|
|
| Полог се претвора во дива депонија |
|
Од Гостивар до Тетово ѓубре и диви депонии покрај патиштата и низ цело поле! Дали се возите по автопатот меѓу Гостивар и Тетово или поминувате низ полето во Полог речиси насекаде може да се забележи истата слика: расфрлано ѓубре и диви депонии. Поради лошото управување комуналниот и градежниот отпад често завршува покрај автопатот, низ полето и на Шар планина. Така од ден за ден се создаваат нови диви депонии и се продлабочува загадувањето на природата. Проблемот со дивите депонии претставува еден од најсериозните еколошки предизвици во регионот Полог. Отпадот не само што го нарушува природниот пејзаж, туку претставува и директна закана за животната средина и здравјето на луѓето. Обврската за отстранување на отпадот е на локалните власти, а надлежни за контрола се општинските инспекторати. Сепак, од општините често посочуваат дека инспекциските служби немаат доволно капацитет постојано да бидат на терен, што дополнително го усложнува решавањето на проблемот. Без координирано управување, континуирана контрола и поголема еколошка свест кај граѓаните, дивите депонии остануваат сериозна закана за природата. Дивите депонии и расфрланото ѓубре не ги загрозуваат само убавините на регионот Полог и на Шар Планина, туку и квалитетот на живот на жителите во целиот полошки регион. Граѓаните бараат поголема ангажираност од државните инспекторати за животна средина и итна координација со општинските комунални претпријатија и инспектори. Во спротивно, предупредуваат дека Полог ќе продолжи да се претвора во огромна дива депонија, каде природата и здравјето на луѓето ќе ја плаќаат цената на институционалната незаинтересираност.
Мане Јаковлески |
















