Среда, 13 Февруари 2019    PDF Печати Е-пошта
ЕСМА РЕЏЕПОВА – ТЕОДОСИЕВСКА – КРАЛИЦАТА НА РОМСКАТА ПЕСНА (10)

Katin1

ЕДЕН ДЕН СО КРАЛИЦА НА ПЕСНАТА ЕСМА РЕЏЕПОВА – ТЕОДОСИЕВСКА – I ДЕЛ

Илустрираното  монографско дело „55 години Есма со нејзината песна “ на авторот Славе Катин, издадена во 2015 година, на 410 стр страници, во издание на Издавачката куќа „Македонска искра“ и асоцијацијата „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“ од Скопје, а со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија е на македонски, англиски и ромски јазик.

Монографијата е посветенo на амбасадор на ромската песна и македонски музички освојувач на сите меридијани. Име познато и признато, уважено и респектирано во музиката. Вистината за Есма Реџепова – Теодосиевска е една необична, интересна и многу убава приказна, која е облагородена во оваа монографија и со авторовата имагинација, знаење и умеење, Есма е претставена како пример за афирмација на македонската и ромската песна и за Република Македонија.

Овој пат за читателите на порталот „Македонска нација“ ќе го презентираме интервјуто на авторот на овие редови Славе Катин со Есма Реџепова – Теодосиевска од 1 ноември 2014 година. Тогаш во „Домот на хуманоста и Музејот на музиката на Есма и Стево Теодосиевски“ водевме разговор со музичката ѕвезда Есма Реџепова-Теодосиевска, Кралица на песната, национален и истакнат естраден уметник и хуманист, позната и призната македонска и ромска интерпретаторка.

Инаку, во нејзиното семејство песната, музиката и фолклорот беа секојдневно присутни и беа дел од семејната традиција. Ја нарекуваа Кралица на ромската песна, жената која со својата неверојатна интерпретација ги урна музичките бариери во светот. Таа беше големата пејачка, чиишто концерти беа распродадени неколку месеци однапред.

Поради својата хуманост, беше номинирана за Нобеловата награда за мир, имаше одгледано и здомено 47 момчиња, и испеано многу хуманитарни концерти. Велеше дека е најсреќна дома, во својата Македонија.

Според признанијата и успесите што ги имаше постигнато, Есма Реџепова - Теодосиевска веројатно беше најуспешниот македонски естраден уметник на сите времиња. А, доколку навлеземе малку подлабоко во нејзиниот приватен и интимен живот ќе сфатиме дека таа беше нашата втора Мајка Тереза.

Katin2  Katin3

Есма во почетните години

Таа беше целосно поддржана од Светската организација на Ромите, од македонските и меѓународните лајонс-клубови и од 50 невладини, хуманитарни организации од областа на културата, уметноста, естрадата, хуманитарноста, женските движења и други асоцијации во Македонија и од балканските земји. Есма Реџепова-Теодосиевска беше лидер со нејзините севкупни хумани, добротворни, културни, уметнички и други остварувања посветени на мирот, човекољубието, толеранцијата и разбирањето меѓу народите и земјите, без разлика на нивната национална, етничка и верска припадност. Затоа и била номинира за еден од кандидатите за Нобелова награда за мир.

Во интервјуто, меѓу другото,  на одреден начин се потсетуваме на нејзиното минато кое беше исполнето со интересни мигови за еден врвен естраден уметник, како Кралица на ромската песна. Разговаравме за животот, делото, постигнатите успеси и сѐ она што го прави тој уметнички трон да биде огледало на музиката, на љубовта кон песната и на сѐ она што беше одлика на еден голем музички уметник кој постигнал врвни резултати во земјата и светот. Есма на достоен начин ја афирмираше македонската, ромската и другата музика, а со тоа и Македонија преку неа да биде позната и призната ширум светот.

Започневме со прашања од нејзиниот почеток до денот кога го водевме интервјуто со Есма како врвен, познат и признат естраден уметник.

КАТИН:  Вие сте Ромка од Скопје, како што велите  самата, воспитана сте од Вашиот починат сопруг Стево Теодосиевски, со кого го обиколивте светот и го ширевте сознанието за Скопје, за Македонија... Какви се вашите спомени за тоа време?

Katin4

Есма со семејството

Есма Реџепова: Со Стево Теодосиевски се запознав веднаш после мојот настап на манифестацијата за млади таленти „Микрофонот е Ваш“. На тоа натпреварување јас бев претставник на моето училиште „Гоце Делчев“, додека, пак, Стево во тоа време работеше како корепетитор за народна музика во Радио Скопје. Откако победив, Стево дојде во мојот дом и бараше согласност од моите родители за да може да станам член на Ансамблот „Теодосиевски“. 

Тие се договорија Стево да ме школува и да се грижи за мене до моето полнолетство. Стево вложи премногу во мојата кариера. Тој ме подучуваше на овој стил на пеење, јас сум негов производ и за сè што сум постигнала на професионален план му должам токму нему. Штом почна нашата соработка веднаш почнаа концерти, најпрво низ Македонија, а за кратко време станав многу популарна во цела поранешна Југославија и пошироко.

Стево Теодосиевски се договори со моите родители да ме школува до 18 години, а неговата мајка Параскева, која јас ја викам втора мајка, продолжи да ме воспитува.

КАТИН:  Каков беше Стево во приватниот живот? 

Есма Реџепова: Многу ми е мило да кажам дека во приватниот живот Стево беше многу мирен човек, исклучително внимателен како сопруг. Накусо кажано, тој беше глава на семејството и се грижеше за сите обврски во домот, освен за кујната и за готвењето. Секогаш се трудеше да ми биде убаво и ништо да не ми недостасува. Најболни и најтешки беа последните денови поминати со него. Знаеше од што боледува и знаеше дека набргу ќе дојде разделбата меѓу нас. Тие денови ги минувавме заедно.

Не сакав да поверувам дека болеста ќе го оттргне од мене. Ми беше многу тешко. Сакав да заминеме заедно. Тој го знаеше тоа. Ме молеше да не размислувам така. Со тивок глас ми велеше: „Ти ќе продолжиш таму каде што застанавме заедно, затоа што ако ти престанеш да пееш, јас навистина ќе умрам, а додека ти ги пееш моите песни јас вечно ќе живеам“. Тој аманет ме врати во живот и продолжив да работам исполнувајќи ја најголемата желба на мојот сопруг, Стево.

КАТИН: Се навршија 55 години дружење со песната, можете ли да ни евоцирате малку спомени, да нè потсетите на Вашите почетоци?

Есма Реџепова: Почнав да пеам како дете, на 11-годишна возраст во емисијата „Микрофонот е Ваш“. Тоа беше една многу популарна емисија на Радио Скопје. Директорот ми рече да пеам, но јас се плашев дека татко ми нема да се согласи. Но откако директорот на Радиото разговараше со него, тој ме пушти и јас освоив прво место со песната „Чајорије шукарије“.  Тогаш почна мојата кариера, а кога имав 12 години, во цела Југославија веќе беше популарна песната „Чајорије шукарије“.

Потоа, Стево Теодосиевски се договори со моите родители да ме школува до 18 години, а неговата мајка Параскева, која јас ја викам втора мајка, продолжи да ме воспитува. Така ми почна кариерата. Се преселивме во Белград и почнавме да правиме кариера во Европа, во светот. И ете, сѐ уште дишам, жива сум, пеам... Многу ми е жал што Стево не го дочека ова. Тој не е веќе меѓу живите, но неговата песна живее во целиот свет. На сите концерти ги пеам неговите композиции - „Милке, душо“, „На сред село тапан чука“, „Зошто си ме мајко родила“ и многу други, кои веќе се обнародија.

КАТИН: Денес после 55-годишна работа на естрадата, кога би требало да ги сублимирате сите настапи, подеми и падови и приватно и професионално, какви се Вашите размислувања за овој долг период?

Есма Реџепова: Навистина, горда сум што можам да се пофалам со толку долга и успешна музичка кариера. Ова е редок јубилеј, кој им го посакувам на сите мои колеги. Навистина, убаво е некој да може толку долго да се одржи на светската музичка сцена. На професионален план, во текот на овие 55 години постигнав многу, всушност, го достигнав врвот и долги години се одржувам таму.

Се закитив со многу награди и признанија, но, сепак, некако најдраги ми се титулите: „Кралица на ромската музика“, „Примадона на европското пеење“, „Милениумска пејачка“, како и номинацијата на Националното радио на САД кога бев избрана во 50 најдобри светски вокали на сите времиња. За да се постигне тоа, потребно е многу одрекувања и целосна посветеност на работата.

Katin5

Есма со Катин

Во приватниот живот, како што многу наши пријатели го потврдиле тоа, бев добра сопруга, домаќинка, мајка на нашите 47 синови и една ќерка. Секако, дека приватниот живот е исполнет и со среќа и со тага. Имаше моменти за кои мислев дека немам сила да ги издржам, дека нема да можам понатаму, но секогаш наоѓав сила и мотив повторно да се вратам во живот. Тоа беа моментите кога губев блиски членови на моето семејство, но, сепак, најтешко ми беше кога го изгубив мојот Стево. За среќа, во тие моменти покрај мене беа моите деца, кои ми даваа поддршка и заеднички наоѓавме сили да продолжиме понатаму.

КАТИН:  Може слободно да се каже дека Вие сте музички амбасадор на Македонија. Покажавте дека музиката може да ги урне сите бариери, и музички, и јазични, и верски. Како успеавте во тоа? 

Есма Реџепова: Навистина, на моите концерти сакав да ја афирмирам мојата Македонија. И тоа го чинев преку песната. На моите концерти собирам луѓе од различни вери. Еве, на пример, во Холандија, која е мешана, во Англија, во Америка, на моите концерти доаѓаат различни луѓе.

Мене, како глас, како интерпретација ме прифаќаат сите во светот и ме сакаат зашто јас сум специфична пејачка, нема таква во светот. Ме нарекуваат Кралица на ромската песна и можеби тоа е причината. Знаете, луѓето сакаат да го слушнат она што не можат да го слушнат никаде на друго место. Можеби и затоа моите концерти во светот се распродадени и по пет-шест месеци однапред.

Продолжува

Katin6

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Пешевска: Ситуацијата со Груби и пораката од Стејт департментот е силна порака дека никој нема да биде поштеден од закон

Ситуацијата со Груби и пораката од Стејт департментот, јас неколку пати кажав во јавноста дека е с...

Историја

News image

Декларација на Македонскиот комитет од Канада - Торонто, 10 август 1988

ДЕКЛАРАЦИЈА НА  МАКЕДОНСКИОТ КОМИТЕТ ОД  КАНАДА ЗА ЧОВЕЧКИТЕ ПРАВА И СЛОБОДИ НА МАКЕДОНЦИТ...

Иселеници

News image

ПАРТИЈАТА „ВИНОЖИТО“ ОД ЛЕРИН И НЕЈЗИНАТА УЛОГА (18)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

News image

ЕРУСАЛИМ – МЕСТОТО НА ГРОБОТ НА ИСУС ХРИСТОС (14)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Фељтон

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.