св. Јован Бигорски“.

Опишувајќи го селото Скудриње, кое е населено со исламизирани Мијаци, Трајчев ќе забележи: „На многу места во селото, се покажуваат урнатини на стари згради. Едни кои се нарекуваат „Манастириште“, се на црквата Св. Богородица. Жив е уште споменот кај ислимизираните Мијаци (Трајчев ги нарекува „Помаци“) за нивното неодамнешно православие. Нивните жени го посетуваат манастирот Св. Јован Бигорски за молитва и здравје, како и за да црпат вода од Радика, по големото осветување на водите на Богојавление, која како светена вода ја чуваат през цела година за да ги попрскаат децата кога се болни или да ги заштитат од „Уроци“ и др. Кога е срушена црквата и манастирските згради не се знае. По се` изгледа дека тоа се случило по инвазијата на Турците“.

Во однос на второто село Ростуше, Трајчев вели: „Тоа е поблизу до манастирот Св. Јован Бигорски. Реката Радика ги дели. Манастирските петли кога пејат се слушаат во Ростуше. И тука исламот се наметнал и поголем дел од населението се потурчило, а црквата Св. Богородица била претворена во џамија. До крајот на турскиот режим џамијата постоеше. И српскиот режим ги толерираше исламизираните Мијаци во тој крај. За време на окупацискиот период од бугарските војски, во 1918 година, џамијата свечано се освети во православен храм, со старото име Св. Богородица“ – пишува авторот во својот опис на двете рекански села.  

Првиот сомнеж дека во Ростуше, која е стара населба, немало манастир, кај Трајчев се појавува поради грамотата на Јован Кастриот од 1426 година, со која овој благородник го подарува селото Ростуше заедно со црквата Св. Богородица на Хиландарскиот манастир. „Зошто не се спомнува манастир, а само црква“? – се прашува авторот и истовремено заклучува дека: „Постои голема веројатност дека манастирот бил веќе разурнат, па останала само црквата, или пак тука немало манастир, а постоела само црква“.

Во кое од овие две села, со цркви со името Св. Богородица светителствувал Јован како игумен? – е прашање на кое авторот Георги Трајчев се обидува да најде одговор. Во анализата која ја прави тој вели дека: „Едно од друго тие села се одалечени околу еден час. Ретко на така блиско растојание суштествуваат манастири и тоа истоимени (Св. Богородица). Освен тоа, црковното место во Ростуше не е згодно и е мало за широки манастирски згради. Во Скудриње е обратно. Површината на „Манастириште“ е голема. Урнатините на старите згради се забележуваат на секој чекор. Тука било седиште на централната власт. Според преданието, едни говорат дека било на Гаврил Радомир, син на Самуил, а други на Петар Дељан, внук на Самуил“.

Авторот во барањето на одговорот за местото на овој манастир во предвид го има и мислењето на архимандритот Кирил Рилски, кој по потекло е Мијак, од селото Битуше. Тој во своите „кратки спомени“, како што пишува Трајчев, по ова прашање го имал следното мислење:

„Од обиколката на епархијата видов дека селото Ростуше има голема потреба од црква, бидејќи старата црква е многу мала  и полусрушена на еден рид на двор од селото. Во неа црквуваа двете соседни села Ростуше и Велебрдо. Населението во двете села беше христијанско и „помашко“ (мисли на исламизираните Мијаци).  „Помаците“ во Ростуше имаа две џамии. Едната џамија беше крај селото, кај турските гробишта, а другата сред село.  Се зачувало живо преданието меѓу христијаните дека  таа џамија која е обиколена со христијански гробишта до пред 100 години била црква „Успение на Пресвета Богородица“. „Помаците“ од ова село ја претвориле во џамија, го разрушиле старото црковно здание и на истите основи ја изградиле сегашната зграда. На 30 август 1918 година џамијата беше преобразена во православна црква со старото историско име „Успение на Пресвета Богородица“ и во неа служеа свечана служба 12 свештеници од околните села. Во ова „помашко село“ се наоѓал стариот историски манастир „Дебарска Св. Богородица“, каде во 1018 година бил игумен Охридскиот блаженејши архиепископ Јован Дебранин пред тој да стане Охридски просветител. Оваа древна црква била црква на древниот историски манастир „Дебарска Св. Богородица“, која суштетсвувала уште за време на првото бугарско царство. Околу оваа древна манастирска црква се наоѓаат со тули ѕидани гробници. При раскопувањето околу таа древна светиња можат да се најдат многу вредни археолошки предмети од старото... царство, а можеби за целото христијанство од првите векови на Балканскиот Полуостров. Во 1908 година еден „Помак“ кој копал темели за да гради куќа во близина на таа историска црква, открил една сводеста, многу искусно направена со тули гробница, во која се наоѓало цело нераспаднато човечко тело.  „Помакот“ помислил телото да го фрли во реката Радика. Но, на сон му се јавил човек кој му рекол да не го вознемирува, бидејќи тој е жив и ништо не може да му направи. „Помакот“ се исплашил од ова сновидение и повторно ја заѕидал гробницата, како што била. Оваа приказна јас ја слушнав од христијанското население во селото Ростуше, но немав ниту време, ниту можев да го најдам самиот „Помак“, за да го распрашам подетално“. (Кратки спомени и др. одарх. Кирил Рилски, год. 1930, Софија, стр. 29, 30, 31).

Покрај мислењето на архимандритот Кирил Рилско, Трајчев се осврнува и на мислењето на Апостол Христов Фрчковски, роден во Галичник. Инаку Христов бил образован Мијак, сликар (иконописец) воспитаник на реканската сликарска школа, кој за време на Илинденското востание бил реонски началник, а за време на бугарската окупација бил околиски управител во реканската каза, со седиште во Галичник. Авторот ни го пренесува мислењето на Апостол Христов кој по ова прашање вели:

„Во времето додека бев околиски управител имав обичај да разговарам со старите баби и дедовци, особено во „помашките села“, за националното прашање.  Во тие беседи, во селото Скудриње, постарите  лица ми раскажуваа за минатото на нивното село. Тие ми раскажаа дека Скудриње во далечното минато било големо село, во кое живеел царски човек, посочувајќи притоа на местото и урнатините, каде што некогаш биле неговите палати. И денес тоа место се нарекува „Сарај“. Исто така тие го посочија и местото на историскиот манастир Св. Богородица. Тоа место и денес се вика „Манастириште“. Во соседство на „Манастириште“ се наоѓа чешма која е света за населението. Кога има болни деца по куќите, домаќинките наливаат од „светата вода“ и ги мијат болните за здравје. Ние Реканци знаеме дека манастир имало во село Скудриње. А за селото Ростуше знаеме дека џамијата во далечното минато била црква. Кога го прифатиле исламот, ја претвориле црквата во џамија. Овој настан се случил пред 150-200 години. Не помнам дека имало манастир во Ростуше. Па и старите луѓе не паметат дека имало таков, толку повеќе дека не е многу далеку времето 150 – 200 години од потурчувањето на селото“ - вели на крај Апостол Христов.

Врз основа на погоре изнесеното, како и личното искуство и собраните материјали додека бил училишен инспектор во Дебарската епархија, „особено кога слушал дека во Ростуше џамијата била црква“, авторот носи заклучок во кој вели:

„Ако се имаат предвид горните податоци, прифатливо е, мислам да дозволам дека историскиот манастир Св. Богородица, каде игуменствувал Јован до 1018 година и од каде бил повикан од визанстискиот император Василиј II запрв  Охридски архиепископ, бил во селото Скудриње, а не во Ростуше. Освен тоа, Ростуше е на еден час растојание од селото Скудриње, а воздушна линија 1-2 километри. Редкост е да се забележат манастири во такво соседство. Старовременските манастири повеќе се забележуваат во места, природно убави и сликовити, изолирани, дури тешко достапни, според вољата на самиот основач или пустино жител. Токму на овие услови, одговара местоположбата на Скудриње, лоцирана високо во тешко достапните разграноци на Кораб Планина, клон на масивот Шар. А Ростуше е пониско, во полите на истата планина, крај патот Дебар – Гостивар, во една прозаична месност“.

Како потврда на својот заклучок, авторот во предвид има и една друга околност, која како што вели, треба да се има во предвид кога се бара локацијата на манастирот. „Ако Јован игуменувал во селото Ростуше, зошто тогаш пак во 1020 година основал друг манастир Св. Јован Бигорски, во уште поблиско соседство. Денешниот манастир Св. Јован Бигорски стои на еден чекор од село Ростуше. Кога Ростушките деца плачат  или викаат, гласот им се слуша во манастирот Св. Јован Бигорски. Реката Радика го дели селото Ростуше од Св. Јован Бигорски. Ростуше е на десниот брег, а Св. Јован Бигорски на левиот“ – вели на крајот од својот обид да го лоцира местото на историскиот манастир на игуменот Јован.

Инаку, да потсетиме дека Георги Трајчев (1869 - 1945) е просветен деец и револуционер, деец на Македонската револуционерна организација. По Втората балканска војна бил протеран од српските власти во Бугарија, каде работи како учител. За време на Првата светска војна, Трајчев заедно со Љубомир Милетич, во рамките на научната експедиција во текот на август и септември 1916 година ја посетува Македонија и Поморавјето, по што пишува книги на македонска тематика. Во 1941 година тој ја издава и „Книгата за Мијаците (Македонска библиотека No 12, Софија, 1941). Во предговорот авторот ќе забележи дека: „Во својот живот како егзархиски училишен инспектор во Дебарската епархија, во чиј реон припаѓа и Реканскиот, имал доволно можност да го проучи минатото, начинот на живот на тој дел“...

Продолжува

 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.