|
||||
| Петар Мазев |
|
Петар Мазев (10. II 1927 – 13. III 1993) е македонски сликар и педагог, една од клучните личности на модерната и постмодерната уметност во Македонија. Како водечка фигура во македонското сликарство, извршил значајно влијание врз уметници од повеќе генерации. Заедно со Лазар Личеноски Мартиновски се смета за еден од најеминентните претставници на експресионизмот. Роден е на 10 февруари 1927 година во Кавадарци, во сиромашно занаетчиско семејство. Завршил нижа гимназија во родниот град, а потоа направил неколку обиди за продолжување на образованието, меѓу кои и во Воено-занаетчиското училиште, кое не го завршил поради почетокот на војната. Уште од рана возраст покажувал изразен талент за цртање, по завршувањето на војната се запишал во Уметничкото училиште во Скопје. Во 1953 година заминал во Белград, каде студирал на Академијата за ликовни уметности. Мазев бил член на авангардната група „Мугри“, професор на Архитектонскиот факултет во Скопје и еден од главните иницијатори за формирањето на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Тој е еден од најзначајните современи македонски ликовни уметници. Самостојно изложувал во Скопје, Белград, Загреб, Њујорк и Љубљана. Во своите рани дела работел во експресионистички манир („Црвенокосата“, 1955; „Портрет“, 1957), а потоа преминал кон метафизичко сликарство („Оплакување“, 1958). Во шеесеттите години се насочил кон апстракцијата, создавајќи дела со мотиви и симболика блиска до македонското поднебје („Црвен град“, 1961; „Композиција“, 1962; „Манастирски пејзаж“, 1965; „Презреано жито“, 1965), кои оставиле длабок белег во историјата на македонското сликарство. По краткиот период на геометризам во седумдесеттите, повторно се враќа кон експресионизмот („Крст“, 1971; „Жена“, 1972; „Курбан“, 1978; „Мазохизам“, 1980; „Собир“, 1991; „Црвенокоса 2“, 1991; „Тројца“, 1993). Покрај сликарството, Мазев реализирал и значајни монументални дела. Меѓу нив се издвојува мозаикот во Спомен-костурница Велес (1979–1980), како и монументалната фреска во Скопската железарница (1967). Негови дела се наоѓаат во државни и приватни збирки во Северна Македонија, САД, Германија, Швајцарија, Србија, Хрватска и други земји. За своето творештво е добитник на повеќе значајни награди, меѓу кои „11 Октомври“ (1960) и „13 Ноември“ (1977), како и признанија од изложбите на Друштвото на уметници на Македонија. Мазев е и еден од основачите на политичката партија МААК. Починал на 13 март 1993 година во Скопје.
Подготвил: Т.К. |
















