|
||||
Владимир Каваев |
Владимир Каваев (1880 - 1931) е македонски лекар, хирург, учесник во Октомвриската револуција. Бил личен пријател и соработник на В. И. Ленин и работи како главен лекар на Петроградската околија. По враќањето во Македонија, истата година станал градоначалник на Струга (1923 – 1927), каде има особени заслуги за сузбивањето на маларијата. Владимир Каваев е роден во 1880 година во Струга, во сиромашно семејство. Тој бил второ дете на Фросина и Јаким, син на поп Јосиф Каваев кој бил набиен на колец во село Радожда од тогашните злосторници. По завршувањето на основното четиригодишно училиште во родното место, учи во Охрид, а потоа го продолжува своето образование во битолската гимназија. Уште од мал Владо покажувал посебен интерес кон учењето, меѓутоа материјалната состојба на семејството била лоша, па додека се школува во Охрид и Битола, тој морал истовремено да учи и работи. Иако мошне млад, Владо Каваев тргнал кон Цариград, како своја крајна дестинација. На пропатување низ Солун, случајно го сретнал Јане Сандански, кој го повел со себе во Неврокоп. По препорака на Сандански, Егзархијата го стипендирала неговото образование на Духовната семинарија во Цариград. Владо кој бил бистро момче, лесно ги изучувал јазиците, и станал полиглота и преведувач. По завршувањето на семинаријата, како одличен ученик бил испратен на Света Гора. Но, монашкиот живот не го привлекувал и по извесен период повторно се вратил во Цариград. Привлечен од делата на рускиот писател Максим Горки, кој во срцата на обесправените палел револуционерен пламен, Каваев во цариградските списанија објавува статија за него и превод на неговата „Песна за буревесникот“. Поради овие написи, кои го привлекуваат вниманието на цариградската полиција, тој бил уапсен и лежи шест месеци затвор. Принуден да го напушти Цариград поради својата револуционерна дејност, Каваев прво оди во Бејрут, каде две години се школува во Американскиот медицински колеџ. По затварањето на медицинскиот институт, Каваев во 1909 година заминал во Петроград, каде што завршил Воено-медицинска академија. Владимир Каваев истовремено се школувал и на Институтот за историја на народите на Блискиот Исток, а по завршувањето на студиите, во 1916 година, го издава својот „Англиско – арапски, персиско – турски речник“. Во текот на Првата Светска Војна, Каваев работи во воената болница во Петроград, каде во 1916 година се запознал со својата идна сопруга Елена Етингер. По започнувањето на февруарската револуција во Русија во 1917 година, на 4 април 1917 година, Владимир и Елена се наоѓаат меѓу луѓето на железничката станица кои го пречекуваат В. И. Ленин при враќањето од прогонство. Елена била личен пријател на Ленин уште од Швајцарија, каде тој бил чест гостин во домот на нејзиниот брат Адам Етингер. Владо Каваев станал личен пријател и соработник на Ленин. Во јулските демонстрации тој ги лекува повредените болшевици, а потоа за време на Октомвриската револуција учествувал во уличните борби во Петроград. По Октомвриската револуција, Петроградскиот совет го избира за главен лекар во Петроградскиот округ. Во меѓувреме, Каваев станува претседател на Балканската група на емигранти револуционери, која е блиска на болшевиците. Со петиција од 5.000 потписи, балканските емигранти бараат од советските власти Владимир Каваев да биде конзул за сите емигранти од Балканот. Ленин го прифатил ова барање, па покрај лекарските обрски, Владо почнал да работи на репатријацијата на емигрантите, односно на извлекување на балканските славјани, но и Грци, кои се затекнале во Русија за време Октомвриската Револуција и Татковинската војна. Владо станал вистински Месија за балканските емигранти. Успешно ја спровел оваа мисија, а по повеќегодишно отсуство од својот дом и самиот почнал да тагува по Македонија. Иако од Ленин им биле понудени секакви услови да останат во Русија, носталгијата по родниот крај била поголема. По ветувањето дека еден ден повторно ќе се вратат, Ленин им помага на семејството Каваеви да ја напуштат Русија. Во 1920 година, со својата сопруга, со која стапил во брак на 14 февруари 1918 година, доаѓаат во Берлин, каде Владо специјализира хирургија, а Елена педијатрија. Потоа Владо и Елена Каваеви кратко живеат во Полска и повторно се враќаат во Берлин. Карнегиевата фондација му понудила на Владо големи пари за да ги води извесно време низ Советскиот сојуз. Но, носталгијата кон родниот крај е посилна од сите богатства и титули, па Владимир и Елена Каваеви доаѓаат во Македонија во 1923 година. На изборите во 1923 година Владимир Каваев е избран за градоначалник на Струга и на таа функција останува до 1927 година. Во тоа време, градот немал вода за пиење, па царувале маларијата и цревниот тифус. Владо и сопругата се зафатиле со изградба на антималарична станица, а со поддршка на тогашната влада и лично учество донеле багер и започнале со исушување на калта, кое беше легло на комарците. Во овој период, во градот биле направени и првите јавни бањи и перални. По направените први чекори во сузбивањето на маларијата, сопружниците извесен период како лекари работат во Албанија. Во 1927 година, Каваеви се преселуваат во Охрид, каде Владо ги поминал последните години од својот живот. Владо Каваев бил човек со широка култура, човек кој знаел неколку светски јазици и бил вљубеник во археологијата. Меѓутоа, животниот пат на овој голем хуманист и лекар, бил краток. Заболен од рак на грлото, заминал на лекување во Загреб, каде умира за време на операција. Владо Каваев починал на 11 јули 1931 година, во Загреб. |