|
||||
Ова дуња, мамена дуња |
Валентина Ѓоргиевска Парго „Ова дуња мамена дуња“Уште ко да ја слушам баба ми Zore да ми вели „Навечер легвиш, сабајле не знеш даљи ќе са разбудиш, наутро ќе та разденит, навечер не знеш даљ ќе та стемнит!“ Пусто бољче! Пуста бољка! Гулабица. Ми одлета! Денес не мислам на вчера, Денес не мислам на утре, Денес не мислам на Ти Денес не мислам на тој Денес не мислам на Тебе Денес не мислам на него Денес, за секој случај, правам тестамент. ...Самотијата ќе ја оставам на волците срамотијата ќе ја закачам на колците. веселоста ќе им ја потпишам на светулките радоста ќе ја пренесам на пеперутките тежината ќе им ја оставам на грутките итроста, за инает, ја давам на утките вселената, на кучките. ...Слабоста ќе ја дарувам на храбрите Гордоста, на душманите. Копјата, на тираните. Огнот, на разгорените ќумурот гламна, на догорените синџирот, на дотолчените беспарицата, на замолчените копнежот, на заробените татнежот, на заглушените бурата, на здрвените виножитото, на стресените фануријата, на измачените ...дереџето, на стопените фереџето, на подведените неверството, на забранетите брливоста, на разгалените крстот, на скршените милоста, на зашеќерените. ...Пурпурот, на девиците Крвта блага, на пијавиците белината, на гулабиците. Часовникот „тик-так“, на отчуканите каменот, на чичко стар и слеп чадорот, на поразен боем крикот, на раздробен поет. ...Сјајот, на обележаните Срамот, на, со прст покажаните плачот, на распарталените чемерот, на пукнатите. ...Тактиката, на војниците. Отровот, на осојниците Цутот, на недораспупените Занесот, на нерасонетите. страста, на недоречените. танцот на ненаиграните. Цвеќињата, на починатите. ...Благовестието, на тазе зачнатите Пустелијата, на невечаните широчината, на оддалечените длабочината, на паднатите височината, на летнатите далечината, на изрезилените. ...Перјаницата, на неизедначените мирот, на поданиците грижата, на грешниците ...Медот, на даровниците. Ноќта со фенери нека ја параат вљубените. А кому јас да ја оставам тагата од овој тестамент? На некој ЧОВЕК, нему му е ред... (Ова дуња, мамена дуња- преспанска изрека која значи- Овој живот/реалност, лажен живот) |