Во прекрасниот планински амбиент на некаде три километри оддалеченост од селото Согле во склоп на Општина Чашка а на 30 километри југозападно од Велес во месноста наречена Азот се наоѓа манастирот посветен на Пресвета Богородица. За манастирот има многу сиромашни податоци од она што е запишано и што е прераскажано од генерациите се знае дека е изграден во 1836 година од страна на месното население со помошта од околните села: Богомила, Бистрица, Теово, Папрадиште, Еловец, Р’левци а во неговата изградба учествувале и припадници од муслиманска вероисповед. Ако сакате да стигнете до манастирот треба да знаете дека од селото Согле до него ќе треба да одите по земјен пат. Кога ќе пристигнете до манастирскиот комплекс ќе ве пречека манастирската црква, камбанаријата и старите конаци но и новите конаци и камбанарија кои се градат. Старите конаци се опремени располагаат со опремена кујна и 14 соби за престој но истовремено нудат и услови за одмор и рекреација. Манастирскиот живот е возобновен по подолг временски период и денес во него живеат двајца монаси, Александар и Авакум. Во изминатите години се вложуваат големи напори да се поправи манастирот и да се врати во неговиот некогашен сјај со кој што се одликувал во минатото. Иако не постојат сигурни црковно-историски записи за овој Божји храм се знае со сигурност дека бил создаден во времето кога во селото немало голем број на муслиманско население односно пред населението да се муслимизира. Во периодот од 1850 до 1855 година е запишано дека се поправени конаците и црквата која што е три куполна. Кога ќе влезете низ дрвената порта на манастирската црква ќе го видите дрвениот иконостас на кој што е поставена иконата на Пресвета Богородица која што е стара 150 години и која што ги има преживеано сите премрежја на манастирот. Оваа икона во народот е позната како икона на Мајката Божја-Согленска и која до денес прави чуда. На 25-ти Август 2007 година започната е изградбата на новите конаци и на камбанаријата кои што сеуште се во изградба. Иако целиот комплекс денес е под изградба и во него се вршат разни градежни зафати сепак манастирската црква плени во просторот кој што во лето е прекрасен затоа што е заобиколен со шума и дејствува моќно во просторот. Глетката за очите е пријатна а во срцето се чувствува душевниот мир и спокој кој ќе го понесете со себе по посетата на овој величествен храм посветен на Рожденството на Пресвета Богородица. |