|
|
| Едмунд Темелко-Првиот градоначалник во Мала Преспа |
|
Мане Јаковлески Во историјата на Мала Преспа, како симбол на македонската самобитност надвор од матичната татковина, едно име останува длабоко врежано – Едмунд Темелко, првиот градоначалник на Општина Пустец.
Со неговото стапување на оваа функција, започна ново поглавје за Македонците во Албанија – поглавје на институционално признание, борба за јазикот, културата и идентитетот. Едмунд Темелко не беше само градоначалник. Тој беше гласот на немите, водилка во темнината и борец за правата на македонското малцинство. Неговото име стана синоним за храброст, истрајност и љубов кон родот Македонски. Под негово раководство, македонскиот јазик стана официјален во општината, а Македонското шеснаесеткрако сонце од Кутлеш гордо се вее пред институциите во Мала Преспа.
Неговата визија беше јасна: да се зачува и негува македонскиот идентитет во Мала Преспа, да се создаде општество на достоинство и еднаквост. И успеа, бидејќи Едмунд Темелко не само што ги предводеше луѓето, туку ги инспирираше да веруваат во себе дека нивните корени се Македонски, и успеа. Темелко останува симбол на институционалната борба за македонскиот јазик, знаме и идентитет на Македонците во Албанија. Под негово водство, македонското национално чувство доби свое јавно и легално изразување, а Мала Преспа стана пример за отпор, достоинство и љубов кон Македонија. Денес, кога ја споменуваме Мала Преспа, не можеме да не се навратиме кон неговото дело. Едмунд Темелко е легенда што останува живa во срцата на Македонците од овој крај, сведоштво за тоа што значи да се биде водач кога тоа е најтешко, и Македонец кога е најпотребно. Денес, кога македонскиот премиер Христијан Мицкоски застанува рамо до рамо со Македонците во соседните држави и во дијаспората, се потврдува визијата што Едмунд Темелко ја започна: единство, достоинство и иднина за Македонците, без разлика каде живеат. |




















