|
||||
Денови на Св.Кирил и Методиј – културен мост меѓу Македонија и Словенија |
Словенечкото здружение „Франце Прешерен“ – Скопје, во рамки на проектот „Денови на Св. Кирил и Методиј - културен мост меѓу Македонија и Словенија“, денес 10.11.2010 на Филозофскиот факултет во Љубљана - Катедра за македонски јазик и книжевност, организира предавање на професор д-р Анета Серафимова, на тема „Ликовни рефлексии на сесловенската мисија во Македонија“. Предавањето што организирано во соработка со љубљанскиот Филозофски факултет, Институтот за историја на уметноста и археологија при Филозофскиот факултет од Скопје и Кинотека на Македонија, ќе биде збогатено со изложба „Македонски ликовни амблеми - портретите на светите Кирил и Методиј, Св. Климент Охридски и Св. Наум Охридски во уметноста во Македонија од 9 до 19 век“ и проекција на документарниот филм „Кирил и Методиј сесловенски учители“ на режисерот Трајче Попов. Во соработка со Младинскиот културен центар – Скопје, здружението „Франце Прешерен“ на студентите кои студираат на Катедрата за македонски јазик и книжевност при Филозофскиот факултет во Љубљана бесплатно ќе им ја подели книгата „Новеченто“, од авторот Александро Барико. Првиот дел од проектот „Денови на Св. Кирил и Методиј - културен мост меѓу Македонија и Словенија“ беше реализиран на 18 мај годинава во Скопје со организирање неколку настани на кои беше промовирана словенечклата култура. На 30 јуни во Љубљана, здружение „Франце Прешерен“ организираше предавање на тема „Мегалитската опсерваторија Кокино во 2000 год. п.н.е“. Проектот „Денови на Св. Кирил и Методиј - културен мост меѓу Македонија и Словенија“, што го реализира Словенечкото здружение „Франце Прешерен“ - Скопје, со поддршка од Генералниот секретаријат на македонската Влада, има за цел зајакнување на македонско – словенечкото пријателство преку промоција на националните, културните и научните вредности на Словенија во Македонија, како и промоција на македонските вредности во Словенија. Планирано е овој проект да стане традиционален. |