|
||||
Илија Васков |
Илија Ганчов Васков, (Велес, 31. XII. 1934) - е специјалист по максилофацијална хирургија, редовен професор на Стоматолошкиот факултет и академик. Во 1959 година завршил Стоматолошки факултет во Белград, а Медицински факултет во Скопје, во 1968 година. специјализирал во Скопје, Љубљана, Берлин и Цирих. Правото да предава како професор го стекнува во 1972 година, а докторирал во 1981 во Скопје. Бил директор на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет и на Клиниката за максилофацијална хирургија. Од 1976 до 1979 година е член на работоводниот орган на УЦМН, а од 1976 до 1985 е нејзин директор. Васков едуцирал голем број на студенти по стоматологија и медицина, како и лекари специјалисти. Учествувал во повеќе научно истражувачки проекти, а неговиот стручно-научен дијапазон ги опфаќа сите делови на максилофасцијалната хирургија, од трауматологија до онкологија. Публикувал 120 трудови и учебници. За редовен член на МАНУ беше избран на 10.V.2000 година. Академик Илија Васков е роден на 31 декември 1934 година во Велес, каде со најдобар успех ги завршува основното и средното образование. Присетувајќи се за детството, академикот Васков на неодамнешната средба во неговиот дом, ни откри дека прв сосед на нивното семејство им бил познатиот револуционер, делегат на АСНОМ, Панко Брашнаров, кој бил учител. Па, често пати одел кај него да го испрашува и при тоа барал од него да му рецитира песнички. Откако ќе го ислушал, како Што ни вели академикот Васков, ќе му речел: “добро рецитираш, можеш и подобро“. Благодарение на Брашнаров, академикот Васков осмолетката ја завршува со “шестка“ која била највисока оценка во оценувањето во тогашниот образовен систем. Но, Брашнаров по рецитирањето на песните кои биле на бугарски јазик, ќе му речел “ние сме Македонци, а не Бугари“. Академикот Васков од 11 годишна возраст работи во градежништвото и ги извршувал најтешките работи. Иако заморен од работата, тоа не го спречувало да учи до доцна во ноќта и никогаш не се разделил од книгата, секогаш на часовите одел подготвен со научени лекции и напишани домашни задачи. Наставничкиот колегиум поради високиот квалитет на знаење го прогласува за најдобар ученик во велешката Гимназија. Потоа, своето образование го продолжува на Стоматолошкиот факултет во Белград, каде исто така, бил прогласен за најдобар студент на Белградскиот универзитет и дипломирал за рекордно време, во 1959 година. По враќањето од Белград, во 1961 година, беше избран за асистент по стоматолошка хирургија на Стоматолошкото одделение при Медицинскиот факултет во Скопје. За да може успешно да се справи со предизвиците на стоматолошката хирургија, тој напоредно го надградува своето образование, завршувајќи го притоа и Медицинскиот факултет во Скопје во 1968 година. Желбата да го прошири своето образование не завршува тука. Васков продолжува со своето усовршување и под менторство на повеќе реномирани професори, специјализирал во Скопје, Љубљана, Берлин и Цирих. Правото да предава како професор го стекнува во 1972 година, по одбраната на темата „Терапија на долновиличните фрактури“ (т.н. хабилитација), а докторирал во 1981 во Скопје со дисертацијата „Компресивна остеосинтеза во терапијата на долновиличните фрактури“. По завршувањето на специјализацијата во Берлин, во седумдесетите години на минатиот век, многу познат и богат професор од универзитетот во Берлин, на Васков ќе му понуди да остане да работи во неговата клиника и му понудил одлични услови за работа, плата и други бенифиции. При тоа му ветил дека по неговата смрт целото богатство вклучувајќи го и замокот ќе му припаднат. На, ова профеесорот Васков ќе му одговори. “Се враќам во Македонија, да му се оддолжам на мојот народ кој ми овозможи да го надградам своето образование. И Берлин да го постелете со златници, јас се враќам дома, бил категоричен Васков. Универзитетски центар на медицинските науки во Скопје беше центар кон кој гравитираа околу шест милиони жители на тогашна Југославија. На клиниките во Скопје, доаѓаа пациенти од Косово и Метохија, Црна Гора, Санџак и Јужна Србија. Васков како прв специјалист по максилофасцијална хирургија, чуствувајќи ја одговорноста и целата тежина да се одговори на потребите на пациентите, со помош на двајца помлади колеги, ги поставува основите на максилофасцијална хирургија и полека го развива тој дел од хирургијата. Тоа беа многу непреспиени ноќи за Васков, во кои тој проблемите ги совладуваше чекор по чекор. Односот на Илија Васков кон пациентот никогаш не бил само стручен и строго професионален. Секогаш за Васков грижата за пациентот била примарна. Со благ збор знаел да утеши, да охрабри, да најде надеж во безнадежноста. Секогаш гледал да му оддаде доволна почит на пациентот, да се запознае со неговиот внатрешен живот и психолошки да го подготви, за да може освен со лекарствата и хируршките интервенции, полесно да ги надмине маките и дисциплинирано да ги извршува препораките за лечење. Илија Васков беше директор на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет за максилофацијална хирургија. Во периодот од 1976 до 1979 година беше еден од тројцата членови на работоводниот орган на УЦМН, а потоа и директор од 1979 до 1985 година. Во овој период беше извршена реконструкција на Клиничкиот блок (Интерни клиники), беа изградени клиниките за Кардиологија, за Педијатрија и старата зграда на стоматолошкиот факултет, беше завршена доградбата на Институтот за радиотерапија и беше отпочната доградбата на Хирушките клиники. Илија Васков има објавено 120 трудови и учебници. Како исклучителен педагог и наставник, има едуцирано голем број на студенти по стоматологија и медицина, како и лекари специјалисти. За потребите на наставата, својата долгогодишна пракса, Васков ја преточува и во првиот учебник по максилофасцијална трауматологија, кој воедно е и прв учебник од областа на стоматолошките науки, објавен на македонски јазик. Првиот труд, како резултат на повеќе годишното искуство, „Трауматологија на лицевовиличните коски“ го објавува дури во 1983 година По него следуваат: „Остеосинтезата во максилофацијалната хирургија“ (1990); „Расцепи на усните и непцето“ (1993); „Хируршки атлас на заболувањата на максилофацијалната регија“ (1994) и др. Во своите трудови, Васков пишува само за она што тој го сретнува за време на својата пракса, додека го трасираше развојниот пат на максиофасцијалната хирургија во Македонија. Но на овој пат, Васков секогаш имаше активен однос кон традицијата, врз која се надградуваше. Тој своите стекнати искуства ги надградува врз основите кои што наназад со десетлетија, ги градело ова македонско општество. Илија Васков е редовен член на Европската асоцијација на максилофацијалната хирургија и на МАНУ. За редовен член на МАНУ е избран на 10.05.2000 година. Како академик, Васков беше претседател на Советот на лексикографскиот центар и член на Главната редакција која ја подготви Македонската енциклопедија, првата научна енциклопедија за Македонија, а која под притисок на јавноста беше повлечена. Академик Илија Васков е добитник на повеќе награди и признанија за севкупниот придонес за унапредување на медицинската наука и здраството во Македонија, меѓу кои: „13 Ноември“ (1986); „Св. Климент Охридски“ (2007); „К.П.Мисирков“(2008); „Гемиџии“ (2008) и др. |