|
||||
КРСТЕ МИСИРКОВ ШЕТА НИЗ ГЕВГЕЛИСКИТЕ УЛИЦИ И ВРШИ ПОПИС НА НАСЕЛЕНИЕТО |
КИРИЛ КАНГОВ Во ореолот на раздорот Апокалиптична ажда не дави Поснопица дијаболична не прогонува Додека надвор векот се сменува Јас сум зафатен со разрешувањето И со таинствени средства се довлекувам Во кожурната зора на Гевгелија Во географскиот центар на Целокупна Македонија .
О јас зафатен со разрешувањето Довикувам нови епохи низ мене да чекорат И се мешаат тие глетки во привидение Додека пијам кафе во хотел Отоман Славјанство мое , судба ти сурова, Четири немајчини јазици слушам Се мешаат тие глетки во мене Додека сонцето копринени зраци влачи Прочепкувам во моето срце Тоа испраќа итни пораки Треба уште многу нешта да се сторат, ми вели И се растрчувам , се сновам по сокаци Низ улици кај потоци тонат Зафатен со разрешувањето Скитам по усвитеното сонце на Гевгелија Пладнето пука, јас ве пребројувам Сосе куќи, сосе коњи, сосе стада И ви велам вам и на сите Колку сте и толку да сте И кој да дојде, тука да сте Оти се повторуваат настаните Од пред нашето постоење.
Се вртам ко птица од растурено јато Со тешки мисли , чувства во пена И прпелкам околу, извидувам Треба уште многу нешта да соберам Фотографска снимка на живеачката Математички портрет на населението Проспекти за модерното истребување Звучни албуми на тажачката, Јас сведок во бел свет пробивам пат За сведочење собирам материјал . |