|
||||
Елегии за тебе |
1. Вчера си појдов наминав низ таја гора зелена под тија буки високи по ќилим сенки широки. Одев со глава замаен наведнат, мртов, зачмаен, одев со грутка на срце и каракамен на гради. Деј гиди горо зелена! Деј гиди водо студена! Пилците пеат - ти плачеш, сонцето грее - ти темнеш. Ако ги криеш коските на дели млади јунаци тука што лежат по тебе за тија темни дубрави - зошто ги таеш песните? Зошто по тебе дрвјата и на дрвјата гранките и на гранките лисјата шумолат скришно таговно? 2. Таму горе на небото зора руди, земја буди, ден морави шири крила и алова точи свила, таму зора црвенее - мое срце ми црнее. Ископајте длабок бунар извадете ладна вода натопете лути рани да не горат, да не болат. Зоро златно и румено! Зоро слатка посестримо! Ти изгреваш на далеку — да ли еднаш ќе изгрееш силно, силно, дури милно над долови и над гори над полиња и над реки над мојата татковина? 3. Два брега - двата стрмнини. А од брег на брег танок мост. Под мостот вода морава - тече и мие ранава. Тече од векот вековит и нова и с? понова, тече, а тука маките с? стари и с? постари. Тече и влече со себе сичко што стои пред неа, а на брегови животот чмае у троскот зараснат! Течи ми водо студена! Течи си — рони брегови! Течи - и нам низ срцето нели и крвта ни тече? 4. Скотски е, скотски живот аргатски у темно заѕидан, до скот сме сниско попритиснати на овој свет убав. Кој ни ги скрши белите крилца крилца на галаби бели? Кој ни замати извори бистри извори на души чисти? И кој раздвои, и кој раздвои човек од човек со ѕид? И кој направи, и кој направи човек на човека роб! Та човек од човек да страда и тегне и бега од лулка до гроб! 5. Ти да знаеш, паметуваш и ем да си на ум имаш - работник си - и работник ти ќе паѓаш и се дигаш. Луњи ли ќе пусти дојдат сонце ли ќе јасно грејне - патиштата, патиштата пред тебе се на борбата. Како смртта вечна што е така борба долго трае. Но од смртта е посилна по патиштата борбата! 6. Исцедете, ограбете пот и труд и меса голи, уста пуста затворете да не каже оти боли. Очи црни ископајте да гледајат не давајте, раци машки прекршете срце лудо наранете. Угаснете и светлини! Мрак да биде - каракамен. Има, има - в темнината нешто живо пак да свети: има болка на душата има души наранети. Болка боли - болка гори болка тече, душа мори. А болката кога свети - тешко, тешко, тешко клети! |