|
|
| НИКИ МИШЕВСКА – АФИРМАТОР НА МАКЕДОНСКАТА ЗАЕДНИЦА ВО МЕЛБУРН |
|
ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО АВСТРАЛИЈА Ники Мишевска е типична леринчанка, Македонка чиј животни врвици и судбина се испреплетуваат од Беломорието, каде е родена, Македонија, каде е одрасната и демократска Австралија, каде и’ е местото на постојаното живеење. Таа е Македонка и по душа и по срце; благородна, и се интелигентни, добротворна и измачена македонска душа, која видела и добро и зло. Ники Мишевска е познат и докажан активист, хуманист и голем борец за афирмација на својот македонски род во мултиетничката заедница на државата Викторија и пошироко, во битката за зачувувањето и пробивот на вистината за долгата македонска цивилизација и историја, за македонското име, јазик, култура и други вредности и посебности. Оваа доблесна Македонка имала само четири години кога во текон на „Граѓанската војна во Грција“, со дел од нејзиното семејство заминале на долгиот пат кон далечната земја. Останале зад нив убавото село Арменско, во леринскиот крај, во Егејскиот дел од Македонија, место, впечатливо и препознатливо со силниот непокорлив дух и со зачувувањето на традиционалните семејни и обичајни вредности во таа оаза од зеленило и спокој. Инаку, родното место на Ники, село Арменско се наоѓа 5-6 км на запад од Лерин и е расположено на долниот крај на таканаречената Леринска Долина под самата Бигла на почетокот на Леринската Река која извира над селото. Според податотиците на Ѓорче Петров од крајот на XIX век Арменско имало 120 куќи со околу 720 жители, кои биле под духовно живеење на Грчката патријаршија. За семејството на Ники Мишевска останале за навек спомените на мирисот на цвеќињата и расцутените костени, за дружбата со врсниците или безгрижната игра по ливадите, градините и белите друмови. А подоцна, кога и било дозволено да го посети родното место Арменско, во тие денови полни со носталгија, ја понесувале средбите со најсвоите и ритамот на музиката што се чува од поколенијата. Па кога ќе грмнеле тапаните на празниците, Ники не можела а оро да не поведе, играјќи го „Куцаното“, онака за своја душа и релакс, и на задоволство на тие кои уживале во убавината на македонските ора и песни. Животните приказни на Ники со сопругот Борис им се вкрстуваат во Мелбурн, во Австралија, каде што е нивната семејна идила, заедно со потомците Џони и Кристина. Во изминатите децении Ники била иницијатор и активно вклучена во разни кампањи, а почнала со хуманитарните ангажмани во Македонскиот добротворен одбор во општината Резервор, а потоа и во Македонската добротворна организација „Бандура“. Таа многу ангажирано помагала главно на нашите луѓе, кога тие се соочувале со различни проблеми, а особено на оние, кои не го владееле англискиот јазик, и за кои не било лесно прилагодувањето во новата непозната средина. Кога се зборува за организираното дејствување на Македонците во Австралија, треба се каже дека тоа го опфаќа мнозинството македонски доселеници. Притоа, важна компонента на ваквото организирање е тоа што тие се сплотени во самостојни асоцијации, пред се’ цркви и црковни општини, во кои членуваат Македонци, без оглед од кој дел на Македонија потекнуваат. Притоа, верско-националните објекти иселеничките организации и нивното членство постојано се зголемуваат, а нивната активност се проширува и квалитетно се подобрува.Така, во изминатиот период се постигнати видни резултати во духовниот и културно-просветниот живот. Создадени се бројни македонски цркви и друштва, организации, спортски клубови и други форми на дејствување, во кои масовно се собираат македонските иселеници. Меѓутоа, од особено значење за активноста на македонските иселеници е создавањето на македонските православни цркви и црковни општини. Ники Мишевска несебично и посветено се вклучила и над 30 години волонтерски работела во Македонската црковна општина „Св. Димитрија“ во Спрингвеил, како прва жена во управата а подоцна, ќе биде и прва сонародничка во епархиското собрание. Во тие времиња, заедно со дамите-ентзијасти, ја формираат игроорната група „Македонка“ во која членувале стотина млади, кои со голем успех го претставувале нашето фолклорно богатство, преубавото македонско фолк-наследство на разни манифестации и фестивали. Исто така биле формирани пензионерска група, хор, и училиште за децата да го учат македонскиот јазик под покровителство и на црковната општина, а и на државата. По иницијатива на Ники Мишевска, во Мелбурн било отворено и училиште за македонски јазик, но, претежно за возрасни доселеници од Беломорска Македонија. За тие, кои во родниот крај, поради голготата што ја минале од режимските жандарми и цензури, не можеле ни да го зборуваат, а не пак да го учат македонскиот јазик. Хуманитарната волонтерска работа е дел од животот и посветеноста на Ники, како и на сопругот Борис Мишевски. Таа била и познат активист во Државната организација, односно во Националниот одбор за борбата против канцерот во Австралија, најдиректно и максимално ангажирана во македонската заедница. При тоа, посетувала низа семејства, поединци и места со разни совети за превентива од опасната болест. Исто така, оваа активна дама има донесено медицински помагала во Битола, и на хуманитарната организација на жените болни од канцер во Република Македонија, а донела и ехо апарати за медицинските центри во Битола и во Прилеп. Заедно со Лиле и Јанко Георгиевски и со Живко Брзаковски, брачната двојка Ники и Борис Мишевски се основачите на Австралиската хуманитарна организација во Македонија. За својата активност, мисија и неуморна долгогодишна работа, таа е добитник на повеќе признанија и повелби. Инаку, Ники Мишевска кога по неколку години од стапувањето во брак посакале да појдат до нејзиното родно Арменско, Грците не ги пуштиле, а мааната била – оти ги венчал македонски поп. Но, подоцна со упорност, докази и покази, сепак, работите се промениле и ја поминува грчката граница и по толку време стапнува во својот роден крај. Таа се нашла и на насловни други страници од неколку весници во Австралија, облечена во убава македонска народна носија, и со гордо кренато знаме со сонцето во рацете, кога била на собирот во Донкастер во Мелбурн. Големиот број Македонци на овој собир го кренале гласот, барајќи, името подалеку и посилно да се слуша, и слободно да се вее пред општината и македонското знаме, по повод националниот празник Илинден. Многу летни месеци во изминатите децении, Ники и Борис Мишевски направиле повеќе посети на нивните родни места во Арменско, Леринско, и на Бучин, Прилепско. Бескрајно уживајќи во убавините на Македонија, секогаш крстарејќи низ разни места, окружени со богатата македонска природа, бидејќи се со песните на птиците, со далгите на Охридското Езеро и со шумолењето на вишните, костените, оревите, јаболката и маслините. Сѐ на сѐ, незаборавни роднокрајни дни во динамичниот животек, исполнет со спомени кои одново ги враќаат на изворот на нивните македонски корени. Ники и Борис Мишевски овие години спокојно ги живеат своите пензионерски години во Мелбурн, ама Ники никако не застанувајќи со нејзиното добротворство и хуманост. Туку секогаш беспоштедно помагајќи од срце, насекаде, кога може и колку што може, особено во Република Македонија.
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |


























