|
||||
| Војдан Чернодрински |
|
Во 1894 г., заедно со неколкумина соученици Македонци во Првата машка гимназија во Софија, ја формира театарската група “Македонски зговор”, за чиј репертоар ги пишува едночинките “Дрварите” и “Во меаната” (играни во следната 1895 г.). Инспириран од една дописка во весникот “Реформи” ја создава најзначајната своја битово -социјална драма во пет чина “Македонска крвава свадба”, како прва драма на македонски народен јазик. Таа е премиерно изведена под специфични околности на 20 ноември 1900 г. во преполниот салон на “Славјанска беседа” во Софија. Во периодот 1900 – 1928 г. оваа пиеса има доживеано над 1000 театарски изведби во Македонија, Србија и Бугарија. Постигнатите успеси го мотивираат нејзиниот автор да пристапи кон организација на ансамблот што ја изведува. Така создава нова театарска трупа “Скрб и утеха” (13 мај 1901) што набргу прераснува во “Столичен македонски театар” и со тоа се удираат темелите на македонскиот модерен театар. Тој е автор и на првата македонска оперетка “Срешта”, посветена на Гоце Делчев по повод неговото загинување (1903). Во постилинденскиот период формира уште два театарски ансамбла: “Македонско-одрински театар” (1907) и “Илинден” (1923), а во 1936 г., во рамките на новооснованиот Македонски литературен кружок околу Редакцијата на в. “Македонски вести” во Софија, прави интервенции во својата “Македонска крвава свадба” и таа се изведува во новооснованиот Македонски народен театар. Оваа драма е преобјавувана и изведувана од македонското иселеништво во САД, а живее и денес во МНТ во Скопје. Создава и други драмски текстови (на македонски и на бугарски јазик), објавени во пет тома во “Собрани дела”, подготвени од А. Алексиев (Скопје, 1976). - МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА - МАНУ, Скопје 2009 Напишано од Дедо Варадин Превземено од Лоза |



(с.Селци, Дебарско, 2 октомври 1875 – Софија, 8 јануари 1951) – основоположник на македонската драмска литература и на македонската театарска дејност, поет, драмски автор, општественик, публицист.










