|
||||
Илинденски денови слави 40. роденден |
Републичкиот фестивал на народни песни и игри Илинденски денови, кој традиционално се одржува во Битола, годинава прославува 40-годишнина од формирањето. Низ годините манифестацијата стана стожер за духовно поврзување на Македонците од целиот свет, огледало на културната разновидност на нашата земја, а со својата интернационализација стана мост за поврзување со вљубениците во народната култура од целиот свет. Креирајќи и практикувајќи го континуитетот на традицијата и годинава, Центарот за култура-Битола од 29 јули до 1 август, во чест на Илинден, во чест на народниот уметник кој ја создавал традицијата, вдахновен од верскиот празник Свети Илија, ќе ја отвори фестивалската сцена. На неа ќе настапат групи и ансамбли од Македонија, Словенија, Хрватска, Србија, Бугарија и од Грција. Инаку, во аналите е запишано дека првиот Републички фестивал на народни песни и игри Илинденски денови се одржал од 30 јули до 2 август во 1971 година во летната бавча на Домот на армијата во Битола и тогаш учествувале дваесет фолклорни ансамбли од Македонија. Од воспоставувањето на фестивалот до денес учествувале 1.492 фолклорни групи и ансамбли и над 40.000 игроорци и инструменталисти. По повод големиот јубилеј, утре ќе биде промовирана и брошурата „40 години традиција-Републички фестивал на народни песни и игри Илинденски денови“ во Националната установа Центар за култура-Битола. Извор: Дневник |