|
|
Античкиот свет на хеленските полиси поделен помеѓу „филипомизи“ и „филипофили“ |
Прочуениот атински политиколог Исократ, со желба да иж помогне на Атина, но и на хеленската заедница, која е политички и економски растроена, ја заговара идејата за панхеленизам, според која хеленските полиси би се обединиле со една цел - да се спасат од внатрешната криза, но и од опасноста од надворешниот непријател. Ова го поттикнува Исократ да размислува за автократска власт, чија волја и моќ ќе се наметне врз несложните хеленски полиси и ќе ги обедини во панбасилеја. За реализација на оваа идеја Исократ го одбира македонскиот владетел Филип, кој во тоа време излегува на светската политичка сцена како најголемиот монарх-басилевс, моќен, славољубив и самоуверен, а истовремено владетел на држава со која Хелените имале повеќевековни “пријателски“ односи. Исократ кај Филип ИИ открива карактеристики на хегемон што е способен да ја понесе „големата“ идеја за панбасилеја; стариот ретор ја презема улогата на „советодавец“ на македонскиот басилевс, зашто страхува од неговата „тиранска“ природа и од тоа колку (не)пријателски ќе се однесува со Хелените, а од друга страна се плаши со колкава доверба ќе ја прифатат Хелените оваа идеја. Другата политичка програма, за која се залага Демостен, е одбраната на демократијата и демократските полиси од олигархиското и тиранското уредување. Говорникот смета дека ова е погодна прилика Атина да се покаже како спасителка на сите Хелени од опасноста што им се заканува од олигарсите и барбарите, кои ја загрозуваат слободата на полисите, посочувајќи го Филип, или како што го нарекува „чумата македонска“, која уништува сеж што е хеленско. Во Филипиките Демостен со жалење им ја посочува на атињаните големата загуба на Пидна, Потидаја, Метона, Термопилите, Херсон, Олинт и на сите околни места, како и на многу други градови кои во тој миг биле со Филип, а некогаш биле атински колонии. Имено, Демостен смета дека главни виновници за лошата политичка состојбата на Атина се самите тие, нивната зачмаеност и небрежност и дека е крајно време да се заинтересираат за државата и да се направи финансиски и стратегиски план за војување со Филиповата држава. Од друга страна, Демостен смета дека Атина не е во состојба да подготви поголема војска, додека Филип има силна и добро извежбана војска на која атињаните не можат да се спротивстават; поради ова Демостен препорачува да се води „герилска“ војна со Филип, војувањето да се сообрази со Филиповата стратегија, да се спречат Филиповите грабежи на „неброени пари“, да се спречи одведувањето на нивните граѓаните во ропство... Основно, нагласува Демостен, е Атина да сфати дека тој човек (Филип) им е „душман“ на Хелените, дека ги лишува од нивното и дека долго време беснее. Во средината на ИВ век п.н.е. во демократска Атина најголема поддршка има опортунистичката политичката програма на атинскиот државник Евбул и неговите приврзаници; нагласка на нивната програма е – мировен договор со Филип, кој ќе користи на државата многу повеќе отколку војната. Атина започнува да води двојна политика, од една страна, фиктивен мир со Филип, а од друга, мир и соработка со хеленските полиси во борба против Филип. Мировните преговори започнуваат во Атина каде што доаѓаат, од една страна, пратеници на Хелените, а од друга, Филиповите пратеници. Во исто време настапува и Исократ, залагајќи се за Филип, па дури и составува послание до македонскиот владетел (Филип) во кое му се обраќа како на добротвор кој треба да ги обедини Хелените; воедно го слави како храбар војсководец кој може да тргне во војна против персискиот цар. Поради опасноста дека Филип ќе навлезе преку Термопилите во средна Хелада, и тоа како сојузник на Теба, атињаните брзаат да го склучат мировниот договор. По предлог на Филократ, атињаните одредуваат десет пратеници кои ќе отпатуваат во Пела за да ги разгледаат двете можности за мир и за заедничкиот интерес на атињаните и Филип. Меѓу пратениците се наоѓаат политичарите Филократ, Демостен, Ајсхин и глумецот Аристодем. Политичкото решение на Атина е, без разлика што Филип поставува неповолни услови, мирот и сојузот треба да се прифатат како привремено решение, за да ја отклонат моменталната опасност од Филип. Имено, олигарсите и дел од учените софисти очекуваат економска благосостојба од овие договори; Демостен констатира дека Филип има „пријатели“ во многу хеленски градови; некои од нив се официјални претставници, избрани од Филип или назначени од Македонското собрание; но има и интелектуалци кои од идеолошки причини (како Исократ) го застапуваат Филип и кои од антимакедонската партија се нарекувани „предавници“. Во текот на мировните договори следи Второто пратеништво: од Атина се испратени пратеници во Пела за да добијат потврда од Филип, со што би го завршиле договорот; пратениците патуваат 23 дена до Пела, а потоа 27 дена мирно го чекаат Филип, кој војува со Керсоблепт и ги освојува сите крепости на тракискиот брег, сеж до Пропонтида. Од ова време Филип станува главна политичка личност на Балканот. Центарот на политичките собитија се префрла од Атина во Пела. Во македонската престолнина пристигнуваат пратеници од цела Хелада, надевајќи се на помош и заштита од Филип. Македонскиот владетел ја користи оваа своја позиција и подготвува стратегија (подоцна добро познатата империјалистичка тактика дивиде ет импера); прво, како победник во „Светата војна“, Филип им се наметнува на хеленските полиси и добива најголемо влијание во одлуките на Амфиктионскиот совет (совет организиран околу светилиштето во Делфи). Во делфиските списоци на храмостроителите Македонците се пратеници на Филип, кои се грижат за градбите и за зачувување на храмот. Наместо Атина, Филип ја добива предноста при обраќањето во Делфиското светилиште. По сите овие настани, атињаните се во паничен страв: се евакуира околното население, се крие подвижниот имот, а бегалците од Бојотија и од Фокида се прифаќаат во градот. Филип на Атина иж испраќа ултимативно писмо во кое, дрско и отворено, ги налага условите за мир: атињаните ќе бидат нападнати ако не му се приклонат, а тој нема да чувствува никаква грижа за раскинувањето на мировниот договор. Од 346 г. п.н.е. политичката сцена на Атина е поделена меѓу оние што се за Филип: филиписти, плутократи, панхеленисти и поборници за мир, а од другата страна – приврзаниците на Демостеновата политика: радикали, милитантни демократи, т.е. патриоти. Демостен смета дека приврзаниците на Филип се предавници, поткупени од Филип, како на пример Филократ, за кого вели дека од Филип добил злато, сребро и товари дрвена граѓа, а Ајсхин имоти. Плутократското дејствување добива и идеолошка поддршка во реторските памфлети на Исократ, кој го повикува македонскиот басилевс да ја преземе мировната улога во Хелада за да стане доброчинител на сите Хелени и да ги поведе во војна против Персија. Оваа војна би ги решила социјалните и економски проблеми, а со колонизацијата во Мала Азија би се ослободиле Хелените во Азија и би се отворил простор за да се населат бездомниците од хеленските полиси.Автори: проф. д-р Анета Шукарова |