|
||||
Антон Димитров |
Антон Филахтечев Димитров (с. Ајватово, Солунско, 1868 – Софија, 13. III 1933) –македонски деец, еден од основополжниците на Македонската револуционерна организација (МРО) и на идејата за создавање на самостојна македонска држав. Завршил егзархиска гимназија во Солун во 1889 година, а во периодот од 1899 до 1903 година студира право во Цариград и Лиеж, Белгија. Бил доктор по право. Во периодот од 1892 до 1897 година учителствувал во Солун, а потоа од 1897 до 1899 година во Битола. Автор е на учебници по турски јазик и по географија. Еден е од основачите на Македонската револуционерна организација на 23 октомври 1893 година. Од 1894 до 1896 година член е на ЦК и учествува на Солунскиот конгрес на МРО во 1896 година. Извесен период работи како учител и адвокат во Битола и Прилеп, потоа бил судија на Битолскиот апелационен суд. а по младотурската револуција и судија во Цариград. По Првата балканска војна емигрира во Бугарија. Во Софија бил активен меѓу македонската емиграција во Бугарија. Оставил пишани спомени за македонското ослободително движење. Антон Димитров е роден во 1868 година во село Ајватово, Солунско. Таткото Димитар и мајката Елисавета како земјоделци обработувале изнајмена земја, а во текот на зимскиот период се издржувале со плетење на кошници. Во работата им помагале неговите двајца постари браќа. По завршувањето на основното образование, Антон извесен период помага на семејството, а во 1879 година бил испратен да учи во егзархиска гимназија во Солун. Гимназијата ја завршува во учебната 1888/1889 година. Антон Димитров како одличен ученик добива стипендија и заминува во Цариград каде студира право на Вишото училиште. По пристигнувањето во Цариград привремено се сместува во училиште во Фанар, но лошата клима и слабата исхрана влијае на неговото здравје. На почетокот го изучува турскиот јазик и првата година успешно ќе ја помине. Во текот на испитната сесија од втората година се разболува и по совет на лекарите се враќа во родното место. Со наближување на новата школска година, здравјето на Антон не било подобрено и тој оди во Солун каде работи како учител во егзархиската гимназија. За неговото здравје се грижи лекарот Христо Татарчев со кого ги споеделува идеите за создавање Оргазнизација која ќе бори за автономија на Македонија. Оваа идеја ќе го задржи Антон подолго време во Солун. Во периодот од 1892 до 1897 година тој ќе предава турски јазик во Солунската машката гимназија „Св. Кирил и Методиј“, а од 1894 година предава и во турската гимназија во градот. Ширењето на идејата за автономна Македонија ќе ја предизвика Егзархијата, која на крајот на учебната 1892/1893 година ги отпушта македонските учители со изразени македонски автономистички ставови. Единствено го задржуваат Антон Димитров, бидејќи нема соодветна замена за настава на турски јазик. Настанот ќе ги предизвика македонските учители и другите прогресивни македонски дејци кои се организираат и ги засилуваат македонските позиции. На 23 октомври 1983 година во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов се оддржа состанок на кој Антон Димитров – учител од с. Ајватово, докторот Христо Татарчев од Ресен, Даме Груев - професор од Смилево, Иван Хаџи Николов – книжар од Солун, Петар Поп Арсов – професор родум од Богомила, Христо Батанџиев – професор родум од Гуменџе, Ениџе Вардарско, ги поставуваат основите на Македонската револуционерна организација со девиза „Автономија на Македонија“ и „Македонија на Македонците“. Уште од самиот момент на создавањето на Македонската револуционерна организација А. Димитров е поставен за член на Централниот комитет. Поново е избран за член на ЦК на Солунскиот конгрес одржан за време на велигденските празници во 1896 година. На оваа должност останува до втората половина на 1897 година, кога на барање на Централниот комитет на Солун заминува за Битола. Во периодот 1897 година до 1899 година А. Димитров работи како учител по турски јазик во Битолската егзархиска гимназија. Задачите на Организацијата ги извршува тајно, а за неговата активност е запознат само Пере Тошев и уште еден до двајца членови на Битолската организација. Додека работи како учител, во гимназијата наставниот кадар е поделен на Егзархисти и симпатизери на Македонската револуционерна организација. Митрополитот Грегориј Пелагониски се спротвставува на делувањето на Македонската револуционерна организација. Исто така тој се спротивставува на барањата да се воведе македонскиот народен говор во училиштата и црквите наместо бугарскиот јазик, а од гимнзаијата го исклучува професорот по Историја Цонев. Тоа ќе предизвика незадоволство кај македонските наставници и ученици. На 26 мај 1899 година, предводени од А. Димитров, доаѓа до бунт во Битолската гимназија. Егзархијата ќе го суспензира целокупниот наставен кадар, ќе го затвори гимназијата, а 18 ученици засекогаш ќе ги исклучи од егзархиските училишта. По затворањето на гимназијата во 1899 година, Антон Димитров ја остава сопругата со две малолетни деца кај нејзините родители во Прилеп и заминува во Лиеж, Белгија, за да го заврши правното образование. Во текот на првата студиска година, починало едно од децата, но тој не се враќа дома. Желбата да собере што поголемо знаење кое ќе го употреби во корист на сопствениот народ е поголема од трагедијата. Димитров останува во Белгија за да ги заврши студиите. Напразно го убедуваат неговите бугарски колеги по завршувањето да замине во Софија каде му се нуделе многу поголеми можности со неговата професија. Антон Димитров како член на ВМРО неможе да го погази ветувањето дадено пред другарите во Организацијата и во ноември 1901 година се враќа во Битола како доктор по право. Таму го затекнува уапсен и затворен Даме Груев. При посетата во затворот Груев во шега ќе му каже: „Кога Хилми паша ги наброја по име оснивачите на Организацијата, го испушти твоето име. Јас ја зинав устата да му кажам дека паша ефенди има уште еден, но си го каснав јазикот.“ Но, неговото враќање за Груев е многу важно зошто А. Димитров е потребен да им даде упатства на членовите како да одговараат пред административните, особено пред судските власти. По Илинденското востание во 1903 година, на барање на митрополитот Григориј, А. Димитров по консултацииите со членовите на Организацијата Пере Тошев, Горги Пешков и други, заминува во ноември за Прилеп како директор на егзархиското училиште. Во текот на една година како директор тој ќе успее да се справи со притисокот од врховистите, за што впрочем беше и испратен од Организацијата. Веќе наредната 1904 година, на барање на Хилми паша бил назначен за член судија на Битолскиот апелационен суд. Таквата позиција ќе му овозможи да ги заштитува членовите на Организацијата, како и месното македонско население. Виорот на Младотурската револуција повторно ќе го исфрли Антон Димитров во центарот на настаните. На барање на Младотурците, Димитров овозможува да се воспостави контакт со претседателот на Битолскиот револуционерен округ и Битолски окружен војвода, Милан Матов, како и да се постигне договор за соработка меѓу двете страни за престојната револуција. По младотурската револуција, иако негледа благопријатно на присуството на софиските преставници, учествувал во создавањето на Сојузот на конституциони клубови и на оснивачкиот конгрес бил избран за претседател. Со цел да се надминат недоразбирањата меѓу националностите во Османлиската империја, младотурците формираат Комисија во која влегуваат Антон Димитров, доктор Ангел Робев, како и двајца Срби, Грци, Власи и Албанци. Подоцна бил предложен за пратеник во османлискиот парламент, но во изборната кампања бил поразен од Панче Дорев, адвокат од Битола. По назначувањето на Хилми пзша за Голем везир во 1909 година, А. Димитров е повлечен од Битолскиот апелационен суд во Цариградскиот. На таа должност останува во текот на целата Балканска војна. Имајќи пристап до доверливи материјали, Димитров врши разузнувачки активности во корист на Организацијата. По завршувањето на Првата балканска војна, поднесува оставка како судија на 7 јуни 1913 г. и со семејството се враќа во Македонија. Патува со брод за Солун каде бил уапсен од страна на грчките власти. Успева да се врати во Битола, но таму паѓа во рацете на српските окупатори. Гледајќи дека животот му е загрозен од новите грчки и српски окупатори на Македонија, Димитров успева пред новата Меѓусојузничка војна, на 15 јуни 1913 г. да емигрира во Софија. Во Бугарија ја помога дејноста на Сојузот на македонските културно-просветни друштва и како нивен преставник учествува во тајните преговори меѓу Бугарија и Османлиската империја за добивање на автономија на Македонија. Во периодот од 1918 до 1918 година работи во бугарското министерство за правосудство, а потоа во Министерството за внатрешни работи. Во 1920 година бил избран за претседател на Извршниот комитет на македонските друштва во Бугарија, но по расцепот станал член на новоформираниот Федеративен македонски комитет. Големите поделби во македонското ослободително движење ќе го натераат да се повлече од активното дејствување во него. Иако во 1922 година предава турски во Бугарското трговско училиште во Цариград, тој веќе не ги застапува интересите на македонската револуционерна организација. Автор е на книги за турското законодавство, како и учебници по географија и по турски јазик. Оставил пишани спомени за македонското ослободително движење. Иако неговото дело долго било запоставувано, денес се смета дека тој е еден од основоположниците на идејата за создавање на самостојна македонска држава, како и еден од првите втемелувачи на македонската државност. Андон Димитров страдал од тешка болест и се самоубива на 13 март 1933 година во Софија. |