|
||||
| Кривични пријави против 10 лица за транспортот на марихуана кон Србија |
|
Истрагата може да доведе до многу важни имиња, поврзани со СДС, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ, како и други поранешни функционери, изјави Премиерот Мицкоски. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривични пријави против 10 лица, од кои двајца веќе се во притвор, додека за останатите се определуваат мерки од судија на претходна постапка. Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, осомничените директно или индиректно учествувале во транспортот на марихуаната од земјава кон Србија, дрога што беше запленета на српска територија. Тој е дел од поширок контекст на сериозни заплени и акции во последните години. Само во првата недела од февруари 2026 година полицијата соопшти дека во рамките на координирани акции биле запленети над 40 тони марихуана и биомаса, девет тони во објект во Скопје и повеќе од 31 тон кај правни субјекти во источниот регион на државата. Претходно, 27 тони марихуана беа запленети во операција поврзана директно со шверц кон Србија, една од најголемите поединечни заплени досега. Како е пренесена Марихуаната од Македонија во Србија? Премиерот Христијан Мицкоски објасни дека на границата се врши стоп и проверка на карго товарот, при што контролата ја спроведуваат и македонски и српски службеници. Кога стока се извезува во Србија, контрола врши српската царина, а кога стока влегува од Србија во Македонија, контролата ја врши македонската царина. Според него, од другата страна на границата постојат механизми за дополнителна проверка, најверојатно врз основа на документација што го придружува товарот. На директното прашање дали ваков транспорт може да се реализира без инволвираност на институционални лица, цариници или гранични полицајци, премиерот одговори дека тоа е апсолутно возможно и повика јавноста на трпеливост додека трае истрагата. Премиерот Мицкоски најави дека истрагата може да доведе до „многу важни имиња“, поврзани со СДС, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ, како и други поранешни функционери. |





















