|
||||
Никодим Царкњас |
Уште како дете, неговите родители го воспитуваат да биде добар христијанин и свесен Македонец.Никодим Царкњас - Духовен воин кој се бори да го зачува јазикот на својот род Никодим Царкњас (с. С’ботско, Егејскиот дел на Македонија, 1942) – архимандрит, национален деец. Поради македонската национална дејност повеќе пати бил апсен. Го издавал весникот „Меглен“, но по интервенција на грчките политичари, било забрането натамошното излегување. По расчинувањето од Грчката православна црква во 1993 година, 13 пати бил осудуван за носењето на свештеничката мантија. Потоа го прифатила МПЦ со служба во манастирот „Св. Ѓорѓи“ во с. Кучково, Скопско. Ја изградил црквата „Св. Злата Мегленска“ во родното село во 2001 година, каде што одржувал богослужба на македонски јазик, поради што грчките власти го осудиле на три месеци затвор, за што се жалел и до Европскиот суд за човековите права во Стразбур. Николас Царкњас е роден во 1942 година, во селото С’ботско, Егејскиот дел на Македонија. Во родното место завршува основно и средно образование. По завршување на средното образование се запишува на богословското училиште во Солун, кое се трансформира во Теолошки факултет. По дипломирањето во 1973 година, бил назначен за ѓакон во манасторот Св Пантелејмон во селото Пателе, Леринско, а малку потоа, на 21 октомври 1973 година отец Никосим Царкњас станал старешина на црквата Св. Пантелејмон во Лерин. Уште како дете, неговите родители го воспитуваат да биде добар христијанин и свесен Македонец. Тргнувајќи по стапките на своите родители, тој станува вљубеник во Бога, добар човек, но и горд Македонец. Како свештеник ќе го проповеда Словото Божјо и Исусовите страдања, но, и за страдањата на македонскиот народ. Со пастирска љубов, тој застанува на чело на својот напатен народ за да се справи со проблемите со кои се соочуваат етничките Македонци во Грција. По долги подготовки, во 1978 година Царкњас го објавува весникот „Меглена“, во кој се обработуваа прашања за вработување на жителите од регионот, како и прашања поврзани со животот и историјата на Македонците. Водејќи сметка за актуелната политичка состојба, во списанието се поставуваат и текстови кои не се од интерес за македонскиот народ, што ќе овозможи првите критики од познати личности од политичкиот живот да бидат позитивни. Меѓутоа, набргу реагираат грчките политичари, воените власти и грчката црква. Митрополитот на Лерин и Преспа, Августин, го укорува Царкњас за употребата на името. Во 1980 година, на свештеничкиот собор во манасторот „Св Параскева“, Катраница (Еordaia), епископот Августин, искажа многу негативни критики за Македонците. На обвинувањата на леринскиот владика дека шири сепаратистички идеи, Царкњас ќе истакне дека тој е обичен Македонец кој „се бори за правата на Македонците а не за автономија.“ Сепак, искрата која беше фрлена го потпали антимакедонскиот оган, а леринскиот владика одлучува да го отстрани Царкњас од епархијата. На ваквата одлука се спротивставуваат верниците кои собраа повеќе од 500 потписи во одбрана на Царкњас, Тоа ги изненадува грчките власти, па, по обидите да Царкњас да изврши панахида на местата каде што биле закопани Македонците, жртви на граѓанската војна, како и да богослужи на македонски јазик, леринскиот владика во 1981 година донесува одлука за расчинување на Царкњас. Меѓутоа, уплашен од големата поддршка од светот и реакцијата на верниците, леринскиот владика одлуката за расчинувањето ја депонира, а го принудуваат Царкњас да ја напушти Леринската и Преспанската епархија. За случувањата во лиринската епархија дознава неговиот пријател од студентски денови епископот Амвросиј. кој во недостаток на свештеници му понудува на Царкњас да работи во Кукуш, Веќе во декември истата година Царкњас почнува да служи во епархијата на Кукуш, а во 1982 година, Никодим Царкњас бил примен во служба во Митрополијата во Кукуш. Во првите четири месеци проповеда во Кукуш, а потоа кукушкиот митрополит го назначил за претставник во градот Агиос Атанасиос во 1983 година. Месното население на Агиос Атанасиос го засакува Никодим Царкњас и топло го прифаќа „бегалецот“, иако е познат како „сепаратист“. Заедно работат напорно да се изгради голема црква, но процесот за елиминација на Царкњас од страна на „Државната информативна служба“ (ДПХ) веќе бил започнат. Како што распадот на Југославија беше се поизгледен, така се засилуваа активностите на грчката тајна полиција. Царкњас беше следен насекаде, а по домовите беа делени летоци кои имаа за цел да го оцрнат неговото име. Согледувајќи дека со нивните методи немаат резултати и дека месното население нема да го протера „сепаратистот“, ДПХ се обидува преку Црквата да го отстрани „Царкњас“. Иако работи напорно и претставува свештеник за пример, кој во меѓувреме дипломирал и на Теолошкиот факултет во Атина (1987), митрополитот на епархијата на Кукуш под закана од власта „или Царњас или тој“, му испраќа писмо на Царкњас во кое го обавестува дека има намера да го отстрани затоа што бил „опасен за грчкиот дел на Македонија“. Под притисок на јавноста (протести), Царкњас останува некое време во Кукушката епархија. Но, грчката полиција не мирува и прави секакви обиди за дискредитација на Царкњас. Во специјалната пропагандна војна против Царкњас, грчката полиција на населението му поделува незгодни експлицитни фотографии, по што Грчката православна црква го обвинува за сериозно нарушување на етиката. Меѓутоа, населението не наседнува на играта на грчката полиција и фотографиите ги носи на Солунскиот универзитет, каде на посебна работилница се докажува дека се тие добра фотомонтажа. „И слеп човек би видел дека фотографијата е лажна„- ќе изјави на работилницата еден од присутните универзитетски професори. По осамостојувањето на Република Македонија на 8 септември 1991 година дополнително се загреваат тензиите во Грција и на Новата 1992 година, четириесет грчки полицајци го уапсат Царкњас. Иако месното население се спротивставува и со жив штит го брани саканиот свештеник, грчките полицајци со сила влегуваат во Црквата и го апсат Царкњас. Во монтиран политички процес, Царкњас бил осуден условно на шест месеци заради промена на бравите на Црквата. Откако световните власти неможат да се справат со „опасниот сепаратист и агент на Скопје“, Светиот Синод на Грчката православна црква го изнесува случајот пред црковното правосудство. На 10 март 1992 година, тие го расчинуваат Никодим Царкњас, но дури по една година консултации одлуката станува правосилна. Во меѓувреме, Царкњас веќе станал свештеник на Македонската православна цеква (МПЦ), со служба во манастирот „Св. Ѓорѓи“ во с. Кучково, Скопско. По расчинувањето од ГПЦ, грчката полиција продолжи со оцрнувањето на името на Царкњас, а тој 13 пати бил осудуван за носење на свештеничката мантија. Сепак, и покрај сите препреки, понижувања, осуди, пресуди и лежења по затвори, поради својата богослужба на македонски јазик, Царкњас не се откажал од борбата за македонските права во Грција. Иницијатор и носител е на изградбата на црквата „Св. Злата Мегленска“ во неговото родно место. Со поддршка на македонските верници од земјата и странство, Црквата била осветена во 2001 година, и во неа Царкњас започнал да проповеда на македонски јазик. Тој ги разбудува националните чуства кај Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Со тек на времето, бројот на вернците кој на почетокот поради страв бил мал, се зголемува и сеуште се зголемува. Црквата станува симбол на отпор на македонското малцинство во Грција, кое учи да ги почитува своите корени, но истовремено станува и мета на напади на грчките националисти. Ваквиот став на Грција, ќе инструира деца кои вандалски ќе се однесуваат кон Црквата и неговиот дом во С’ботско, а Царкњас ќе биде осуден во 2004 година на три месеци затвор за воспоставување и работење на Црква без дозвола, а во 2009 година без докази судот го осудува Царкњас на шест месеци затвор за претепување на 12 годишно дете кое во 2002 година фрлало со јајца и камања врз неговиот дом, иако Царкњас само го привел до полициската станица. Всушност, сите кои се осмелија јавно да проговорат за македонското прашање во Грција, меѓу кои и Царкњас, се соочија со државниот систем, кои не прифаќаат ништо што е различно од грчкиот национален мит, а кој вели дека во Грција живеат само Грци, главно православни христијани. Затоа, Царкњас станува еден од иницијаторите кои покреваат постапка пред Судот во Стразбур против државата Грција, за да се овозможи на законски регистрирана Црква која ќе богослужи на македонски јазик и за озаконување на сите црковни и духовни активности. Отец Никодим Царкњас, со својата смиреност и истрајност, посветена работа за признавање на правото на сопствен јазик и црква на Македонците во Северна Грција, станува една од водечките фигури и симбол на движењето за остварување на националните и политичките права на Македонците од Егејска Македонија. За својата заложба за проповeд на македонски јазик, која претставува своевидна борба за зачувување на јазикот на својот род, културната манифестација „Македонски духовни конаци“ во август 2009 година му го доделува признанието „Духовен воин“. Господ да го чува Никодим Царкњас да истрае во неговата света мисија! |