|
|
| Гордоста е наследство што не смее да избледи! |
|
Во време кога светот нè бомбардира со туѓи наративи, кога идентитетите се релативизираат, а потеклата се претвораат во дипломатска ситна монета, мора повторно да се запрашаме: Што ни е оставено како завет? Бројни се примерите каде македонскиот народ во својата борба за слобода и создавање на самостојна и национална држава ја поврзува својата историја со древните Македонци, со Аристотел, Филип и Александар, но и со Самоил, Кирил и Методиј, Охридската книжевна школа и Охридската архиепископија,... Денешната ситуација во Македонија, најдобро ја отсликува Манифестот на привремената влада на Македонија од 1881 година во кој се вели: ...Вистински Македонци, верни деца на татковина! Голем срам ќе биде за вас, вистински Македонци, ако останете неми сведоци на мојот погреб. Не, не, еве ги моите грозни раскрвавени рани, еве ги моите тешки пранги: скршете ги, расковете ги, зацелете ги моите рани, направете се’ што е во ваша моќ за да се напишат зборовите „Сложна и обединета Македонија“ на знамето што ќе го кренам. Откога ќе успеете победоносно, избркајте ги убијците од оваа земја кои го веат знамето на раздорот и сеат погубни идеи, делејќи ве, мои чеда, на безбројни народи, па така обединето под знамето на Македонија, како единствен народ, дигнете го високо тоа славно знаме и подгответе се еднодушно да напишете на него: Да живее македонскиот народ, да живее Македонија!“ Овој само мал дел од манифестот покажува дека историјата како да ни се повторува. И денес имаме Македонци кои заборавиле на своето потекло. Денес бескичмената врхушка на СДС без срам ја распродаваше земјата. Тоа се лица кои ја напуштиле својата мајка Македонија, но таквото однесување ги обедининува Македонците и ќе дојде денот кога тие ќе тргнат да ги избркаат од оваа земја, луѓето кои го веат знамето на раздорот и сеат погубни идеи. Денес, повеќе отколку кога било, треба да го носиме Манифестот на привремената влада на Македонија од 1881 година, како знаме од чиста должност кон историјата што ја наследивме и иднината што треба да ја создаваме. Се менувале граници. Се рушеле држави. Империи блескале и исчезнувале, Секој Македонец треба да знае дека носи нешто што ретко кој народ во Европа го има: потекло што светот не можел да го избрише, ниту да си го припише. Токму затоа денес, кога притисоците се големи, кога европските апетити и регионалните политики се обидуваат да го замачкаат нашето име, народот е последната одбрана. Не со штит и меч, туку со самодоверба и достоинство кон сопствениот идентитет. Не можеме да си дозволиме да бидеме поколение што се двоуми, ниту да бидеме генерација што поверувала дека потеклото е нешто што може да се преговара или да се нуди како компромис. Ние сите и стари и млади ја носиме најголемата обврска, да продолжиме каде што нашите предци застанале. Македонија опстоила затоа што секоја генерација имала некој што ќе каже: „Јас сум Македонец“! |


















